Говорот на Турците од Штипско

Говорот на Турците од Штипско е дијалект на турскиот јазик кој се зборува во Штип и неговата околина. Дијалектот спаѓа во групата на источни турски говори во Македонија. Дијалектот е признат како културно нематеријално наследство на Република Македонија од категоријата на „особено значење“ и поткатегоријата „исклучително значење“. Според податокот на УЗКН, доброто е заведено под број 3.2.4.3.1.16. во националната класификација на културното наследство.[1]

Потекло

уреди

Штипскиот турски говор, впрочем како и сите други турски говори во Р Македонија потекнуваат од јазикот на турското население кое заедно со проширувањето на Османската Империја се населува на овие краишта. Според историските податоци турското население на овие краишта се населува во втората половина на XIV век.

Опис на доброто

уреди

Штип заедно со Струмица се сметаат дека се најголемите населени градови во Источна Македонија. Како во другите градови во Македонија, така и во градот Штип и неговата околина има бројно население од турската етничката заедница кои се доселени од разни краеви на Анадолија. Штип како центар во својата околина сè уште е опколен со богати села во кои живеат и Турци Јуруци кои подоцна се преселени во планинските предели на Источна Македонија. После ослободувањето на нашава земја, поради разни причини (политички, социјални и др.) Јуруците почнаа да емигрираат во најблиските градови а од 1953 година почнаа и да се селат во матичната земја Р. Турција. Оваа селидба придонесе како во градовите така и во Јуручките села периодично да се намали бројот на турското население. Според последниот попис во Штип и во околните села живеат скоро 3000 жители чиј мајчин јазик им е турскиот.

Според нашето увидување, досега, штипскиот турски говор не е истражуван и обработен од лингвистите. Затоа ние обрнавме посебно внимание и материјалот што ние го собравме, како и порано собраниот материјал од областа на турската народна литература и турскиот фолклор ќе настојуваме со примери и со турскиот граматички систем да го презентираме овој говор со сите негови јазични особености.

Благодарејќи на Турската етничка заедница која живее во Штип и на Јуручките Турци запазен е целиот граматички систем што е соодветен на современиот турски јазик. Покрај тоа, сепак се среќаваат и извесни јазични особености кои отстапуваат од литературниот турски јазик.

Во штипскиот турски говор се среќаваат скоро сите исти букви-фонеми кои се опфатени во турската азбука. Во овој говор се присутни 21 консонант и 8 вокали, кои често пати своите места ги остапуваат на слични алафони.

Од областа на вокализмот треба да се нагласи дека во штипскиот турски говор покрај 8 активни вокали присутен е и мекиот алафон (ā) кој завзема место во зборовите од арапско потекло. Во артикулацијата се забележуваат и уште долгите вокали â, û, î кои имаат посебна карактеристика во турскиот говор во Источна Македонија.

Вокалите кои го отстапуваат своето место на слични вокали карактеристичен е вокалот ı (и без точка) кој се смета како најслаб вокал и често пати своето место го отстапува на i, u, ü:

i<ı: ayi<ayı, epınız<hepiniz, boncuklari<boncukları, sari<sarı, yabani<yabanı, ayaklari<ayakları, taşlari<taşları, urgani<urganı, yokari<yukarı, fiyati<fiyatı, kafani<kafanı и др.

ı<i: bizım<bizim, senın<senin, kısmetın<kısmetin, cebın<cabin, gezınır<gezinir и др.

e>а: pare<para, kirez<kiraz и др.

i<u: korki<korku, avli<avlu, koluni<kolunu, boyuni<boyunu, dogri<doğru, uyki<uyku и др.

ü<ö: düver<döver и др.

i<ü: güzüni<gözünü, gülci<gülcü, güzi<gözü и др.

u<o: kuydi<коydu и др.

