Бич
Бич[1] или камшик[2] (турски: kamçı) — направа од впреден коноп или кожа, прицврcтен за дршка што служи за бичување, за терање добиток и сл. Оваа алатка луѓето традиционално ја користат за да воспостават контрола над животни или други луѓе со нанесување болка или со застрашување. Во некои активности бичевите се користат без нанесување болка, како средство за застрашување при дресура (доволно е животното да го види или чуе камшикот, на пример во циркусите).
Постојат главно два вида камшици, крути кои се дизајнирани за директни удари (на пр. ги користат џокеите), или флексибилни кои мора да се замавнат на посебен начин за да бидат ефикасни, но досегот им е поголем. Тие бичеви се комбинација од цврст и флексибилен дел какви што се бичевите за коњи кои влечат приколки.
Во светот се одржуваат и натпревари кој умее подобро да „пука“ со бичот. Под „пукање“ се подразбира звукот кој се слуша кога се користи камшикот.
Поголемиот број бичеви се направени за употреба на животни, но постојат и бичеви кои се посебно дизајнирани за бичување на луѓе како средство за телесно казнување или мачење. Бичувањето може да биде и дел од верска пракса (самобичување), или со одобрување на лицето кое се бичува во текот на мазохистички активности.