Здравствена психологија

Здравствената психологија претставува збир на образовни, научни и професионални придонеси од психологијата во функција на промоција и зачувување на здравјето, превенција и третман на болестите, идентификување на етиолошките и дијагностичките корелати на здравјето, болестите и сродните дисфункции како и анализа и подобрување на здравествениот систем и здравствената политика (Matarazzo, 1982).

Уште од нејзините зачетоци во текот на раните 80-ти години, здравствената психологија стана една од најшироко растечките области на клиничката психологија и најпопуларна област за истражување во постдипломските тренинг програми. Оваа супспецијалност служи како одличен пример за интегративните трендови во ова поле.

Домени

уреди

Еден од изворите на комплексност за мерење во здравствената психологија е широката разновидност на истражувачки теми. Тие, начелно, може да се организираат во три домени кои меѓусебно се преклопуваат (Smith, 2003, според Friedman & Cohen Silver, 2007):

1. Здравствено однесување и превенција - ја опфаќа поврзаноста помеѓу секојдневните навики и другите однесувања (на пр. начинот на исхрана, степенот на физичка активност, пушењето, (зло)употребата на алкохол) и последиците врз здравјето. Првична цел на оваа истражувачка област е утврдување на некаква општа поврзаност помеѓу потенцијално менливите однесувања и здравствените последици од нив како и посредниците во овие поврзаности (на пр. возраста, полот, етничката припадност, семејната историја на болеста...) при што може да се издвојат подгрупи кај кои бихевиоралните ризични фактори се помалку или повеќе важни.

2. Стресот и здравјето / психосоматика - овде интересот е подиректно насочен на психобиолошкото влијание врз развојот и текот на болеста. Се знае дека психолошкиот стрес, негативните емоции, одредени личносни црти и одлики на социјалната средина влијаат врз појавата и текот на една болест (но не преку бихевиоралните механизми кои се од примарен интерес на првиот домен туку преку подиректни физиолошки процеси).

3. Психосоцијални аспекти на медицинските заболувања – фокусот се става на психосоцијалното влијание што физичкаѕа болест го има врз пациентите и нивните семејства. Теми од интерес се емоционалното, физичкото и социјалното функционирање (активност наспрема хендикепираност), субјективното влијание на здравствената состојба или несаканите ефекти од медицинските/хируршките интервенции (болка, сериозност на симптомите) и понекогаш степенот на користење и чинење на здравствените услуги.

Цели

уреди

Здравствената психологија ја нагласува улогата на психолошките фактори во зачувувањето на здравјето како и причините за појава на одредена болест, нејзиниот тек и исходот од лекувањето.

Целите може да се поделат во две големи групи (Ogden, 2012):

1. Разбирање, објаснување, развивање и тестирање на теории преку:

  • Евалуација на улогата на однесувањето во етиологијата на болеста
  • Предвидување на нездрави облици на однесување
  • Евалуација на интеракцијата помеѓу психологијата и физиологијата
  • Разбирање на улогата на психологијата во доживување на болеста
  • Евалуирање на улогата на психологијата во лекувањето на болеста

2. Имплементација на теориите во праксата преку:

  • Промовирање здрави облици на однесување
  • Превенирање на болестите

Теми и области од теориски и практичен интерес

уреди

Огромен е спектарот на теми кои ги изучува здравствената психологија. Еве само дел од нив:

  • Однос пациент - здравствен работник
  • Психолошка (психоедукативна) подготовка пред медицински/хируршки интервенции
  • Психолошки аспекти на болка
  • Психологија на хроничните заболувања
  • Унапредување на здравјето
  • Здравјето и безбедноста
  • (Зло)употреба на психотропни супстанци
  • Здравје, стрес и справување
  • Личноста и здравјето
  • Психологија на стареењето и здравјето

Денес веќе се профилирани и многу интердисциплинарни науки во чијашто основа стојат концептите на здравствената психологија, на пример: психодерматологија, психоофталмологија, психокардиологија, психоонкологија, трансплантациона психологија, психотрауматологија, психологија во стоматологијата и други (види Balck, 2005)

Клучни прашања и одговори

уреди

Огден (Ogden, 2012) ги издвојува следниве неколку клучни прашања кои концепциски ја дефинираат здравствената психологија:

Што ја причинува болеста? Според концептот на здравствената психологија, човекот треба да се разгледува како сложен систем. Болеста ја причинуваат мноштво фактори, а не еден единствен. Со ова, здравствената психологија се обидува да го надмине едноставниот линеарен модел за здравјето и го застапува гледиштето дека болеста може да биде причинета од комбинација на биолошки (на пр. вирус), психолошки (на пр. однесување, уверувања) и социјални (на пр. невработеност) фактори.

