Конзервативна партија (Обединето Кралство)
Конзервативна партија (на англиски: Conservative Party), официјално именувана Конзервативна и унионистичка партија (Conservative and Unionist Party), а разговорно позната како ториевци (Tories) или конзервативци (Conservatives) — политичка партија во Обединетото Кралство. На идеолошка основа, партијата се сместува во центар-десно просторот на британскиот политички спектар. Ториевците се во владата од 2010 година, а заклучно со 2021 година имаат мнозинство во Домот на комуните со 364 претставници. Партијата има 245 неизбрани членови на Домот на лордовите, 8 членови на Лондонското собрание, 30 членови на Шкотскиот парламент, 11 членови на Велшкиот парламент и 7.430 советници во локалните самоуправи.
Партијата е основач на Меѓународната демократска унија (на англиски: International Democrat Union) и на Партијата на европските конзервативци и реформисти (European Conservatives and Reformists Party). Гранките на партијата во Велс, Гибралтар, Северна Ирска и Шкотска одржуваат делумна автономија.
Поддржувачите на партијата во главно се гласачи од средната класа, особено во руралните и приградските области на Англија. Доминацијата на Конзервативната партија во британската политика низ 20 век и повторното воздигнување на истата во 2010-тите години довеле до нејзино именување како најуспешна политичка партија во западниот свет.[1][2][3]
Историја
уредиКонзервативната партија е основана во 1834 година од партијата на Ториевците и станала една од двете доминантни политички партии во 19 век, покрај Либералната партија. Под водството на Бенџамин Дизраели, партијата одиграла исклучителна улога во политиката за време на највисоките достигнувања на Британската империја. Во 1912 година, Либералната унионистичка партија се споила со конзервативците и се формирала Конзервативната и унионистичка партија. Во 1920-тите години, Лабуристичката партија ги надминала либералите како главни соперници на Конзервативците. Конзервативните премиери, меѓу кои најзначајни се Винстон Черчил и Маргарет Тачер, ги воделе владите 57 години во 20 век.
Политики
уредиСместена во десниот центар на политичкиот спектар, Конзервативната партија се заснова на конзервативизмот како политичка идеологија. Разни фракции доминирале во партијата во различни времиња, меѓу кои се вбројуваат еднонационалните конзервативци, тачеристите, либералните конзервативци, конзервативните либерали и други. Партијата во главно прифаќа либерални економски политики, фаворизирајќи ја економијата на слободниот пазар, ограничувањето на регулациите од државата, а од крајот на 20 век и приватизацијата на државните средства како што се железницата, поштата и енергијата. Во минатото се залагала за протекционизам.
Партијата го поддржува британскиот унионизам, опирајќи се на обединувањето на Ирска и независноста на Велс и Шкотска, а во минатото се залагала за континуитет и одржување на Британската империја.
Во надворешната политика, Конзервативната партија се залага за силна воена способност и го поддржува учеството на Обединетото Кралство во НАТО.
Европска унија
уредиЧленството на партијата се разликува во погледите за Европската унија, делејќи се на европскетични и проевропски струи. Партијата зазела силна евроскептична позиција, прифаќајќи го слоганот „Get Brexit Done“ (на македонски: Направете го брегзит), по референдумот за членството во ЕУ во 2016 година, кој се одржа во време кога владата била предводена од конзервативците.
Наводи
уреди- ↑ Steve Coulter (10 април 2011). „Book Review: The Conservative Party from Thatcher to Cameron“. Архивирано од изворникот 15 август 2016. Посетено на 8 July 2016.
- ↑ Philip Johnston (19 април 2016). „The Conservative Party may be destroyed by this European madness“. The Daily Telegraph. Архивирано од изворникот 23 јуни 2016. Посетено на 8 July 2016.
- ↑ Andrew Gimson (15 мај 2017). „Why the Tories keep winning“. New Statesman. Архивирано од изворникот 18 октомври 2017. Посетено на 18 октомври 2017.