Грб на Гвајана
Грбот на Гвајана е официјалниот државен грб на оваа јужноамериканска држава. Грбот бил официјално воведен на 25 февруари 1966 година, но кралицата Елизабета II го претставила овој грб на гвајанската јавност на 21 јануари, истата година.
Опис
уредиГрбот е составен од неколку елементи. Во централниот дел има штит, на кој има приказ на лилјан Викторија, кој е национален цвет во Гвајана, а под лилјанот има три брановидни сини ленти, кои ги симболизираат реките во државата и под нив има приказ на националната птица хоацин. Штитот го држат два јагуара, од кој левиот држи секира, а десниот гранки од шеќерна трска и ориз, кои ги симболизираат шеќерната и оризната индустрија во земјата. Над штитот има приказ на украсен шлем, што е кралска инсигнија, и индијанска традиционална капа, која ги симболизира староседелските народи. Под грбот се наоѓа бела лента со националното гесло, „Еден народ, една нација, една судбина“ или на англиски „One people, one nation, one destiny“.