Григоровичев паримејник
Григоровичев паримејник — македонски средновековен ракопис на пергамент од крајот на XII до почетокот на XIII век. Григоровичевиот паримејник е најстар зачуван препис од оваа богослужбена книга поради што како во минатото, така и денес не престанува да го привлекува вниманието на старословенистите. Кај нас на овој значаен македонски книжевен споменик особено внимание му посветува Зденка Рибарова, која, во соработка со Зое Хауптова и Емилие Блахова, подготвила двотомно издание на паримејникот.[1]
Григоровичев паримејник | |
---|---|
Руска државна библиотека | |
Страница од ракописот | |
Година на изработка | крајот на XII век |
Материјал | пергамент |
Големина | 104 листа |
Писмо | кирилица |
Историја
уредиВо 1844 година, Виктор Григорович го нашол во манастирот Хиландар[2] и го однел во Русија. Во 1876 година, ракописот станал сопственост на Румјанцевскиот музеј во Москва, а сега се чува во Руската државна библиотека под шифрата Григ. бр. 2 / М.1685.[3]
Опис
уредиОва е најстариот зачуван словенски паримејник, веројатно копиран од глаголицата.[4]
Паримејникот содржи 104 пергаментни листа напишани со кирилско старословенско писмо. Овој ракопис е палимпсест и на некои места е читлив првобитниот текст којшто претставува византиско апракосно евангелие од X век. Настанувањето на овој ракопис, според јазичните особености, се сместува во областа на Јужна Македонија, во рамките на Охридската книжевна школа. Григоровичевиот паримејник содржи паримејни четива за Раѓањето на Христос и Богојавление, потоа четива за времето на Великиот пост, за периодот на цветниот триод, како и за одделни празници од месецословот. Помеѓу некои паримии се јавуваат и упатства од типикот за извршување на црковната служба, прокимени — стихови од псалмите што се кажуваат за време на црковната служба пред да се чита евангелието, апостолот или некоја паримија и сл. Текстот започнува со Првата книга Мојсеева, а завршува со Книгата на премудроста Соломонова (11:15).[5]
Недостасуваат неколку листови во средината и крајот.
Правописот е едноеров со употреба на три јусови знаци. Еровите често се заменуваат со чисти вокали, додека употребата на буквените знаци за носовките е строго нормирана.[1]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Поп-Атанаов, Ѓорги (2019). „МАКЕДОНСКОТО КНИЖЕВНО НАСЛЕДСТВО ВО МОСКОВСКИОТ ДЕЛ ОД РАКОПИСНАТА ЗБИРКА НА ВИКТОР ГРИГОРОВИЧ“. Посетено на 15 септември 2024.
- ↑ Срв. Донесения В. И. Григоровича об его путешествии по славянским землям. Казань, 1915, 75.
- ↑ Сводный каталог славяно-русских рукописных книг, хранящихся в СССР: XI-ХIII вв. Москва, 1984, 175—177; Куев, К. Съдбата на старобългарската ръкописна книга през вековете. С., 1979, 172.
- ↑ Алексеев, А. А. Византийско-славянский профитологий (формирование состава). — Труды Отдела древнерусской литературы, 56, 2004, 66-67 Архивирано на 6 ноември 2023 г..
- ↑ „ГРИГОРОВИЧЕВ ПАРИМЕЈНИК“. Институт за македонска литература. Посетено на 15 септември 2024.
Издание
уреди- Рибарова, З., Хауптова, З. Григоровичев парименик. Текст од критики за уредот. Скопје, 1998