Конструктивни системи
Разликуваме три основни конструктивни системи на градба: масивен конструктивен систем, скелетен конструктивен систем и комбиниран (мешовит) конструктивен систем.
Масивен конструктивен систем
уредиМасивниот конструктивен систем се состои од масивни носечки ѕидови, односно полни вертикалкни конструктивни елементи. Носечките ѕидови може да бидат надолжни, попречни или во двата правци. Растојанието помеѓу носечките ѕидови не би требало да биде поголемо од 6 метри. Се изведуваат од армиран бетон, полна тула, бетонски блокови или панели со соодветни димензии и квалитет кој ги задоволува конструктивните одлики на носечки конструктивен елемент.
Масивниот конструктивен систем со надолжни носечки ѕидови најчесто се состои од 3 или 4 носечки ѕидови (два фасадни и еден или два внатрешни). Овие ѕидови се поставени паралелно со подолгата страна на објектот. Овој систем е погоден за развивање по должина. Фасадните носечки ѕидови треба да имаат соодветна топлинска и звучна изолација.
Масивен конструктивен систем со попречни носечки ѕидови се состои од ѕидови кои се поставени нормално (попречно) во однос на подолгата страна на основата на објектот. Повторно, надворешните ѕидови треба да бидат соодветно топлински и звучно изолирани.
Масивен конструктивен систем со носечки ѕидови во двата правци се состои од ѕидови кои се поставувани паралелно и нормално на подолгата страна на основата на објектот. Се користи за објекти кои во основа можат да бидат издолжени или квадратни.
Темелите кај масивните конструктивни системи најчесто се изведуваат во вид на ленти- темелни ленти (лентовидни темели).
Скелетен конструктивен систем
уредиОсновни конструктивни елементи на скелетниот систем се столбовите, како вертикални носечки елементи. Тие не го затвораат просторот и количината на материјал за нивната изведба е далеку помала во споредба со носечките ѕидови кај масивниот конструктвиен систем. Поради тој факт заземаат помалку од корисниот простор во објектот (приближно 5% од површината на основата). Нивната тежина е далеку помала од тежината на масивните носечки ѕидови.
Столбовите служат како лежишта врз кои се потпираат хоризонталните носечки елементи - гредите или лаковите. Врз овие конструктивни елементи се потпираат (налегнуваат) меѓукантите конструкции и крововите. Со помош на армиранобетонските столбови и греди постои можност за премостување на поголеми конструктивни распони во споредба со масивниот конструктивен систем.
Столбовите, гредите и меѓукатните конструкции претставуваат една целина- конструктивен систем или конструкцијата на објектот.
Темелите кај скелетниот систем најчесто се изведени во вид на темели – самци кои по потреба се поврзуваат со темелни греди- затеги заради вкрутивање на системот.
Материјали од кои се изведуваат конструкциите можат да бидат: дрвото, челикот, армираниот бетон, преднапрегнатиот бетон.
Комбиниран (мешовит) конструктивен систем
уредиКонструкциите кај објектите кои се изведени во комбиниран (мешовит) конструктивен систем се составени делумно со конструктивни елементи од масивниот и делумно од конструктивни елементи и склопови од скелетниот конструктивен систем или комбинација на други системи. Масивниот дел од конструкцијата ги прима хоризонталните сили и обезбедува крутост и отпорност на објектот кон тој вид на сили. Особено се применува во сеизмички подрачја и кај висококатници.