  • Дифтонзи: Во зборовите од турско потекло во коренот на зборот не доаѓаат два вокала еден покрај друг. Зборовите како што се saat, real и некои други, значи дека тие зборови се од туѓо потекло. Меѓутоа, како и во другите турски говори во Р Македонија, така и во штипскиот турски говор се среќаваат зборови кои содржат дифтонг. Во таквите зборови дифтонзите се формираат со испаѓање на мекото ‘ğ’, ‘y’, ‘h’, ‘v’ и со скратување на изговарањето на зборовите како што се bu kadar, o kadar каде што настанува долго `а`, кој како вокал се изговара на следниот начин: bukaa<bu kadar, okaa<o kadar и др.
  • Со испаѓање на консонантот меко `ğ`: aşaa<aşağa, aa<ağa, aaç<ağaç, kaat<kağıt и др.
  • Со испаѓање на консонантот ‘h’: saan<sahan, daa<daha, maabet<muhabbet, kabaat<kabahat и др.
  • Со испаѓање на консонантот ‘y’: oraa<oraya, neree<nereye, buraa<buraya, yeelim<yiyelim, deer<diyor, baglaasın<bağlayasın, söyleecek<söyleyecek, görmeesın<görmeyesin, isteecek<isteyecek, minaree<minareye и др.
  • Со испаѓање на консонантот ‘v’: auç<avuç, tauşancık<tavuşancık, tauk<tavuk и др.
  • Појава на промената кај консонантите кои го отстапуваат своето место на друг сличен консонант:

ş<ç: agaş<ağaç, kaşti<kaçtı и др.

n<l: minlet<millet, onnar<onlar и др.

g<ğ: dag<dağ, aglaşti<ağlaştı, yaglıydi<yağlıydı и др.

y<k: ayşama<akşama, ayşamlik<akşamlık и др.

n<m: şindi<şimdi и др.

  • Испаѓање на консонантот ‘h’: ava<hava, izli<hızlı, saba<sabah, raat<rahat, padişa<padişah, ükümet<hükümet, em<hem, erif<herif, aydut<haydut, erşey<herşey, emen<hemen и др.
  • Испаѓање на консонантот ‘v’: urdi<vurdu, ucudi<vücudu, düyeydi<döverdi и др.

Во коренот на зборовите од турско потекло, обично не се наоѓаат двојни консонанти, а ако постојат, тие се ретки случаеви, како што е примерот anne<ana. Во туѓите зборови кај кои во коренот на зборот се наоѓаат двојните консонанти, обично едниот не се изговара: evel<evvel, zere<zerre, dikat<dikkat и др.

Посебни карактеристики

уреди

Во штипскиот турски говор за разлика од другите турски говори, консонантите ‘g’ и ‘l’ пред меките вокали се изговараат како тврди консонанти: geldım<geldim, lazim<lâzim, bılırsın<bilirsin, geldık<geldik и др.

Зборообразовните наставки често пати не подлежат на законот за вокална хармонија:

sız<siz: annesız<annesiz, kemiksız<kemiksiz и др.

li<lı: çatalli<çatallı, ızli<hızlı и др.

cik<cık: ufacik<ufacık и др.

Сврзникот ile кога се пишува споено, не подлежи на законот за вокална хармонија:

onlarle<onlarla, parayle<parayla, paşayle<paşayla и др.

Употреба на глаголските времиња и начин со изговор на следните фонетски-морфолошки форми:

Минато определено свршено време: çiktilar<çıktılar, kovdi<kovdu, bogdi<boğdu, konuşti<konuştu, kalkti<kalktı, yatti<yattı, öldi<öldü, oldi<oldu и др.

Минато неопределено свршено време: uyumiş<uyumuş, dolmiş<dolmuş, dalmiş<dalmış, aldatmiş<aldatmış, ölmiş<ölmüş, sarmiş<sarmış, görmiş<görmüş и др.

Идно време: isteecek<isteyecek, vereceksın<vereceksin, getireceksın<getireceksin, olacam<olacağım и др.

Аорист: kuyar<koyar, gelır<gelir, urur<vurur, bilır<bilir, getır<getir, ikar<yıkar, verır<verir и др.

