Класична економија
Класична економија (англиски: Classical economics) — период во развојот на економската наука кој претежни ги опфаќа британските економисти од крајот на 18 и од 19 век. Изразот „класични економисти“ го измисил Карл Маркс кој така ги нарекувал Давид Рикардо, Џејмс Мил и нивните претходници, т.е. основачите на економската наука која го достигнала врвот со творештвото на Рикардо. Џон Мејнард Кејнс во класичната школа ги вклучил и следбениците на Рикардо, т.е. оние кои го прифатиле неговото учење, како: Џон Стјуарт Мил, Алфред Маршал, Френсис Еџворт и Артур Сесил Пигу.[1]
Критика на класичната економија
уредиКејнс остро ја критикувал класичната економија, тврдејќи дека нејзините постулати се применливи само во посебен, но не и во општ случај при што посебниот случај не одговара на економската стварност во која живееме и поради тоа нејзиното учење е погрешно и штетно.[2] Според Кејнс, класичната економија не ги проучува факторите што влијаат врз обемот на вработеноста, туку само распределбата при дадено ниво на вреботеност на производните ресурси. Кејнс тврди дека класичната економија лежи врз две основни поставки: прво, платата е еднаква на маргиналниот производ на трудот и второ, користа на платата при дадено ниво на вработеност е еднаква на штетноста од тој обем на труд. Овие две поставки заедно водат кон тоа класичната економија да ги признава само привремената и доброволната невработеност, но не и присилната невработеност. Кејнс истакнува дека Големата депресија е најочигледниот доказ за неточноста на поставките на класичната економија. Затоа, тој ги напаѓа двете основни поставки на класичната економија, тврдејќи дека понудата на труд не зависи само од реалната плата, туку и од номиналната плата. Оттука, според него, реалната плата не е прецизен показател на маргиналната штетност на трудот. Исто така, Кејнс го отфрла и тврдењето на класичната економија дека преговарањето меѓу работниците и претпријатијата ја определуваат реалната плата која, пак, секогаш обезбедува целосна вработеност, а таквото тврдење го нарекува фундаментално неразбирање на стварните економии во кои живееме.[3] Во продолжение, Кејнс го отфрла и тврдењето на класичната економија дека производството секогаш создава своја побарувачка (т.е. Сејов закон) и тврди дека мотивите на потрошувачката и инвестиците не се толку просто поврзани.[4]
Наводи
уреди- ↑ John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Ware, Hertfordshire, UK: Wordsworth Editions, 2017, стр. 9.
- ↑ John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Ware, Hertfordshire, UK: Wordsworth Editions, 2017, стр. 9.
- ↑ John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Ware, Hertfordshire, UK: Wordsworth Editions, 2017, стр. 10-17.
- ↑ John Maynard Keynes, The general theory of employment, interest, and money. Ware, Hertfordshire, UK: Wordsworth Editions, 2017, стр. 21-24.