Еволуциска психологија
Еволуциска психологија е теоретски правец во општествените и природните науки која го проучува психичкиот живот од модерна еволутивна перспектива. Таа се обидува да утврди кои психички особини се еволуирани адаптации – т.е. функционални производи на природна селекција. Адаптационистичкото размислување насочено кон разбирање на физиолошките механизми, како што се срцето, белите дробови и имунолошкиот систем, е честа појава кај еволуциската биологија, па така еволуциските психолози применуваат исти размислувања за менталните појави, тврдејќи дека модуларноста на мозокот е слична на онаа на телото т.е. постоење различни модуларни адаптации кои извршуваат различни функции. Еволуциските психолози тврдат дека голем дел од човековото однесување е производ на психичките адаптации, кои се развиле за решавање на практични егзистенцијални проблеми на нашите предци.
Еволуциските психолози тврдат дека таа не е само гранка на психологијата, туку дека еволуциската теорија овозможува базична, метатеоретска рамка која ги интегрира сите делови од психологијата на ист начин како тоа што го прави еволуцијата во биологијата.
Еволуциските психолози веруваат дека сите однесувања и црти кои се јавуваат универзално, во сите култури, се добри примери за постоењето на еволуциски адаптации вклучувајќи ги способностите за разбирање на туѓите емоции, разликување по крвно сродство, преференација на поздрави партнери и соработка со другите. Тие приложуваат емпириски тестирани докази за теории поврзани со детеубиство, интелигенција, промискуитет, перцепција на убавината , родителско вложување и многу други.
Теориите и наодите од еволуциската психологија имаат примена во многу области како: економија, животна средина, здравство, право, менаџмент, психијатрија, политика и литературa.
Критиките упатени кон еволуциската психологија вклучуваат прашања за нејзината емпириска тестабилност, когнитивни и еволуциски претпоставки (како што се модуларното функционирање на мозокот и малкуте сознанија за животната средина на нашите преци), важноста на не-генетски и не-адаптивни објаснувања, како и политички и етички прашања во улога на релевантни променливи поради, интерпретација на резултатите од истражувањето.
- ↑ „The Nobel Prize in Physiology or Medicine 1973“. Nobel Foundation. Посетено на 28 July 2007.