Игор Иванов (музичар)

Игор Иванов (1984, Велес) — македонски кларинетист.

Биографија

уреди

Игор Иванов го започнал своето музичко образование на осумгодишна возраст, во основното музичко училиште „Киро Димов“ во Велес, во класата на проф. Златко Андреев. Потоа се запишал во средното музичко училиште во Штип, во класата на проф. Раде Стојчев. Во 2003 година се запишал на Универзитетот за музичка и драмска уметност во Грац, во класата на проф. Штефан Шилинг. Студиите ги завршил во 2009 година, а потоа продолжил на магистерските студии повторно под менторство на проф. Шилинг. Исто така, посетувал и бројни курсеви кај повеќе светски кларинетисти: Карл Лајстер, Венцел Фухс, Стенли Дракер, Џонатан Колер, Роберт Спринг и Мартин Шпанберг.[1]

Творештво

уреди

Иванов ја започнал музичката кариера уште во текот на студирањето во Грац, кога одреден период работел со камерниот ансамбл „Стравински октет“ со кој во октомври 2005 година снимил компакт диск, спонзориран од Австриската радио телевизија. Исто така, во текот на студиите учествувал во повеќе проекти за камерна музика, а имал и повеќе настапи како солист. Подоцна работел со повеќе оркестри, настапувајќи во Австрија, Швајцарија, Белгија, Кина, Хрватска, Луксембург итн. Покрај стандардниот, класичен репертоар, Иванов свири и т.н. „нова музика“, соработувајќи со камерниот ансамбл „Klang Forum Wien“ од Виена. Најпосле, тој е член на „Македонскиот кларинет квинтет“.[2]

Наводи

уреди
  1. Дирекција за култура и уметност - Скопје, Есенски музички свечености, Скопје, ноември 2014.
  2. Дирекција за култура и уметност - Скопје, Есенски музички свечености, Скопје, ноември 2014.