Оптатив: alım<alayım, bakım<bakayım, bulim<bulayım, bakasin<bakasın, aglay<ağla, istey<iste, geliy<gele, bilmey<bilmez и др.

Заповеден начин: çiksın<çıksın, gitsın<gitsin, binsın<binsin, gelsın<gelsin и др.

Инфинитив: urmak<vurmak, alma, çikmak<çıkmak и др.

Зборови од туѓо јазично потекло: molba, şamar, injiner, prle, ulaz, ştama, vrşnik, maçka, struya, lasta, pule и др.

Вредност и значење на доброто

уреди

Штипскиот турски говор претставува составен и значаен дел од македонското културно наследство, односно од дијалектната база на турскиот јазик кој се говори надвор од границите на Република Турција. Вредноста на овој говор ја оценуваме пред се` од лингвистичка, и поконкретно од дијалектолошка, (на фонетско-фонолошко ниво, морфолошко, лексичко-семантичко и етимолошко ниво); притоа не ги занемаруваме ниту значењата од етнолошка, филолошка и другите културни вредности вткаени во народниот јазик.

Критериуми врз кои е извршена валоризација на доброто

уреди

Критериуми кои се однесуваат на својствата на доброто

уреди

Автентичност – Во рамките на јазикот секој одделен дијалект претставува негов автентичен дел; токму врз ова својство се должи значењето на турските говори кои се употребуваат во РМ.

Реткост – Во својот примарен и оригинален облик, штипскиот турски говор е карактеристичен за точно определена територија, односно за луѓето што потекнуваат од точно определена територија врз основа на што се цени нивната реткост и единственост.

Разновидност – Општо речено, разновидноста на секој турски говор во, па и надвор од границите на Република Турција, како и штипскиот говор претставува природен извор на јазичен материјал на турскиот јазик, па во оваа смисла чувањето и проучувањето на дијалектната база овозможува чување, збогатување и насочување на турските говори во РМ.

Интегралност – Овој говор, како и другите турски говори во РМ е интегрален дел од севкупните турски говори. Со други зборови, со своите основни фонетско-фонолошки, морфолошки, морфосинтаксички и лексички особености, штипскиот турски говор е составен и интегрален дел на турските румелиски говори.

Старост – Турските говори во РМ, вклучително и говорот на турците од штипско, се основен белег на турската етничка заедница која живее во РМ. Турските говори што се употребуваат во РМ ги содржи елементите на османскиот турски јазик кој се употребувал за време на Османската Империја. Тие во себе чуваат многу архаични форми на јазикот одошто што можат да се забележат во стандартниот турски јазик.

Критериуми кои се однесуваат на функцијата на доброто

уреди

Основна функција на секој говор е комуникациската. Комуникацијата меѓу населението и пренесувањето на информации се најважните функции на јазикот, па и на штипскиот турски говор како специфично и идентификациско обележје на тамошното население. Разбирањето меѓу луѓето придонесува определено население меѓу себе да стапува во различни видови односи, па и во врски од различни области од стопанството. Штипскиот турски говор е предмет на истражување во научната област лингвистика. Непосредно со научната функција е врзана и воспитно-образовната функција што ја има проучувањето на турските говори (дијалекти) и запознавањето на учениците и студентите со одделните карактеристики на говорите на турското население во РМ.

Критериуми кои се однесуваат на значењето на доброто

уреди

Културно – Штипскиот турски говор е дел од културното наследство на турското население што живее на определена територија; односно во говорот е вграден речиси секој елемент од културната традиција на турското население, започнувајќи од изгледот (на пр. Народните носии и називите на деловите на народните носии), работата (земјоделието и алатките за обработка на земјата, називи во врска со садовите и нивната употреба во домашните работи), народните песни испеани во тие краишта, во кои е вплетена историјата на населението низ вековите итн. Токму во овие рамки може да се зборува за културното значење како еден од најважните критериуми при валоризација на турскиот говор во Штип и штипско.

