Карл XIII Шведски
Карл XIII (шведски: Karl XIII; 7 октомври 1748 – 5 февруари 1818)[1] ― крал на Шведска од 1809 година и крал на Норвешка од 1814 година. Тој бил втор син (и помлад брат на кралот Густав III) од шведскиот крал Адолф Фредерик и Луиза Улрика од Прусија, сестра на Фридрих Велики.[2]
Карл XIII | |
---|---|
Карл носи ознаки на Редот на Карл XIII (во црвено), портрет од Карл Фредерик фон Бреда | |
Крал на Шведска | |
На престол | 6 јуни 1809 – 5 февруари 1818 |
Претходник | Густав IV Адолф |
Наследник | Карл XIV Јохан |
Крал на Норвешка | |
На престол | 4 ноември 1814 – 5 Fфевруари 1818 |
Претходник | Кристијан Фредерик |
Наследник | Карл III Јохан |
Регент на Шведска | |
Период | 29 март 1792 – 1 ноември 1796 |
Монарх | Густав IV Адолф |
Роден(а) | 7 октомври 1748 Стокхолм, Шведска |
Починал(а) | 5 февруари 1818 Стокхолм, Шведска-Норвешка | (возр. 69)
Почивалиште | 20 март 1818 Црква Ридархолм |
Сопружник | Хедвиг Елизабет Шарлот од Холштајн-Готорп (в. 1774) |
Деца | Карл Левенхелм |
Династија | Холштајн-Готорп |
Татко | Адолф Фредерик |
Мајка | Луиза Улрика Пруска |
Вероисповед | Лутеранство |
Потпис |
Иако во Шведска бил познат како кралот Карл XIII, тој всушност бил седми шведски крал со тоа име, затоа што Карл IX (владеел 1604–1611) го зел неговиот број откако ја проучувал фиктивната историја на Шведска.[3] Во Норвешка е познат како Карл II.[2]
Живот и владеење
уредиРоден е во 1748 година во Стокхолм. Бил син на Адолф Фредерик, крал на Шведска (1751 - 1771) и Луиза Улрика од Прусија. Карл бил близок со неговиот брат Густав III, кому му помогнал во државниот удар од 1772 година и неговото искачување на престолот на Шведска,[4] и за што кралот го наградил со титулата Војвода од Седерманланд.
По избувнувањето на Руско-шведската војна во 1788 година, тој служел како адмирал на флота, а особено се истакнал во битките кај Хогланд (7 јуни 1788 година) и Оланд (26 јули 1789 година).[1]
По атентатот на Густав III во 1792 година, Карл владеел како регент на Шведска до 1796 година во име на неговиот внук, кралот Густав IV, кој бил малолетен кога неговиот татко бил застрелан во операта во Стокхолм. Густав III го назначил за регент во неговиот претходен тестамент. Додека умирал, тој го променил тестаментот и иако Карл повторно бил назначен за регент на неговиот малолетен син, тој не требало да има апсолутна власт, туку таа требало да биде ограничена од владата составена од поддржувачи на Густав III.[4] Меѓутоа, по смртта на монархот, Карл успешно ја оспорил волјата и како единствен регент му била дадена неограничена моќ.[4]
Кога Густав IV Адолф од Шведска станал полнолетен во ноември 1796 година, регентството на Карл завршило. Неговиот однос со Густав IV Адолф бил срдечен, но не биле блиски, и не му била доверена голема одговорност за време на владеењето на неговиот внук.[4]
Се претпоставува дека Карл бил запознат, ако не и вклучен, во плановите за соборување на Густав IV Адолф во 1809 година.[4] За време на државниот удар од 1809 година Карл останал пасивен, а откако се уверил дека соборениот монарх не е во смртна опасност ја прифатил функцијата регент.[4] Карл прво нејќел да ја прифати круната поради обѕир кон синот на поранешниот крал.[4]
На 13 март 1809 година, оние кои го симнале од престолот Густав IV Адолф го назначиле Карл за регент, и бил избран за крал. Кога станал крал, тој имал 60 години и бил во лоша здравствена состојба. Во ноември 1809 година, имал срцев удар и не можел да учествува во владата.[4]
Неговата неможност соодветно да владее со државата ја поттикнала потрага по негов наследник. Прв избор бил данскиот принц, Кристијан Август, кој откако бил посвоен од Карл го добил името Карл Август. Сепак, Карл Август починал само неколку месеци по неговото пристигнување во Шведска. Еден од генералите на Наполеон, Жан-Батист Бернадот, бил избран за негов наследник. Новиот престолонаследник, веднаш штом пристигнал во Шведска во 1810 година ја презел владата. Состојбата на Карл се влошувала, особено по 1812 година, и откако го изгубил своето сеќавање и повеќе не можел да комуницира станал само нем сведок на владините совети со кои претседавал принцот престолонаследник.[4]
По основањето на Унијата на Шведска и Норвешка на 4 ноември 1814 година Карл станал крал на Норвешка под името Карл II Норвешки. По осумгодишно владеење како крал, Карл умрел на 5 февруари 1818 година без да остави природен наследник, а Бернадот го наследил како крал Карл XIV Јохан.
Карл бил 872-риот витез од редот на златното руно во Шпанија.