Златко Ангелески
Златко Ангелески (р. 1972 во Прилеп) — македонски свештеник, преведувач и публицист.[1]
Биографија
уредиБил вонреден професор во Македонската православна богословија во Скопје по предметите Црковно право, Хагиологија и Типик. Во 2001 година, од Митрополитот Петар е ракоположен во ѓаконски чин во храмот „Свети Кирил и Методиј“ во Прилеп и поставен за парохиски ѓакон во соборниот храм „Св. Благовештение“ во Прилеп, а во 2003 година е произведен во чин протоереј. Во периодот од 15 ноември 2002 до 1 август 2017 година бил в.д. старешина при соборниот храм „Св. Благовештение“ во Прилеп.[2]
Бил член на Архиепископскиот црковно-народен собор на МПЦ-ОА, Архиепископскиот црковен суд на МПЦ-ОА, како и на Епархискиот управен одбор, Архиепископскиот црковен суд на МПЦ-ОА, член на Комисијата за канонизирање на светители формирана од САС на МПЦ-ОА, како и на Епархискиот управен одборЕпархиското собрание, Црковно-просветниот совет, Црковниот суд на Преспанско-пелагониската епархија на МПЦ-ОА, а бил и Црковен обвинител на Преспанско-пелагониската епархија на МПЦ-ОА.
Протоереј Златко Ангелески е автор на неколку дела од областа на богословските науки. Освен тоа, има преведено од српски, бугарски и руски јазик повеќе книги на македонски јазик. Автор е на бројни текстови, кои се објавувани речиси во сите епархиски гласила на МПЦ-ОА: „Вистина“ (Преспанско-пелагониска епархија), „Пелагонитиса“ (Преспанско-пелагониска епархија), „Православен пат“ (Скопска епархија), „Весник“ (Службено гласило на МПЦ-ОА), „Православна светлина“ (Повардарска епархија), „Троичник“ (Брегалничка епархија) и „Тавор“ (Кумановско-осоговска епархија), како и во списанијата „Современост“ и „Зборникот на трудови на ДНУ - Прилеп“.[3]
За монографијата „170 години од осветувањето на црквата Св. Благовештение во Прилеп“, добитник е на Третоноемвриска диплома на градот Прилеп за постигнати резултати во црковно-научно истражувачката дејност и заради објавувањето на ова капитално дело.
Протореј Златко Ангелески е еден од основачите на веб-страницата oldprilep.com,[4] дел од тимот на Македонскиот музички регистар ВБУ,[5] филателист и филократист, а на негова иницијатива во 2019 година започнува реализирањето на проектот „Роднокрајно музичко творештво“ при НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Прилеп, со постојана поставка, поддржан од Министерството за култура на Република Македонија.
Творештво
уредиАвтор е на богослужебните текстови за вечерната и утринската богослужба за Соборот на сите македонски светии, кој се празнува во првата недела од месец октомври, како и на богослужбените текстови за вечерните и утринските богослужби на новопрославените светии - Епископот Велички Гаврил Светогорец, праведниот Јоаким Крчовски, преподобниот Кирил - игумен Лешочки, како и на книгите:
„Зошто страдаме?“ (избор на текстови) (2005); „Слово за Црквата“ (историска читанка) (2007); „170 години од осветувањето на црквата Св. Благовештение во Прилеп“ (стручна монографија) (2008); „Преподобен Бенедикт Нурсиски - светилник на западното монаштво“ (2008), „Животот и дејноста на Свети Поликарп Смирнски“ (2010), „Во имја Отца, и Сина, и Свјатаго Духа“ (зборник на неделни проповеди) (2010); „Историја на Плетварско-беловодичката парохија“ (2017).
Преводи од бугарски јазик: „Заборавеното лекарство“ од архимандрит Серафим Алексиев (1995); „Гордост и смирение“ од архимандрит Серафим Алексиев (1995); „Омразата и помирувањето“ од архимандрит Серафим Алексиев (1995); „Болна и здрава мистика “ од архимандрит Серафим Алексиев (1995);
Преводи од руски јазик: „Солта ја губи силата“ од архиепископ Аверкиј (1995); „Полски кринови“ од схиархимандрит Пајсиј Величковски (1996); „Што треба да знае секој, кој доаѓа во православниот храм“ (2001); „За што сведочат Јеховините сведоци“ од прота Александар Новопашин и Валериј Мелников (2003); „За единството на Црквата“ од Свети Кипријан Картагински (2005); „Новите чуда на Свети Јован Руски“ (2007); „Азбука на православниот живот“ од свештеник Димитриј Каплун (2014).
Наводи
уреди- ↑ „Свето Писмо“. БЛАГОВЕСТИ (англиски). Посетено на 2022-05-08.
- ↑ „протоереј Златко Ангелески - ВОЗНЕСЕНИЕ ХРИСТОВО - СПАСОВДЕН“. preminportal.com.mk. Посетено на 2022-05-08.
- ↑ „Книга проповеди од Златко Ангелески“. неделник ЗЕНИТ. Посетено на 2022-05-08.
- ↑ „OLDPRILEP.COM | Да се потсетиме, да не заборавиме“. www.oldprilep.com. Посетено на 2022-05-08.
- ↑ „Каталог на македонска музика“. www.muzichkiregistar.com. Посетено на 2022-05-08.