Историско – Турските дијалекти-говори се примарен дел од културното и историското наследство и основен белег за постоење на турското население надвор од границите на својата матична земја. И само преку нивно поединечно и интегрално проучување можеме во вистинско светло да ја презентираме пред јавноста културната традиција и историја на турското население кое живее во РМ.

Уметничко – Од уметнички аспект, значењето на штипскиот турски говор се согледува во народната уметност, народните песни и приказни испеани и раскажани на впечатлив народен говор. Овој тип на уметност со векови бил израз на турската литература.

Научно – Научното значење на овој говор го определуваме пред се` во рамките на лингвистиката и тоа како за турската наука за јазикот, така и на балканистиката и неговото влијание на другите нетурски говори кој што се говорат во овие краишта. Од аспект на туркологијата, штипскиот турски говор е интегрален дел од румелиската дијалектна територија и во тие рамки тој е непроценлив извор на информации за општата диференцијација на турските говори не само во нашата земја, туку и пошироко.

Општествено – Штипскиот турски говор, како и впрочем сите турски говори во РМ имаат пред се` општествено значење. Тие се основното бележје на турскиот народ кој живее во РМ и надвор од својата матична земја.

Критериуми за категоризација на доброто

уреди
  • Исклучителноста на штипскиот турски говор, како впрочем и на другите турски говори во РМ, се состои во фактот што самиот по себе овој говор не само што е раритет по своите општи јазични црти, туку според некои јазични црти е и уникат т.е. не постои друга територија на која може да се сретне ваква јазична целина. Со други зборови се работи за исклучителна реткост која е неопходно, како таква, да се подложи на посебен тип на заштита.


  • Впечатливоста на штипскиот турски говор е во тесна врска со погоре наведената негова уникатност. Со други зборови, она што е ретко или уникатно, се разбира дека е впечатливо, а тоа е карактеристика и за штипскиот турски говор кој со своите уникатно искомбинирани јазични карактеристики претставува посебно впечатлив и интересен народен говор, кој има и свое влијание и јасно се разликува од другите турски говори во РМ.


  • Влијателноста на штипскиот турски говор можеме да ја дефинираме како начин на влијание што го има секој говор, па вклучително и штипскиот турски, врз населението што го зборува и на говорите на другите народи кои живеат во тој регион (македонскиот говор). Се работи за единствен знак за идентификација на регионот на којшто еден човек припаѓа и којшто во себе опфаќа цел сплет на културни, традиционални, религиски и други обележја, а секако и на придобивки што произлегле од тој регион, а се од општо значење за цивилизациските достигнувања на еден народ.


  • Поврзаноста на турскиот штипски говор со другите турски говори во РМ, кои се дел од турската дијалектна територија, т.е. поврзаноста на синхрониски план, но исто така и поврзаноста на дијахрониски план (колку овие говори се рефлекс за развојот на турскиот јазик што се говори во РМ низ вековите и различните влијанија што делувале на овој простор во минатото но и денес) е секако неоспорна и несомнена. Всушност оваа поврзаност и ја прави дијалектологијата мошне значајна наука и единствена по обемноста на полето што го истражува, а во тие рамки вакво несомнено огромно значење имаат и сите активности и ангажмани кои се грижат за заштитата и зачувувањето на нашите дијалекти.

Библиографија

уреди
  • С. Пиличкова, Структурата на турските волшебни приказни, Институт за фолклор `Марко Цепенков`-Скопје, 2001.
  • С. Пиличкова, Турските реалистични народни приказни, Институт за фолклор `Марко Цепенков`-Скопје, том II, 1997.
  • С. Пиличкова, Нарација и реалност, Институт за фолклор `Марко Цепенков`-Скопје, 2002.
  • С. Пиличкова, Турски хумористични народни приказни во функција на пародија, Институт за фолклор `Марко Цепенков`-Скопје, 2000.
  • С. Пиличкова, Насрадин Оџа и Итар Пејо, Институт за фолклор `Марко Цепенков`-Скопје, 1996.


Наводи

уреди
  1. Говорот на Турците во Македонија, Управа за заштита на културното наследство.