Гајда

(Пренасочено од Гајда (македонска))
Ова е објавената верзија, проверена на 29 октомври 2024. Има 1 промена во исчекување на проверка.

Гајда или мешница[1]народен музички дувачки инструмент составен од мев (мешина), најчесто од коза, со три цевки за дување и за свирење.[2]

Гајдаџија на манифестацијата Илинденски денови во Битола.

Состав на македонска гајда

уреди

Македонската гајда може да биде двогласна или тригласна што се определува во зависност од бројот на бордунските елементи. Во Македонија најзастапени се двогласните гајди, а во одредени делови на Македонија се среќаваат и тригласни гајди. Најмногу гајди со слагарче се среќавале во Овчеполието.[3] Гајдата се состои од:

  • гајдарка, која се прави од дреново дрво. Гајдарката има седум дупки на лицето и една дупка за палецот на опачината; на крајот на цевката се прикачува славец.
  • брчало, бучало или рог кое е составено од три дела кои се навлекуваат еден во друг со што овозможуваат негово скратување и продолжување со што се постигнува посакуваната висина; истото произведува континуиран тон (вториот глас). Првиот дел во којшто влегува писката се нарекува пискарник, вториот среднак а третиот брчало.
  • слагарче, кое е составено од два дела кои исто така се навлекуваат еден во друг овозможувајќи постигнување на потребната висина. Овој дел го имаат само тригласните гајди.
  • дувало поврзано со мевот. Преку дувалото повремено се надополнува мевот на гајдата.
  • мев, направен од штавена овча или козја кожа.

Свирење на гајда

уреди
Панаѓур пред црквата „Св. Недела“ во Битола на кој може да се забележи свирење на гајда. Снимен од браќата Манаки, помеѓу 1905-1912

Пред свирење гајдата се штима. Ова се изведува со свирење на петтиот тон на гајдарката (додека погорните дупки се затворени) и со прилагодување на должината на брчалото, така што истото свири две октави пониско.

Гајдата се држи под рака (мевот се дополнува со воздух одвреме-навреме). Гајдарката се држи со двете раце, така што прстите од левата рака работат со долните 4 дупки, додека горните три и палечната дупка се работат со прстите од десната.

Брчалото се префрла преку рамо, преку десната рака или може да виси.

Гајдата може да свири 9 дијатонички и 2-3 хроматички тонови. Најкористените клучеви се B и A, но и подолните клучеви исто така можат да се употребуваат. Репертоарот за гајдата се состои од народни ора и песни, кои се изведуваат за време на празници. Гајдата се изведува соло и како дел од ансамбл во изведба на ора и инструментални импровизации.

 Епска орска импровизација за гајда во изведба на мајстор Пеце Атанасовски

Потекло на гајдата

уреди
Љубомир Паричка свири на гајда, Словачка Република
  • Околу потеклото на гајдата постојат многубројни теории, а едно е сигурно дека инструменти со слични ерголошки карактеристиќи на гајдата во Р. Македонија се среќаваат во повеќе делови од светот. Ова укажува на спонатноста во настанувањето на музичките инструменти кои се создавале, надоградувале и усовршувале во одреден временски и географски простор. Потеклото на гајдата како музички инструмент, генерално останува енигма, бидејќи инструменти слични на него, во денешно време се среќеваат во повеќе земји. Ослободувајќи се од спрегите на минатото и согледувајќи ја фактичката состојба со употребата на овој инструмент во Р Македонија во денешно време, можеме со сигурност да кажеме дека станува збор за музички инструмент кој бил мошне застапен и користен од автохтоното население уште во далечното минато. И денес овој инструмент сè повеќе се негува во руралните средини, но со огромните миграции од руралните во градските средини станува застапен и во градот.
  • Околу настанокот на музичкиот инструмент гајда не може да се добијат конкретни податоци, бидејќи музичките инструменти биле создавани спонтано, според потребите на заедницата и истите биле надоградувани паралелно со културното и музичко созревање на човекот. Секако, појавата на музичките инструменти е тесно поврзана со изработувачите на музички инструменти, кои во корелација со талентираните инструменталисти го одбирале материјалот за изработување, ги одредувале тонските висини кои се прилагодувале на локалните музички особености. Одредени податоци околу присуството на музичките инструменти здобиваме од фреските и иконите на кои се насликани музички инструменти меѓу кои и гајдата. Останати информации околу потеклото и употребата на инструментот гајда ги здобиваме од запишаните извори кои ги забележале истражувачите на музичкиот фолклор.
  • Опстојувањето на гајдата е поврзано со намалувањето на изработувачи на народни музички инструменти, меѓу кои и гајдата. Изработувањето на гајда во Р Македонија е еден од најважните процеси за опстојувањето на инструментот во народната музичка инструментална практика, во минатото, денес, а и во иднина. Како една од причините за намалувањето на изработувачи на гајда е намалениот интерес за изучувањето на свирењето на гајда што резултира со неоправдано изработување, кое може да доведе до целосно исчезнување на инструментот.

