Куршуми над Бродвеј
„Куршуми над Бродвеј“ (англиски: Bullets over Broadway) — американски филм од 1994 година, во режија на Вуди Ален (Woody Allen), кој е автор и на сценариото, заедно со Даглас Мек Грат. Главните улоги ги толкуваат: Џон Кјузак (John Cusack), Дајен Вист (Dianne Wiest), Џенифер Тили (Jennifer Tilly), Чез Палминтери (Chazz Palminteri), Мери-Луис Паркер (Mary-Louise Parker), Џек Ворден (Jack Warden), Џо Витерели (Joe Viterelli), Трејси Аламан (Tracey Ullman), Стејси Нелкин (Stacey Nelkin) и Џим Бродбент (Jim Broadbent).[1] Филмот освоил 22 награди (меѓу кои „Оскар“ и „Златен глобус“ за Дајен Вист], а имал уште 30 други номинации (вклучувајќи уште шест номинации за „Оскар“).[2]
Содржина
уредиВо 1928 година, младиот театарски писател Дејвид Шејн (го игра Кјузак) се обидува да ја постави својата драма на Бродвеј. Директорот на театарот Џулијан Маркс (го игра Ворден) случајно се среќава со гангстерот Ник Валенти (го игра Витерели), кој се согласува да ја финансира претставата под услов неговата девојка Олив (ја игра Тили) да добие улога. По средбата со Олив, која е потполно неталентирана, Дејвид е фрустриран, но набргу се согласува да направи компромис. На пробите, Олив доаѓа заедно со гангстерот Чич (го игра Палминтери), близок соработник на Валенти, кому најпрвин му е здодевно, но постепено станува заинтересиран за драмата. За време на една проба, Чич му дава корисен предлог на Дејвид кој го прифаќаат сите присутни. Така, Дејвид се зближува со Чич, кој му дава бројни совети и така Дејвид целосно ја преработува драмата. Сите глумци се воодушевени од тие промени, но никој не знае дека драмата е дело на Чич, а не на Дејвид. Истовремено, за време на пробите, Дејвид се вљубува во славната глумица Хелен Синклер (ја игра Вист), која е многу постара од него. Најпрвин, тој ја крие врската со Хелен, но потоа ѝ ја кажува вистината на својата девојка Елен (ја игра Паркер). Најпосле, драмата е поставена на сцената и доживува голем успех, но Чич не е задоволен од глумата на Олив и ја убива. Меѓутоа, Валенти се сомнева во него и испраќа двајца гангстери кои го убиваат Чич. По тој настан, иако драмата доживува огромен успех кај публиката и критиката, Дејвид се смирува со Елен и решава да се откаже од писателската кариера и да се врати во родниот крај.