Загатка на Фелдштајн и Хориока

Загатката на Фелдштајн и Хориока се однесува на високата корелација помеѓу домашното штедење и инвестициите во услови на меѓународна подвижност на капиталот.

Дефиниција на загатката

уреди

Во услови на слободно движење на капиталот во меѓународни размери, инвестициите во една земја не би требало да бидат зависни од домашното штедење, бидејќи домашните инвеститори имаат слободен пристап до странски капитал од кој можат да ги финансираат инвестициите. Оттука, поради можноста домашните инвестиции да бидат финансирани со странски капитал, врската помеѓу домашното штедење и инвестициите би требало да бида слаба.

Сепак, во еден труд, објавен во 1980 година, економистите Мартин Фелдштајн и Чарлс Хориока, по емпириски пат, утврдиле дека постои многу висока корелација помеѓу домашното штедење и инвестициите, која ја толкувале како доказ за ниска подвижност на капиталот во меѓународни размери. Имено, со помош на регресија врз основа на примерок од неколку земји на ОЕЦД, Фелдштајн и Хориока утврдиле силна врска (речиси во однос 1:1) помеѓу домашното штедење и инвестициите. Ваквиот резултат бил изненадувачки и претставувал загатка, имајќи ја предвид меѓународната подвижност на капиталот, т.е. можноста капиталот слободно да се движи од една во друга земја. Поради тоа, овој емпириски резултат бил наречен „Загатката на Фелдштајн и Хориока“.[1]

Емпириски истражувања на Загатката на Фелдштајн и Хориока

уреди

По објавувањето на трудот на Фелдштајн и Хориока, бројни економисти спроведувале истражувања врз основа на податоци за различни земји, во различни временски периоди и со примена на различни методи, со цел да ја испитаат врската помеѓу домашното штедење и инвестициите. Притоа, добиените резултати од овие истражувања може да се поделат во три групи:

  1. некои економисти утврдиле висока врска помеѓу штедењето и инвестициите и ги потврдиле резултатите на Фелдштајн и Хориока,
  2. други економисти утврдиле многу ниска врска помеѓу штедењето и инвестициите, со што го негирале постоењето на загатката,
  3. најпосле, некои економисти ја потврдиле високата врска помеѓу домашното штедење и инвестициите, но тој резултат не го толкувале како доказ за ниската меѓународна подвижност на капиталот. Според нив, дури и при постоење на совршена подвижност на капиталот, постојат одредени фактори кои ги поврзуваат домашното штедење и инвестициите, како што се: големината на земјата, степенот на развиеност, ефектот на Европската унија, државната интервенција итн.[2]

Загатката на Фелдштајн и Хориока во Македонија

уреди

Испитувањето на поврзаноста на домашното штедење и инвестициите во Македонија покажало дека врската помеѓу овие променливи е прилично силна, т.е. од секоја дополнителна заштеда во износ од 100 денари, дури 65,5 денари се инвестираат во македонската економија. Овој резултат покажува дека постои одредена подвижност на капиталот, но ја потврдува загатката на Фелдштајн и Хориока.[3]

Наводи

уреди
  1. „Домашно штедење: Колку е значајно за инвестициите?“, Економија и бизнис, год. 16, бр. 179, мај 2013, стр. 40.
  2. „Домашно штедење: Колку е значајно за инвестициите?“, Економија и бизнис, год. 16, бр. 179, мај 2013, стр. 40-41.
  3. „Домашно штедење: Колку е значајно за инвестициите?“, Економија и бизнис, год. 16, бр. 179, мај 2013, стр. 41.