Георги Дримколски
Георги Цветковиќ Дримколски (Лабуништа, 1860 — 1905) бил четнички војвода во Македонија во почетокот на 20 век.
Биографија
уредиГеорги Цветковиќ е роден во село Лабуништа, во Дримкол кај Струга во 1860 год. како син на Димитрија Цветковиќ, кој бил командант на доброволци од Македонија во Српско-турската војна од 1876 год. Селото Лабуништа, како и селата Подгорци, Јабланица и Вевчани во Дримкол биле патријаршиски села и трпеле притисок од страна на ВМРО, особено од војводата Милош од Безово, да станат егзархиски. Притисокот пораснал после Илинденското востание. Во Лабуништа во август 1904 год. Пандил Ѓорески формира селска чета заради самоодбрана и поставува стражи кои би го бранеле селото од упадите на ВМРО. Георги, кој во тоа време ја држи кафаната Три грозда во Белград, ја затвора кафаната и доаѓа на чело на чета во својот крај да го брани од зулуми. Во годината 1904 течат преговорите помеѓу Српска одбрана и Борис Сарафов кој за пари се согласува преку каналите на ВМРО да спроведе три српски чети на теренот на Македонија. Есента 1904 покрај четата на Глигор Соколовиќ ја спроведува и четата на Георги Цветковиќ. Цветковиќ во Дримкол стигнал со неколку четници и ја презел четата од Пандил Ѓорески. Присуството на муслимани и Албанци во селата во околината, како и четата на Милош од Безово, го приморале Цветковиќ да ја помине цела зима 1904/1905 по планините и да ги избегнува селата заради можноста од репресалии. Поради зимата и тешкиот живот здравјето му се влошува и умира од смрзнатини во пролетта 1905 година.[1][2]