Дивидендна политика
Дивидендната политика (англиски: dividend policy) е дел од пошироката област на распределба на резултатите од работењето. Станува збор за политика на исплата на дивиденда, т.е. за збир од принципи и критериуми од кои се води претпријатието при утврдување на висината и начинот на наградување на акционерите. Потребата од водење на соодветна политика се наметнува поради тоа што целокупниот финансиски менаџмент треба да биде насочен кон остварување на единствената цел – максимизацијата на вредноста на компанијата.
Дивидендата и нејзината исплата
уредиДивидендата претставува дел од нето-добивката што им се исплатува на акционерите како награда за преземениот ризик на инвестирањето во акциите на компанијата. Одлуката за исплата на дивиденда ја носат органите на управувањето во претпријатието. Одлуката за распределба на дивиденда ги содржи следниве елементи:
- Износ на дивиденда
- Начин на исплата
- Клучни датуми во постапката за исплата на дивиденда
Теоретски погледи врз дивидендната политика
уредиВо врска со исплатата на дивиденда, се поставуваат неколку прашања. Дали компанијата треба да им дистрибуира дивиденда на акционерите или целокупната добивка треба да ја задржи за реинвестирање? Доколку се донесе одлука за исплата на дивиденда, колкава треба да биде нејзината висина? Дали со текот на годините треба да се задржи истото ниво на дивиденда или тоа треба да се зголемува/опаѓа?
Теорија за нерелевантноста на дивидендата
уредиДивидендната политика нема влијание врз вредноста на компанијата, т.е. независно од тоа дали компанијата исплатува дивиденда или не, дали дивидендата е висока или ниска, вредноста на компанијата нема да се промени. Се смета дека вредноста на компанијата зависи од нејзините оперативни перформанси и од способноста да создава позитивни резултати, а не од тоа како резултатите од работењето ќе се поделат меѓу сопствениците на капиталот.
Теорија за „врапчето во рака“
уредиПоддржувачите на оваа теорија сметаат дека исплатата на дивиденда ја елиминира неизвесноста кај акционерите. Наместо да чекаат да дојде до посакуваниот пораст, кој не е ниту сосема извесен, акционерите преку дивидендите обезбедуваат сигурен прилив во тековниот период. Поради тоа акционерите претпочитаат дивиденди наспроти капитални добивки и не може да се каже дека дивидендната политика е нерелевантна.
Теорија за даночните преференции
уредиСмета дека дивидендната политика е релевантна, и акционерите се водат од даночните ефекти на обете варијанти дивиденди наспроти капитални добивки. Ова особено се однесувало на ситуацијата во САД кога капиталните добивки биле оданочувани со многу пониски даночни стапки од дивидендите. Оданочувањето на капиталните добивки е помал проблем од причина што данок на дивидендите се плаќа секоја година, а данок на капитална добивка се плаќа само кога акцијата ќе се продаде.
Ефектот на клиентелата
уредиПод клиентела се подразбира структурата на акционерите на компанијата. Познато е дека постојат одредени типови акционери – поединци и институции, кои имаат одреден однос кон дивидендите и капиталните добивки. Помладата генерација претпочита редовни и позначајни парични приливи, додека луѓето во средни години повеќе сакаат реинвестирање на добивките.
Ефект на сигнализирање
уредиОбјавувањето на повисоки дивиденди од претходните, обично води кон одреден пораст на цената на акциите на компанијата, додека намалувањето на дивидендите има спротивен ефект. Ова може да се толкува како доказ дека акционерите претпочитаат дивиденди наспроти капитални добивки. Зголемувањето на дивидендите, пазар на капитал го сфаќа како сигнал од менаџментот на компанијата дека нејзините перформанси се здрави и на тоа реагира со зголемена побарувачка на нејзините акции.
Сепак, треба да се има предвид и дека започнувањето со исплатување дивиденди или нивниот пораст може да се сфати и поинаку, дури и како негативен сигнал. Почетокот на исплата на дивиденди може да се сфати дека компанијата веќе влегла во фаза на зрелост, но ова може да се толкува и негативно, дека компанијата нема добри развојни проекти на повидок.
Стабилноста на дивидендите како принцип
уредиПоради информативната содржина на дивидендите, нивните промени можат да бидат погрешно протолкувани од страна на пазар на капитал. Стабилноста не треба да се сфати како константност, туку подразбира и постепен раст. Разликуваме три вида дивидендна политика, и секоја од нив одразува одреден вид стабилност.
- Политика на константен коефициент на исплата на дивидендата
- Политика на константен износ на дивиденда
- Политика на ниска редовна и екстра дивиденда
Модел на резидуална дивиденда
уредиОвој модел ја набљудува дивидендата како резидуална големина, како остаток од добивката на претпријатието, по намирување на неговите развојни потреби. Се смета дека примарната употреба на нето-добивката треба да биде во насока на обезбедување доволно средства за реализација на планираните инвестициски проекти, а само остатокот од добивката би се наменил за исплата на дивиденда.
Останати фактори кои влијаат на дивидендната политика
уреди- Расположливост на готови пари
- Договорни ограничувања
- Законски ограничувања
- Можностите за нова емисија на акции
Откуп на сопствени акции
уредиСо откупувањето на сопствените акции компанијата создава т.н. трезорски акции, при што се намалува бројот на акции кои се наоѓаат во рацете на акционерите. Постојат неколку причини поради кои компаниите најчесто прибегнуваат кон оваа мерка:
- Дополнување на дивидендата што ја добиваат акционерите
- Промена на структурата на капиталот
- Инвестирање на вишокот на готовина
- Продажба на акции по основ на емитувани опции
- Заштита од преземање
Кога компанијата ќе се одлучи да изврши откуп на сопствени акции, на располагање и стојат неколку можности:
- Акциите да ги откупи преку јавен повик за откуп на одреден број акции по утврдена цена
- Откуп преку т.н. Холандска аукција при која компанијата објавува една скала од цени
- Директно договарање со некој поголем акционер за откуп на еден блок акции од него
- Обично купување на планираниот број акции на отворениот пазар, по пазарни цени
Поделба на акцијата
уредиПоделба на акцијата (англиски: stock split) е активност при која се врши поделба на секоја емитувана акција на повеќе акции, во определен сооднос, при што секоја од старите акции се заменува за одреден број нови акции. Оваа мерка се применува во случај кога пазарната цена на акциите ќе достигне исклучително висок износ, така што таа станува непогодна за тргување.
Литература
уреди- Сашо Арсов, Финансиски менаџмент, Скопје: Економски факултет, 2008.
Надворешни врски
уреди- Објаснување за дивидендите Архивирано на 16 декември 2013 г.
- Дивидендна политика