Лајшманија
Лајшманија (Leishmania) е едноклеточен паразит, предизвикувач на паразитското заболување лајшманиоза.[1]
Особености
уредиПриродна средина (т.н. резервоари) на паразитот се: луѓето, кучињата (домашни и скитници) и глодачите. Кај кучињата карактеристично е паѓањето на влакната, посебно околу очите и воспалителни промени на слузокожата на очите.
Постојат повеќе од 30 видови лајшманија, кои по влегувањето во организмот ги напаѓаат макрофагите (клетките на одбранбениот систем) и се размножуваат во нив. Ако не се лекува, лајшманиозата станува сериозно заболување кое може да има и смртни последици.
Пренесување
уредиПренесувањето на паразитот го врши заразена женка на мушичката Phlebotomus papatasi, која живее во топлиот климатски појас. Во умерениот климатски појас активни се во текот на долгите, суви и топли лета.
Овие инсекти меѓу народот се познати како невиди. Слични се на комарците, т.н. влакнести или песочни мушички, долги се околу 2-2,5 мм, и тешко се воочливи затоа што се ситни и не создаваат звук додека летаат. Активни се во летниот период, на изгрејсонце и зајдисонце, а преку ден се повлекуваат и не напаѓаат, ако не се вознемирувани. Живеат во рушевини, ѓубришта и камени меѓи. За разлика од комарците, полупречникот на движење на невидите е мал (околу 100 м) и најчесто е околу леглото. Убодот им е болен.
Инсектите се инфицираат со цицање крв од заразени луѓе или животни. За човекот стануваат заразни по 7-21 ден. При убодот, флеботомусот ги исфрла паразитите во кожата.
Многу ретки се случаите паразитот да се пренесува од човек на човек, а најчесто е со трансфузија, употреба на веќе заразен шприц, со полов однос или пренос од бремена мајка на плодот.