Клиската тврдина е тврдина која се наоѓа во Сплитско-далматинската Жупанија, во Хрватска. Тврдината била изградена пред повеќе од 1000 години. Во текот на 9 век, Клис бил седиште на династија Трпимировиќи, а тврдината била престолнината на Хрватска. По заземањето на тврдината од страна на Османлиите, тие тврдината ја претвориле во џамија, градејќи минаре. Во 1648 година, тврдината паднала под власта на Венецијанската Република, а џамијата ја претвориле во црква. Света Маргарет Унгарска е родена во оваа тврдина, во времето на монголската инвазија на Хрватска.

Клиска тврдина
Kliška tvrđava
Карта
Општи податоци
ГрадСплитско-далматинска Жупанија
ЗемјаХрватска
Топ на Клиската тврдина

Историја

уреди

Доселувањето на Хрватите во овие краишта несомнено е важен настан во клиската историја, бидејќи два века подоцна Клиската тврдина како владарски посед е едно од средиштата на хрватската држава. Клис во IX век бил седиште на хрватските кнезови и кралеви од династијата Трпимировиќ, односно во тоа својство бил хрватски главен град. Подоцна им припаѓал на разни хрватски феудалци. Кога кон крајот на XI век изумира хрватската народна династија Трпимировиќ, Клис доаѓа под власта на унгарско-хрватските кралеви кои често го даваат на управување на своите кнезови и банови. На почетокот на дваесеттите и триесеттите години на XIII век на хрватскиот великодостојник Домалд му успеало да завладее со Клис, но и двата пати Шубиќи му го одзеле и го вратиле под кралска власт.

Заради својата положба долго време претставувала тврдина која тешко може да се освои. Средновековниот Клис бил седиште на ускоците, хрватски борци против турската и венециската наезда. Со неговото освојување во 1537 година, Османлиите успеале да го заземат Солин и да продрат низ Каштела на јужните падини на Козјак, но никогаш не успеале да го заземат Сплит. Турците го утврдиле и изградиле џамија со минаре. За време на нивната власт, Клис бил седиште на Клискиот Санџак. Преостанатите ускоци, после падот на тврдината се преселиле во Сењ.

Клис бил краткотрајно ослободен во 1596 години, а конечно во 1648 година, за време на Кандиската војна, кога го освоиле Венецијанците. Тие го утврдиле градот, а џамијата ја претвориле во црква. Денешниот изглед на Клис потекнува од времето на последната венециска обнова. Поновата населба настанала по повлекувањето на Турците. Во населбата се наоѓа стара турска чешма. Историската збирка од тврдината е преселена во Музејот на градот Сплит.

Тврдина

уреди

Тврдината е подигната на стеновита клисура која се протега во правец североисток-југозапад и оддалеку е скоро неможно да се распознае дека се работи за градба, дотолку повеќе што ѕидините кои се издигнуваат каскадно во три појаси се изградени од камени блокови на стени. Тврдината е недостапна дури од три страни, единствениот пристап се наоѓа на северозападната страна. Северната страна е исклучително стрма, додека на јужната страна теренот е нешто поблаг. Овие обележја дефинитивно влијаеле на поприличен број неуспешни обиди за освојување на тврдината. Клучната позиција за напади со топови била висината Гребен северно од самата тврдина. Тлоцртно, тврдината е издолжена и тесна, што довело до уништување на претходните слоеви. На местото на тврдината уште во античко време постоела илирска градина. Поголемиот дел од денешниот изглед потекнува од периодот на венециската и австриската управа кога тврдината била осовременета. Во текот на османскиот период немало никакви преработки на градбата на фортификацијата. Делови на тврдината кои потекнуваат од османската управа (1536-1648) се џамијата, денес црква и чешма.

Период на османската власт

уреди

Власта над Клис значела и надзор на интензивната трговија меѓу Сплит како главно пристаниште на средна Босна и заднината кон Сињ и понатаму кон Босна, што било во интерес како на Венециската Република, така и Османлиското Царство. Својата врвна слава тврдината ја достигнала во XVI век за време на османско-венециските судири, а како најсјајно раздобје се смета одбраната на капетанот Петар Кружиќ (1520-1537) од бројните османски напади – дури педесетина.[1] Во периодот на османската власт Клис бил една од најјаките тврдина на цела западна граница на Османлиското Царство, и правел одбранбена линија со уште три околни тврдини: Доње или Лончариќ (Градина во Солин), Вранковци (веројатно Вранкук во Озрна) и Козјак. Што се однесува до демографските промени, со доаѓањето на Османлиите голем дел од месното население се иселува главно кон Сењ и среднодалматинските острови, а се доселува муслиманско население. Во првиот имиграциски бран се доселува аскер (војска), а дури подоцна и останати општествени слоеви – занаетчии, трговци, земјоделци, итн. Со тоа на одредено време е прекинат континуитетот на животот во просторот, во прв ред владетелскиот. Во дефтерите од тоа време многу села се сметаат за мезри – пустелии со траги на претходна населеност.[2] Клиското предградие се наоѓа на западната страна од тврдината. Во дефтерот од 1574 година, клиското предградие има статус на варош – трговско место со мнозинско христијанско население, а спрема дефтерот од 1604 година, стекнало статус на касаба – трговско место со мнозинско муслиманско население.[1] Османлиското присуство оставило влијание и на топономастиката. До денес се задржале називите на населбите во подножјето на тврдината од западната страна – Варош и Мегдан.

