Гаметогенеза
Кај животните, гаметогенеза е процес на создавање и созревање на специјализирани хаплоидни клетки, наречени гамети (односно полови клетки). Притоа, се разликува создавање и созревање на женските гамети - јајце-клетки (гаметогенеза позната како оогенеза) и создавање и созревање на машките гамети - сперматозоиди (гаметогенеза позната како сперматогенеза). Гаметогенезата се одвива во репродуктивниот систем на единките и започнува кога од герминативниот епител на семените каналчиња од тестисите кај мажите, односно јајчниците кај жените се создаваат првобитните сперматогонии или оогонии, кои се диплоидни.
Оогенеза
уреди- Главна статија: Оогенеза
Уште пред раѓањето, во ембриогенезата, кај жената се создаваат околу 2 милиони првобитни незрели јајце-клетки од герминативниот епител, настанати по пат на митоза, а познати под името оогонии. Тие се сместени во примордијални фоликули (јајнички меурчиња). Со нивно растење се добиваат т.н. примарни ооцити. По пат на прва мејотичка делба се создаваат секундарни јајце-клетки и една нефункционална хаплоидна клетка - прв полоцит. Јајце-клетките во ваков вид остануваат во мирување сѐ до пубертетот. Во овој период од развитокот кај жената се создава првата зрела јајце-клетка и има можности за оплодување. Во меѓувреме, бројот на незрелите јајце-клетки се намалува на 300 - 400.000. Од нив, во периодот на половата зрелост остануваат околу 400, од кои по правило на секои 28 денови созрева по една јајце-клетка, процес попознат како оваријален циклус. Во понатамошните фази од оогенезата, секундарниот ооцит (јајце-клетката) со втора мејотичка делба се поделува на јајце-клетка и втор полоцит. Првиот полоцит може, а и не мора да помине низ втората мејоза. Доколку се подели и тој, се добиваат и три полоцити (еден од делбата на секундарниот ооцит и две од првиот полоцит). Доколку во претходната фаза настане оплодување, следува фаза во која јајце-клетката преминува во зигот. Трите полоцити дегенерираат.
Сперматогенеза
уреди- Главна статија: Сперматогенеза
Создадените сперматогонии од герминативниот епител се делат по пат на митоза во тестисите и се добиваат два примарни сперматоцити, кои, како и сперматогониите се диплоидни. Со прва мејоза, сперматоцитите се делат на два секундарни сперматоцити, кои се хаплоидни. Со втора мејоза на секундарните сперматоцити се создаваат четири незрели хаплоидни сперматиди, од кои со спермиогенеза се диференцираат четири зрели сперматозоиди.