Давење со броеви
„Давење со броеви“ (англиски: Drowning by Numbers) — холандско-британски филм од 1988 година, режиран од Питер Гринавеј. Главните улоги ги играат: Џоан Плоурајт (Joan Plowright), Џулиет Стивенсон (Juliet Stevenson), Џоули Ричардсон (Joely Richardson), Бернард Хил (Bernard Hill) и Џејсон Едвардс (Jason Edwards).[1]
Синопсис
уредиСредовечната госпоѓа Сиси Колпитс (ја игра Плоурајт) го дави својот пијан маж во корито со вода, откако го начекува како врши прељуба. За да го прикрие убиството, таа бара помош од Маџет (го игра Хил), кој издава документ дека нејзиниот маж се удавил случајно. Маџет чувствува наклонетост кон госпоѓата и за својата помош очекува соодветна противуслуга. По некое време, и ќерката на Сиси, која исто така се вика Сиси (ја игра Стивенсон), го дави сопругот во морето, а Маџет повторно го прогласува убиството како случајна смрт, очекувајќи дека така ќе ја заведе Сиси. Најпосле, и внуката Сиси (ја игра Ричардсон) го убива нејзиниот сопруг во базенот, а Маџет повторно потпишува дека се работи за случајна смрт. Се разбира, полицијата започнува истрага и угледот на Маџет е доведен во прашање. На крајот од филмот, трите жени го канат Маџет да се повозат со чамец и заминуваат на средината од езерото. Најпрвин, тие ги фрлаат урните со пепелот во водата, потоа го соблекуваат Маџет и најпосле го напуштаат чамецот, оставајќи го Маџет, кој не знае да плива.