Опис на гајдата

уреди

Гајдата претставува музички инструмент кој според својот состав е нешто покарактеристичен во споредба со останатите традиционални музички инструменти издвојувајќи со својата уникатност. Гајдата е составена од неколку елементи кои имаат своја улога во конечното обликување на тонот на овој инструмент и тоа: мелодиската цевка; бордунската цевка; дувало и резервоар за воздух. Мелодиската цевка позната во Источна Македонија како „гајдарка“, а во Западна како „сурла“, се обликува во форма на дрвена цевка, свиткана на долниот крај под агол од 120О спрема вертикалата. Бордунската цевка се нарекува брчало, бучало или рог а резервоар за воздух се нарекува мев, мешина и мешница но често и кожа поради материјалот од кој е изработен мевот.

Од горната страна на гајдарката се наоѓаат седум мелодиски отвори а од долната страна, под највисоките мелодиски отвори се наоѓа осмиот мелодсикси отвор кој се затвора со палецот. Највисокиот мелодиски отвор е е со помал дијаметар и во него се вметнува р’жен сламка во правец на долниот (осмиот) отвор. Во поново време р’жената сламка се замнува и со пластично цевче. Овој мелодиски отвор се нарекува мрморец бидејќи преку негово брзо отворање и затворање се добива ефект на мрморење. Гајдарката се изработува од повеќе видови дрва, најповеќе од материјалот кој може да се набави во околината на изработувачот. Најупотребувано дрво за изработка на гајдарка е шимширот помеѓу народот познато и како зеленика бидејќи ова дрво се одликува со голема цврстина и природна боја која го збогатува и естетскиот дел на инструментот. Во минатото па и денес, се изработувале и гајдарки од воловски  рог или пак дрвената гајдарка се обложувала со прстени од воловски рогови. Долниот крај на гајдарката се нарекува рокче бидејќи најчесто се изработувал од воловски рогови а денес, во недостаток на воловски рогови, сѐ почесто се исработува од истото дрво како гајдарката.

Брчалото е состаавено од три делови кои се нарекуваат пискарче (делот што влегува во главината); средниче и бучало. Брчалото се изработува од истиот материјал додека поталентираните изработувачи правеле брчало и од воловски рогови со што и овој мелодиски елемент ја збогатува естетска вредност на гајдата. Во некои региони од Македонија, покрај мелодиската и бордунската цевка се среќава уште еден минијтурен бордунски мелодиски елемент, кој звучи за две октави повисоко од бордунската цевка. Се нарекува слагарче и е составено од два дела. Во зависност од бројот на бордунските елементи се определува и видот на гајдата односно, двогласна и тригласна. Во мелодиските елементи се вметнува еднојазична писка изработена од трска. Дувалото се изработува од дрво и е елемент преку кој се вдувува воздухот во мешницата. На долната страна која што влегува во кожата се наоѓа липало кое го спречува враќањето на воздухот наназад.

Резервоарот за воздух се изработува од козја или овча штавена кожа. На кожата во делот кај главата и предните нозе на животното се врзуваат главини во кои се вметнуваат гајдарката, брчалото и дувалото и доколку гајдата е со слагарче  се вметнува дополнителна главина за слагарчето која се врзува десно од дувалото во правец на брчалото. Главините се елементи изработени од воловски рог за гајдарката додека дувалото, брчалото и слагарчето покрај од рог се изработуваат и од дрво.

На територијата на Република Македонија се употребуваат две варијанти на распоредување на мелодиските елементи и на дувалото. Првата варијанта која е и најраспространета, е кога на местото од предните нозе на животното се врзуваат главините за дувало и брчало додека на вратот се врзува главина во која влегува гајдарката. Главината во која влегува слагарчето, обично се врзува помеѓу дувалото и брчалото малку нанапред кон гајдарката. Втората варијанта на врзување ја среќаваме само во Радовишко и се разликува од првата по тоа што  брчалото се наоѓа кај главата од животното додека кај нозете се вметнува гајдарката и дувалото. Слагарчето се наоѓа помеѓу двете нозе.  Етноорганологот Боривоје Џимревски првиот тип на гајда го нарекува „обична“ а вториот тип на гајда „криволакавичка“.

