Европски кредит трансфер систем

(Пренасочено од ЕКТС)

Европски кредит трансфер систем - ЕКТС или Европски систем на пренос и акумулација на бодови (англиски: European Credit Transfer and Accumulation System) претставува бројчен систем за квалитативно вреднување на работата на студентите што била вложена за стекнување знаења, способности и вештини што се предвидени со програмата за студирање, односно со конкретниот предмет во рамките на таа програма.

Системот е еден од составните елементи на Болоњскиот процес, а со него е овозможено споредување на различните наставни програми на универзитетите и пооделните високошколски установи во Европа и признавање на дипломите[1]. Првично, системот бил воведен за да се овозможи подвижност на студентите, но тој се покажал и како многу добра мерка за зголемување на севкупната ефикасност во студирањето.

Бројчената вредност (ЕКТС) на студентот (изразена во кредити, односно бодови), ги опфаќа бодовите за совладување на:

  • предметот во целина,
  • сите предмети во еден семестар,
  • академската година, и
  • целокупното студирање

ЕКТС (кредитите) бодовите не се засновани само на часовите по одреден предмет, туку на вкупната работа што ја генерираат тие часови (во формирањето на вредноста на ЕКТС бодовите за одреден предмет учествуваат сите елементи на активната настава).

Методологија

уреди

Квантитативната мерка за оптоварување на поодделен студент изнесува 60 бода во текот на годината, односно 30 бода во текот на еден семестар. Притоа, еден бод одговара на работата од 25-30 часови, при што е предвидено студентот да работи во просек 40 часа неделно. Со програмата за студирање е предвиден вкупниот број бодови што е потребен за стекнување на одредено звање.

ЕКТС (кредитите) бодовите се добиваат за вкупното ангажирање на студентот, а кое се однесува на активната настава:

  • предавањата,
  • вежбите,
  • семинарите,
  • колоквиумите и испитите,
  • дипломската работа,
  • теренската работа,
  • професионалната пракса и
  • самостојната работа, (пример, учење во библиотека, работа дома, менторство на други студенти, изработени или реализирани проекти, освоени награди или пофалници, учество на семинари, учество на симпозиуми и сл.).

Сите облици на активна настава, вклучувајќи го и испитот, прават една целина. Бодовите се стекнуваат во рамките на наставните активности што се предвидени за секој предмет, и се применуваат откако студентот ќе го положи испитот од соодветниот предмет.

Стекнатите (кредити) бодови за поодделни предмети влегуваат во вкупната сума на бодови што се потребни за завршување на секоја година, односно за одреден степен на студирање:

  • прв циклус на универзитетски студии (основни студии);
  • втор циклус на универзитетски студии (дипломски академски студии или специјалистички академски студии);
  • трет циклус на универзитетски студии (докторски академски студии);
  • прв циклус на стручни студии и
  • специјалистички студии.

Според тоа, за тригодишните студии од прв степен вкупно се потребни минимум 180 бода, за четиригодишните студии од прв степен минимум 240 бода (кредити)[2], за универзитетски студии од втор степен кумулација од минимум 300 бода (заедно прв + втор степен), и за универзитетски студии од трет степен кумулација на минимум 480 бода (прв + втор + трет циклус заедно).

Оценки

уреди

Бодови му се доделуваат на секој студент кој успешно ќе го положи испитот. Покрај бодови, студентот добива и оценка која го опишува квалитетот на неговото знаење и постигнатите резултати за даден предмет. Оценката може да се прикаже како ЕКТС оценка, како бројчена оценка или како описна оценка. Студентот, покрај освоените ЕКТС бодови секогаш добива и оценка која поблиску го опишува неговото знаење за дадениот предмет.

Меѓусебна врска меѓу оценките и дефиницијата на описните оценки
ЕКТС Бројчена оценка Дефиниција
А
10
ОДЛИЧЕН - одличен резултат со само мали грешки
Б
9
МНОГУ ДОБАР - резултат над просекот, но со некои грешки
Ц
8
ДОБАР - генерално добар резултат со неколку значајни грешки
Д
7
ЗАДОВОЛУВАЧКИ - просечен резултат, но со значителни недостатоци
Е
6
ДОВОЛЕН - резултат што ги задоволува минималните критериуми
ФКС
5
НЕДОВОЛЕН - потребна е дополнитена работа пред да можат да се доделат бодови
Ф
-
НЕДОВОЛЕН - потребна е значителна дополнителна работа

Бодовите не можат да застареат и секогаш ја имаат истата вредност, што е предуслов за т.н. делумно студирање и едукација во текот на целиот живот.

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. ПРАВИЛНИК за единствениот кредит систем и преминот од една на друга студиска програма Архивирано на 11 февруари 2011 г., Универзитет “Климент Охридски“ - Битола
  2. Услови за студирање - ЕКТС, Мерење оптовареноста на студентите Архивирано на 25 септември 2011 г., Економски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје