Кој се плаши од Вирџинија Вулф?
Кој се плаши од Вирџинија Вулф? — драма од Едвард Олби премиерно изведена во октомври 1962 година. Драмата ги истражува сложените односи на една средновечна брачна двојка, Џорџ и Марта. Доцна една вечер, по факултетската забава, на гости примаат несвесна помлада двојка, Ник и Хани, и ги вовлекуваат во нивната огорчена и фрустрирана врска.
„Кој се плаши од Вирџинија Вулф?“ | |
---|---|
Изведба од 2007 година на универзитетот Отербајн | |
Автор | Едвард Олби |
Место на премиера | Бродвеј, Театар Били Роуз |
Изворен јазик | англиски |
Тематика | брачна расправија |
Жанр | драма |
Претставата е во три чина, вообичаено се изведува за нешто помалку од три часа, со две 10-минутни паузи. Насловот е параномазија од песната „Кој се плаши од големиот лош волк?“ од Волт Дизни од филмот Трите прасиња (1933), заменувајќи го волкот со името на прославената англиска авторка Вирџинија Вулф. Марта и Џорџ постојано ја пеат оваа верзија на песната во текот на претставата.
„Кој се плаши од Вирџинија Вулф?“ ја освоила наградата Тони за најдобра драма во 1963 година и наградата за најдобра претстава за 1962–63 од Драмските критичари во Њујорк. Често се изведува на модерната сцена. Филмска адаптација била издадена во 1966 година, по сценарио на Ернест Леман, во режија на Мајк Николс, и со Ричард Бартон, Елизабет Тејлор, Џорџ Сегал и Сенди Денис во улогите на Џорџ, Марта, Ник и Хани.