Градиште — градиште со некропола од доцноантичкото време. На 1 км источно од селото, на северните падини на Водно, на издадена карпеста чука со зарамнет врв во форма на триаголник и со димензии од 110 × 105 м се гледаат остатоци од одбранбен бедем граден од кршен камен и варов малтер. На површината на градиштето се гледаат темели од повеќе објекти и множество градежен материјал, како и фрагменти од керамички садови и монети. На северозападното подножје, при обработувањето на земјата се откриени повеќе гробови градени од камени плочи.
Св. Пантелејмон — осамен наод од римското време. Во 1967 година, при изведувањето на конзерваторските работи во манастирот, во подот под централната купола на манастирската црква е откриен надгробен споменик од бел мермер со латински натпис. Споменикот е вратен на истото место, со натписот свртен надолу.