Водомер
Водомер[1][2] — уред или мерен инструмент за мерење на количината на вода што протекла низ цевката. Оваа количина се изразува во кубни метри, литри и слично. Иако водомерот директно не го мери протокот (количината на вода што тече во единица време), измерените вредности секогаш се однесуваат на едно мерење, пресметковен период и слично, така што водомерот често се смета за тип на мерач на проток, кому му е структурно сличен. Водомерот се состои од уред за мерење и покажување, а понекогаш и мерач на време. Преку водомерот, чијшто уред за мерење се заснова на ротирачки делови (турбина, коло со крилца итн.), водата која протекува предизвикува вртење на деловите, што се пренесува преку запченици или електрични посредници до показниот уред со стрелки или со систем на бројчаници. Покрај изведбата со ротирачки елементи, има и мерни уреди кои работат на директен механички принцип на зафатнински комори и подвижни ѕидови. Водомерот може да се постави во цевковод низ кој тече целото количество вода што се мери или во помал, спореден мерен цевковод (водомер на спореден тек), кога се пресметува количината на вода што тече низ главниот цевковод.