„Во кратки црти“ — збирка раскази на македонската писателка Сања Михајловиќ-Костадиновска од 2021, објавена од издавачката куќа „Бегемот“ како дел од едицијата „Наше маало“.

Содржина

уреди

Книгата содржи 30 раскази, поделени во три циклуси:[1]

  • „Средби и сеќавања“
* Тела
* Разминувања
* Јованче
* Луѓе-сенки
* Лото
* Полноќни сеќавања
* Кутиче со копчиња
* Визита
* Крзното од лисица на мајка ми
* Погледи
  • „Метаматерија“
* Загубените раскази
* Како го убив писателот што ме престигнуваше со идеите и како се отарасив од неговото тело
* Дневна доза проза
* Господинот Г.
* Непреводливиот расказ
* Почеток-крај
* Расплет
  • „Замислени светови“
* Хуба-Буба
* Наочарите на Кларк Кент
* Ониричен рингишпил
* Глуво доба
* Тајна
* Под ќебето
* Лази буба
* Скинати хулахопки
* Задушница
* Во плакарот
* Матројошки
* С за стоп
* Последната чекалница

Технички податоици

уреди

Книгата е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“ и ја носи меѓународната ознака ISBN 978-608-4869-1. Таа е испечатена во печатницата „Графоден“ во тираж од 300 примероци, а нејзиното објавување било финансиски поддржано од Град Скопје. Графичкото уредување го извршила Наталија Лукомска, јазичната редакција е дело на Филип Димевски, а лектурата ја направила Ирена Ралева.[2]

За делото

уреди

Расказите во збирката се напишани најчесто во прво, а понекогаш и во трето лице еднина. Притоа, сите раскази се сместени во апстрактни временско-просторни координати во кои, сепак, се препознаваат современите урбани средини, а сето тоа остава впечаток за автобиографски црти на расказите. Меѓутоа, ваквиот пристап може да се сфати и како мала, незабележлива, но успешно приредена замка, а недоумицата меѓу можноста на автобиографијата и извесноста на фикцијата претставува само уште една одлика на збирката. Лирскиот тон на книгата е насочен кон самиот живот како појава, а дури потоа кон конкретните ликови при што лиричноста на тонот е засилена со слики од секојдневието, кои се вградени во приказната и му даваат нежен слој на тонот. Изразот е најчесто лапидарен, без никакви апстрахирања, а оваа економичност потсетува на пристапот на Џузепе Унгарети, но и на стилот на многу современи автори, особено на Андреј Блатник. Слично на него, и авторката успева со неколку кратки реченици да создаде впечатлива, прецизна и загадочна (понекогаш и онирична) атмосфера, а деликатните и интимните расположенија да ги пренесе како ребус или како сложувалка која треба да се набљудува внимателно за да се открие она што е очигледно. Една од можните дихотомии во збирката е сакралноста/профаноста: од една страна, во збирката има раскази кои обработуваат банални настани, а од друга страна, некои прозаични секојдневни појави се издигнати на ниво на егзистенцијални прашања. Во збирката преовладува мек, кроток тон, суптилна и ретка топлина и хуманост која воопшто него задушува читателот. Навистина, и во оваа збирка се чувствува мирисот на постмодерната, но сепак, расказите се поразновидни и подинамични од оние во претходната збирка на Михајловиќ-Костадиновска, иако во двете е присутна слична лудичност. Исто така, голем број од расказите се одликуват и со суптилна иронија. Најпосле, збирката нуди префинета и моќна критика на академскиот свет, што не се среќава често во македонската кратка проза.[3]

Наводи

уреди
  1. Сања Михајловиќ-Костадиновска, Во кратки црти. Скопје: Бегемот, 2021.
  2. Сања Михајловиќ-Костадиновска, Во кратки црти. Скопје: Бегемот, 2021.
  3. Живко Грозданоски, „Во кратки црти за „Во кратки црти“ од Сања Михајловиќ-Костадиновска“, во: Сања Михајловиќ-Костадиновска, Во кратки црти. Скопје: Бегемот, 2021,стр. 62-65.