Исус Навин (библиска книга)

книга од Библијата

„Исус Навин“ — книга од Стариот завет која спаѓа во групата на историски книги.

Содржина

уреди

По смртта на Мојсеј, Господ го назначува Навиновиот син Исус како водач на Евреите, давајќи му задача да го пренесе народот преку реката Јордан и да го донесе во ветената земја. Пред поаѓањето, Исус испраќа двајца извидници во градот Ерихон, а тамошниот владетел дознава за нив и испраќа потера по нив. Меѓутоа, нив ги крие блудницата Раав, а тие пак ѝ ветуваат дека нејзиното семејство нема да настрада кога Евреите ќе го заземат градот. За време на преминувањето на Јордан, напред одат левитите кои го носат ковчегот на заветот, а кога тие доаѓаат до средината на реката, тогаш се случува чудо — водата престанува да тече, па народот ја минува реката газејќи по сува почва, а откако луѓето минуваат, реката продолжува да тече. Затоа, Исус наредува еврејските старешини да земат камења од реката и да ги чуваат како спомен на преминувањето на Јордан. Шест дена, Евреите го обиколуваат Ерихон носејќи го ковчегот на заветот, а седмиот ден го обиколуваат седумпати при што трубат со труби, а народот вика на цел глас и така се уриваат ѕидовите на градот. Евреите го опустошуваат Ерихон, но Раав и нејзиното семејство ги поштедуваат. Исус наредува ограбеното богатство од градот да се однесе во светилиштето на Бога при што никој не смее да земе нешто од проколнатиот град. Меѓутоа, еден човек зема облека, злато и сребро, па поради тој грев, Господ ги казнува Евреите кои се поразени при опсадата на градот Гај. Исус го пронаоѓа престапникот кого го убива народот, а потоа голема еврејска војска го уништува градот Гај при што Исус го обесува гајовиот цар на дрво. Неколку околни народи се исплашени од наездата на Евреите и се предаваат без борба, согласувајќи се да им служат на освојувачите. Вкупно, еврејската војска победува 31 владетел, уништувајќи многу градови, грабајќи го нивниот имот и убивајчи ги луѓето. Така, Евреите ја освојуваат целата земја која им ја ветил Господ, по што Исус и старешините им ја распределуваат освоената земја на деветте племиња, а Исус задржува еден град за себе.[1]

По завршената поделба на земјата, следејќи ја божјата заповед, Исус и старешините определуваат три града за да служат како засолниште на луѓето кои ќе извршат случајно, ненамерно убиство. Бидејќи на левитите не им е дадена земја, според божјата заповед, пшределуваат 48 градови во кои може да се населат. По некое време, остарениот Исус го собира народот, повикувајќи го да му биде послушен на Бога, а луѓето се колнат дека ќе му служат на својот Бог, поставувајќи еден камен како сведоштво на заветот. Најпосле, Исус умира на 110-годишна возраст, а луѓето го погребуваат заедно со камените ножеви со кои го обрезал машкото население пред влегувањето во ветената земја. Исто така, народот ги погребува и коските на Јосиф, пренесени од Египет. Потоа, умира и првосвештеникот Елеазар, а неговата положба ја презема син му. Меѓутоа, наспроти дадениот завет, потомците на Израилот почнуваат да им служат на боговите на околните народи, а Господ ги казнува така што тие живеат поробени во текот на 18 години.[2]

Наводи

уреди
  1. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 240-258.
  2. Свето писмо на Стариот и на новиот завет (трето издание). Свиндон: Британско и инострано библиско друштво, Скопје: Македонска книга, 1998, стр. 258-268.