Џамија

уреди

Џамијата се наоѓа во третиот одбранбен ѕид на тврдината меѓу бастионите Бембо и Малпјеро изградени во периодот на венециската управа. Тлоцртот ѝ е квадратен и е со мали димензии затоа што била наменета исклучиво за посадата на тврдината. Изградена е непосредно после падот на Клис во 1537 година. Во чест на освојувачот на Клис, Мурат-бег Тардиќ, џамијата го носела неговото име. Традиција бил џамиите да се именуваат или спрема моментално владејачкиот султан (затоа на хрватскиот простор гласно го носат името на Сулејман I Величествениот), или спрема лицето која ја финансирала и поттикнала градбата на џамијата како што е случај и во Клис. Неодамнешни истражувања покажале дека на тоа место претходно се наоѓала средновековна црквичка Св. Марија. Џамијата е подигната од необработен камен, надсводена со купола, а особено е занимливо решението на премин од квадратна тлоцртна основа на кружна основа на куполата со двократна тамбура – најпрво осумаголна со четири пространи, по малку невешто изведени тромпи, а потоа со прстенеста тамбура. На тромпите се сретнува занимлив декоративен елемент под назив мукарна – типичен ориентален декоративен елемент кој редовно се користи за да исполни сферни површини – куполи, калоти, тромпи и сл. Овде истите се применети во изразито редуциран облик. Занимливо е дека со подоцнежната пренамена во црква, мукарните не се отстранети. Со нужната промена на ориентацијата на црквата заѕидан е стариот влез во џамијата, а на југозападната е отворен нов. Исто така, срушено е минарето на западната страна на чие место била изградена просторија за венециските офицери, од која останале сочувани само темелите. Занимлив е натписот на местото на некогашната минаретска ниша, т.е. над денешниот влез: „Што побожноста ќе изгради, побожноста и ќе сочува.“ По начинот на артикулација на архитектурата и по изведбата на поедини конструктивни и декоративни елементи може да се заклучи дека овој објект ни по што не е врвно градителско достигнување. Впрочем, неговите димензии условени од функцијата, но и локацијата во одбранбената тврдина, тоа го оправдуваат. Црквата што е изградена на местото од џамијата е обновена со реставраторски зафати.

Чешма

уреди

Друг сочуван објект е чешмата меѓу Гребен и Клис во подножјето на тврдината која до денес останала во употреба. Месното население чешмата ја нарекува „Три крала“. Тоа име се споменува веќе во XVII век на Ераутовиот приказ на тврдината под Fontana dei Tre Regi.[3]

Цистерната била подигната од делкан камен со отворен трем и ориентален свод со шилести лакови. Му припаѓа на типот „михраб чешма“ – чешма со ниша. Ова не е единствен пример на турска чешма во Хрватска. Сочувани се во голем број и повеќето се во употреба. Снабдувањето со вода е основна потреба на исламската заедница, а важна е и во практикувањето на верскиот живот. Водата има битна улога во исламските верски обреди. На молитвата секогаш ѝ претходни абдест – верско чистење при кое се користи вода. Шеријатските прописи опишуваат дури четири вида вода и осум вида нечистотии. Снабдувањето со вода имала исклучително важна практична улога при долготрајните опсади. Губењето на вода (и храна) главно значело и присилно предавање.

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Firić, V., "Tvrđava Klis", Hrvatsko društvo Trpimir, Klis, 1996. str. 33, 34, 35, 39
  2. Ahmed, A., "Opširni popis kliškog sandžaka iz 1550. godine", Orijentalni institut u Sarajevu, Sarajevo, 2007. str. 63
  3. Žmegač, A., "Bastioni jadranske Hrvatske", Institut za povijest umjetnosti, Zagreb, 2009. str. 112

Литература

уреди
  1. Žmegač, A. Bastioni jadranske Hrvatske, Institut za povijest umjetnosti, Školska knjiga, Zagreb, 2009.
  2. Firić, V. Tvrđava Klis, Hrvatsko društvo Trpimir, Klis, 1996.
  3. Spaho, F. Dž.; Aličić A. Opširni popis kliškog sandžaka iz 1550. godine, Orijentalni institut u Sarajevu, Sarajevo, 2007.

Надворешни врски

уреди

43°33′37″N 16°31′25″E / 43.5601412536568° СГШ; 16.5235930681229° ИГД / 43.5601412536568; 16.5235930681229