Гнајс
Гнајсот е метаморфна карпа составена од средни до поголеми, груби зрна. Има висок степен на метаморфизам. Гнајс (Gneiss) е стар германски збор првично употребуван од рударите во Саксонија. Потеклото на гнајсевите е различно. Со метаморфоза на гранитите настануваат ортогнајсевите, додека парагнајсевите настануваат со преобразба на песочниците и со фелдспатизација на шкрилците.
Според својата структура, гнајсевите можат да бидат гранобластични, лепидобластични, порфиробластични, додека во зависност од својата текстура се делат на шкрилави, масивни, окцести, лентести и набрани. Гнајсевите се изградени од кварц, алкални фелдспати и лискуни како важни состојки. Кварцот е обилно застапен и се јавува во зрна со различна големина.
Во Македонија гнајсевите се доста застапени, почнувајќи од околината на Прилеп, па сѐ до Кајмакчалан.