Кој е одговорен за болеста? Бидејќи болеста се смета како резултат на комбинација од повеќе фактори, болниот не се гледа повеќе како пасивна жртва туку ако се увиди дека тој со своето однесување придонел за појава на болеста тогаш дел од одговорноста му припаѓа и нему.

Како треба да се лекува болеста? Според здравствената психологија, треба да се третира целиот човек, а не само физичките промени коишто се случиле. Ова може да значи промени во однесувањето, менување на верувањата и стратегиите за справување како и придржување до медицинските препораки.

Каква е поврзаноста помеѓу здравјето и болеста? Здравјето и болеста не се квалитативно различни туку опстојуваат на еден континуум. Наместо да се гледа на состојбата црно-бело – или е пациентот здрав или е болен, се застапува динамичен пристап на движење низ континуумот или кон здравјето или кон болеста.

Каква е поврзаноста помеѓу умот и телото? Научната мисла од дваесеттиот век беше предизвик за традиционалниот поглед на подвоеност помеѓу умот и телото застапуван од дуалистичкиот модел за здравјето и болеста ставајќи се’ поголем фокус на интеракцијата помеѓу умот и телото. Овој пресврт се одрази со развој на холистичи, целовит пристап кон здравјето. Со ова, здравствената психологија верува дека умот и телото се во интеракција.

Која е улогата на психологијата во здравјето и болеста? Здравствената психологија, психолошките аспекти не ги смета само како можни последици од болеста туку и како фактори кои може да влијаат врз нејзиното појавување, тек и исход.

Примена во праксата

уреди

Се проценува дека 50% од сите смртни случаи се предизвикани од фактори во начинот на живеење (животниот стил) како што се пушењето, претераното пиење алкохол, јадење масна храна, невежбање и одбивањето да се носат заштитни појаси при возење. Понатаму, над 15% од бруто-домашниот производ се посветува на здравствената грижа (Plante, 2005).

Здравствените психолози им помагаат на здравите луѓе да останат здрави и им помaгаат на луѓето со некакво заболување или ризични фактори, поефикасно да се справуваат со нивните симптоми. Здравствените психолози работат во насока да им помагаат на другите луѓе да развиваат здрав начин на живот што, за чудо, може да биде тешка задача. На пример, околу 95% од оние кои ја намалиле телесната тежина, се со тенденција повторно да ја вратат сета изкубена килажа за пет години. Над 50% од оние кои започнуваат некаков програм на физички вежби, го прекинуваат за шест месеци. Околу 4 милиони луѓе умираат во САД како последица на пушење тутун. Здравствените психолози работат поединечно и групно со цел да ги максимизираат обрасците на однесување кои го подобруваат здравјето (на пр. вежбање, внес на нискомасна храна, престанок со пушењето) или да го минимизираат однесувањето кое му штети на здравјето (на пр. пушење, стрес, пиење алкохол). Здравствените психолози помагаат и во третманот на хронична болка, паничните растројства и мигренозните главоболки и други физички состојби со биопсихосоцијални одлики (Plante, 2005).

Здравствените психолози често имаат тренинг во клиничката психологија, советодавната (counseling) психологија, социјалната психологија или детската здравствена психологија, но специјализираат и за проблеми и интервенции поврзани со здравјето. Здравствените психолози вообичаено работат во болнички установи, иако, многу од нив работат во академски, бизнис и амбулантски клинички установи. Здравствените психолози честопати применуваат специјализирани техники како што се биофидбек, хипноза, релаксативен тренинг и стратегии за себе-менаџирање заедно со психотерапијата во текот на севкупниот третман (Plante, 2005).

Литература

уреди
  • Balck, F. (2005). Anwendungsfelder der medizinischen psychologie, Heidelberg: Springer
  • Friedman, H. Cohen Silver, R. (2007). Foundations of health psychology, New York: Oxford University Press
  • Matarazzo, J.D. (1982). Behavioral health’s challenge in academic, scientific and professional psychology, American psychologist, 37. 1…14
  • Ogden, J. (2012). Health psychology, 5th ed.. Berkshire, England: Open University Press
  • Plante, T.G. (2005). Contemporary clinical psychology, 2nd ed., New Jersey: John Wiley & Sons