Грдото Пајче
„Грдото Пајче“ (дански: Den grimme ælling) — позната сказна на данскиот баснописец Ханс Кристијан Андерсен, која важи за мошне оригинален вид на биографска сказна. Првпат е објавена во 1843 година.[1]

Својот трнлив пат низ животот и творештвото, Андерсен најдобро го оцртал со помош на сказната „Грдото Пајче“, во 1843 година. Во оваа приказна, тој пишува:
„ | Не е лошо да се родиш покрај бара заедно со патките, ако си се извел од јајце на лебед. | “ |
Оваа автобиографскасказна се смета и за сказна-манифест, па дури и за упатство за секој млад човек, без непотребно морализирање, дека секогаш патот на успехот е полн со непредвидливости, искушенија и неизвесност, но само работата е таа што ги решава сите дилеми на една животната и творечката егзистенција.
Содржина
уредиНа еден селски имот, патка лежи во гнездото во кое има шест јајца. Еден ден, од петте јајца излегуваат пет убави пајчиња, а подоцна распукува и шестото јајце од кое се појавува многу грдо пајче, наречено Грдото Пајче. Подоцна, патката ги носи патчињата во дворот на фармата за да ги запознае со старата патка која уживал посебен углед меѓу птиците. Таму, старата патка и сите други птици ги фалат патчињата, но за последното сметаат дека е многу грдо. Оттогаш, сите животни на фармата се однесуваат лошо кон Грдото Пајче, вклучувајќи ги и неговите браќа и сестри. Бидејќи повеќе не може да го поднесе злоставувањето, една ноќ, тоа бега од фармата и пристига во блиското мочуриште каде запознава диви патки. Но тогаш се слушаат истрели и двете патки паѓаат мртви. Всушност, Грдото Пајче запаѓа во екот на ловот на диви патки. Исплашено, тоа ја покрива главата со крилјата, а тогаш нему му се приближува ловечкото куче кое само го помирисува и си заминува. По некое време, тоа пристига до една сиромашна куќа во која живее старица со кокошка и со мачор. Некое време, патчето живее во куќата, а мачорот и кокошката го прекоруваат затоа што тоа не може да несе јајца или да преде. Од друга страна, водено од стремежот да плива во водата, еден ден тоа ја напушта куќата. Есента, тоа здогледува лебеди и се воодушевува на нивната убавина. Меѓутоа, набргу доаѓа зимата и, еден ден, Грдото Пајче замрзнува во водата. Во таква состојба го пронаоѓа еден селанец кој го носи дома и таму го враќа во живот. Меѓутоа, кога неговите деца посакуваат да си поиграат со пајчето, тоа се исплашува и прави неред во куќата, а потоа бега надвор. По некое време доаѓа пролетта и нему му се враќа силата и тоа летнува во една убава градина. Таму, здогледува три лебеди, а кога се погледнува во водата, забележува дека е убав млад лебед. Него веднаш го забележуваат другите лебеди и децата, кои се воодушевуваат на неговата убавина.[2]
Изданија на македонски јазик
уредиБајката „Грдото пајче“ е објавена на македонски јазик во повеќе наврати. Во 1967 година, таа била вклучена во книгата „Бајки“ на Ханс Кристијан Андерсен, издадена од Македонска книга и Детска радост, а во превод на Борис Благоески.[3]
Во 1980 година, сказната е објавена како посебна книга во издание на Култура, Наша книга, Мисла, Македонска книга и Детска радост. Книгата служела како лектира за прво одделение во основните училишта во Македонија. Преводот повторно е дело на Борис Благоески, а автор на корицата и на илустрациите во книгата е Ордан Манески. Книгата, со обем од 16 страници, е испечатена во печатницата на НИП „Нова Македонија“ во тираж од 30 000 примероци.[4]
Наводи
уреди- ↑ Tatar, Maria (2008). The Annotated Hans Christian Andersen. W.. Norton & Company. стр. 99–118.
- ↑ Ханс Кристијан Андерсен, Бајки. Скопје: Македонска книга и Детска радост, 1967, стр. 38-49.
- ↑ Ханс Кристијан Андерсен, Бајки, Македонска книга и Детска радост, Скопје, 1967.
- ↑ Х. К. Андерсен, Грдото пајче, Култура, Наша книга, Мисла, Македонска книга и Детска радост, Скопје, 1980.
Надворешни врски
уреди- The Ugly Duckling English translation by Jean Hersholt
- SurLaLune's Annotated The Ugly Duckling Архивирано на 22 септември 2012 г.