Гајдата се издвојува од останатите музички инструменти поради својот волумен за време на репродуктивниот процес а мешината за воздух покрај тоа што е обединител на сите елементи овозможува и долготрајно непрекинато свирење преку кое се градени многубројните гајдарски мелодии. Гајдата овозможува истовременот свирење и пеење од страна на инструменталистот на гајда. Можноста за непрекинатото свирење на бројни мелодии односно истовременото звучење на мелодијата и бордунските елементи градат еден карактеристичен и уникатен ансамблов звук кој отсуствува кај останатите традиционални инструменти. Не можеме да ги одминеме и индивидуалните обиди составните делови на гајдата да се изработат и од други материјали како метал, пластика и други фабрички добиени материјали. Оваа практика е повеќе резултат на истражувачкиот карактер на изработувачите кои се обидува да внесат некои иновативни идеи во изработувањето. Според Александар Линин, во Р Македонија во минатото се користеле неколку типови на гајди кои се одредуваат според нивната големина како што се: тиквешка, которска, рудничка, блатска, полска, штипска и мариовкса. Во поново време најзастапени се гајдите со најнизок тон d, es, f и  g а се именуваат за квинта повисоко односно: гајда со најнизок тон d се нарекува A (А) гајда, гајда со најнизок тон es се нарекува B (Бе) гајда итн. Гајдата има опсег од девет тонови кои се делат на два пентахорда, долен и горен. Ако најнискиот тон кај гајдата е d највисокиот тон ќе биде e односно долниот пентахорд започнува со тонот d и завршува на тонот a додека втроиот пентахорд започнува со тонот a и завршува на тонот e. Поточно, завршниот тон на долниот пентахорд е почетен тон на горниот пентахорд и овој тон го сметаме за централен тон кај гајдата. Прва причина за тоа е што е заеднички тон на двата пентахорда и втроа причина што на овој тон се штима брчалото и доколку гајдата има слагарче, и слагарчето. Во долниот пентахорд целите и полустепените тонови се фиксирани додека во горниот пентахорд со комбинација на отворање и затаварање на дел од мелодиските отвори се добиваат одредени цели и полустепени тонови.  Гајдата ги содржи следните тонови: d-e-fis-g-a-h-b-c-cis-d-e. Брчалото се штима на петтиот тон сметано од најнискиот тон на гајдарката а слагарчето за две октави повисоко од брчалото. Ако гајдата е со штим d тогаш бордунските цевки ќе звучат на тонот a. Ако гајдата е со штим f бордунските цевки ќе звучат на тонот c. Овој константен и непроменлив бордунски тон ја придружува гајдарската мелодија без прекинување и го обликува каркатеристичниот звучен тембар на гајдата. Гајдата во минатото била музичкиот инструмент кој придружувал многубројни обреди поврзани со севкупното живеење на македонскиот народ. Гајдата поради нејзината компактна звучност била помеѓу најупотребуваните музички инструменти. Се употребувала за време на чествувањето на верските празници од календарскиот циклус но и за време на одржување на свадбените веселби како придружик на обредите поврзани со свадбениот циклус, кога се славело за раѓање на деца и во други прилики кои не биле поврзани со одредени настани. Во придружба на гајда се пееле многубројни обредни и ороводни песни и се играле ора кои македонскиот народ ги негувал уште од далечното минато па се до денес Со векови создаваните мелодии, песните и ората македонскиот народ ги искажувал своите чувства и инвентивност во создавањеро на карактеристични чекори придружувани од гајдаџиската мелодија.

Поврзаност со други народни инструменти

уреди

Музичкиот инструмент гајда се поврзува со останатите народни музички инструменти како: кавал, ќемане, тамбура, зурла, шупелка, дудуче, тапан и др. Овие музички инструменти имаат своја улога во креирањето на инструменталната музичка традиција. Овие инструменти, во помала или поголема застапеност се среќаваат на целата територија на Р Македонија. Се издвојуваат со својата индивидуалност што се должи на начинот на изработка којшто не е генерализиран, туку секој изработувач има свој индививуален пристап на изработување.

Нематеријално културно наследство

уреди

Со одлука на Владата на Македонија музичкиот инструмент гајда е значајно културно наследство и е прогласено за духовно културно наследство од особено значење и поткатегорија културно наследство од исклучително значење.

Литература

уреди
  • Ангелов Горанчо, Музичкиот инструмент гајда и нејзините тонски карактеристики, Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Факултет за музичка уметност, Годишен зборник бр. 2, стр.159-170, 2011
  • Линин Александар, Народните музички инструменти во Македонија, Македонска книга, Скопје, 1986.
  • Линин Александар, Музичките инструменти на македонските словени, Скопје: Музиката на почвата на Македонија, кн. 7, дел I-II, МАНУ, 281-290, 1999
  • Џимревски Боривоје, Некои методолошки аспекти во истражувањето на народните музички инструменти и инструменталната народна музика. Скопје: Макеоднски фолклор, 19/37, 177-181, 1986.
  • Џимревски Боривоје, Инструменталната народна музика во Титоввелешко. Скопје: Македонски фолклор, 21/42: 139-157, 1988.
  • Џимревски Боривоје, Гајдата во Македонија, Инструмент-инструменталист-музика, Институт за фолклор „Марко Цепенков“, Македонско народно творештво - Орска и инструментална народна традиција, книга 5, Скопје, 1996.
  • Џимревски Боривоје, Градска инструментална музичка традиција во Македонија, Институт за фолклор „Марко Цепенков“, Орска и инструментална народна традиција, кн. 7, Скопје, 2005.
  • Gojković Andrijana, Narodni muzićki instrumenti, “Vuk Karadžić”, Beograd, 1989.
  • Gojković Andrijana, Muzićki instrumenti – Mitovi i legende, simbolika i funkcija, Beograd, 1994.

Наводи

уреди

Надворешни Врски

уреди