Конфедерација на слободни синдикати

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) е синдикален сојуз во Република Македонија, формиран на 28 декември 2005 година по отцепувањето на Синдикатот за образование, наука и култура на чело со Дојчин Цветановски од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ). Од декември 2015 година претседател на КСС е Благоја Ралповски.[1]

Во 2005 година во редовите на ССМ се разгорува судир помеѓу тогашниот претседател на ССМ, Ванчо Муратовски и претседателот на СОНК, Дојчин Цветановски. КСС е формирана како резултат на тој судир. Според оценката на Цветановски, ССМ и Муратовски се блиски до владата предводена од СДСМ и не се грижат за работничките права. Од друга страна, КСС е обвинуван дека е близок до ВМРО ДПМНЕ.

При утврдувањето на претставителност на КСС, во 2015 година е констатирано дека КСС броел 47.404 членови кои плаќале членарина, што претставувало 10,02% од вкупниот број на вработени во Република Македонија,[2] односно нешто над потребниот праг од 10% за утврдување на претставителност на ниво на Македонија. Во 2010 година е констатирано дека КСС броел 43.727 членови кои плаќале членарина, односно 10,05% од вкупниот број на вработени во Република Македонија.[3] Според информациите на КСС, при формирањето КСС броел околу 53.000 членови за подоцна да порасне на околу 70.000 членови.[4]

Членки на КСС

уреди

КСС е формирана од страна на четири синдикати: Самостојниот синдикат на образование, наука и култура (СОНК), Самостојниот синдикат на вработените во одбраната (ССВО), Синдикатот на финансиските организации на Македонија (СФОМ) и Федерацијата за транспорт и врски (ФТВ). Подоцна кон КСС се приклучуваат и други синдикати и во моментот во КСС членуваат следните 10 синдикати:[5]

  • Самостоен синдикат за образование, наука и култура (формиран 1991 година, околу 38.000 членови)
  • Самостоен синдикат на вработените во енергетика, рударство и индустрија (формиран мај 2007 година, околу 6.000 членови)
  • Синдикат за транспорт и врски (формиран декември 2005 година, околу 5.000 членови)
  • Синдикат на вработените во државната администрација и управата (формиран мај 2008 година, околу 5.000 членови)
  • Земјоделски синдикат
  • Самостоен синдикат на вработените во локалната самоуправа
  • Синдикат за угостителство и туризам
  • Синдикат на финансиските работници на Македонија
  • Синдикат на електронските и печатените медиуми на Македонија
  • Синдикат на станбено-деловните и комуналните организации на Република Македонија

Во декември 2011 година Синдикатот за одбрана и безбедност (со околу 2.500 членови) ја напушти КСС и стана член на ССМ.[6]

Досегашни претседатели на КСС

уреди
  • Светлана Петровиќ (2005-2007) од Синдикатот на финансиските организации
  • Раско Мишкоски (2007-2012)
  • Мирјана Андреска (2012-2013) од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура
  • Виолетка Спасевска (ноември 2013 - 2015) од Синдикатот на администрацијата и државната управа (в. д. претседател)

Наводи

уреди
  1. „Четврти Конгрес на Конфедерацијата на слободни синдикати“
  2. Решение за утврдување на претставителност на синдикат за територијата на Република Македонија, Службен весник на РМ, 182/15, 7-8 стр.
  3. Решение за утврдување на претставителност на синдикат за територијата на Република Македонија, Службен весник на РМ, 105/10, 19 стр.
  4. „Основањето на КСС“. Архивирано од изворникот на 2012-05-22. Посетено на 2012-02-12.
  5. „Личен профил на КСС“. Архивирано од изворникот на 2015-02-15. Посетено на 2014-05-11.
  6. „Синдикатот за одбрана нов конститутивен член на ССМ“

Надворешни врски

уреди