Владимир Ортаковски

Владимир Ортаковски (роден на 5 август 1950 г. во Скопје, Македонија) — македонски професор и научник од областа на меѓународното право и дипломатијата.

Владимир Ортаковски
Владимир Ортаковски
Роден(а)август 5, 1950(1950-08-05)
Скопје, Македонија Македонија
ЖивеалиштеСкопје
НационалностМакедонец
ПолињаМеѓународно право, дипломатија, политикологија
УстановиФакултет за безбедност - Скопје, Катедра по историја на Филозофски факултет во Скопје
ОбразованиеФакултет за политички науки - Белград, Правен факултет во Белград
Теза„Блискоисточниот конфликт и палестинското прашање. Одлики на израелско-арапските војни.“

Образование и работен век

уреди

Дипломирал на Факултетот за политички науки во Белград, со звањето дипломиран политиколог – научна област дипломатија. На Правниот факултет во Белград се здобил со звањето магистер и доктор по правни науки – во научните области Меѓународно јавно право и Меѓународни односи и историја на дипломатијата. Во 1989 година е избран во звањето доцент по предметот Меѓународно јавно право на Факултетот за безбедност, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, а во 1994 година е избран за вонреден професор по истиот предмет. Во 1997 година е избран во звањето редовен професор, а во 2001 година повторно е избран во звањето редовен професор по предметот Меѓународно јавно право на истиот факултет.

Во периодот 1993-1996 година проф. д-р Владимир Ортаковски бил заменик министер за наука во Владата на Република Македонија. Од 2000-2004 година бил потсекретар за високо образование, подоцна раководител на сектор во Министерството за образование и наука во Република Македонија. Тој бил претседател на Комисијата за признавање на дипломи добиени во странство при Министерството за образование и наука од 2001-2006 година. Бил член на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје од 1996-2000 година; а на Сенатот на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ Битола е член од 2008 година. Бил претседател на Државниот совет за превенирање на малолетничко престапништво (2009-2013 година).

Научна дејност

уреди

Тој има публикувано над 240 библиографски единици во научни и стручни публикации во списанија и весници, трудови на симпозиуми и научни конференции во Македонија и во странство. Учествувал на 80-тина меѓународни конференции, тркалезни маси, симпозиуми, презентирајќи свои трудови (во земјата, во Европа и САД). Направил бројни студиски посети на меѓународни организации и на високообразовни установи во странство, учествувал на меѓународни семинари и конференции, и како експерт или член на владина или министерска делегација. Проф. Ортаковски е автор на седум книги и пет универзитетски учебници и учебни помагала. Тој ја доби државната награда „Гоце Делчев“ за најдобар научен труд во 1996 година за книгата „Меѓународната положба на малцинствата“. Неговата книга “Minorities in the Balkans” е публикувана од “Transnational Publishers, Inc.”, Ardsley, New York, во 2000 година.

Тој бил декан на Полициската академија од 2004-2008 година и раководител на постдипломските студии од областа на безбедноста од 2005-2008 година. Тој е раководител на Катедрата за општествено-политички и правни науки на Факултетот за безбедност од 2005 година. Тој ги предава на Факултетот за безбедност, на додипломските, постдипломските и докторските студии, предметите Меѓународно јавно право, Меѓународно хуманитарно право, Меѓународно кривично право, Човекови права и права на малцинствата, Дипломатија и меѓународна безбедност и др. Предава и како визитинг професор на повеќе други високообразовни установи. Член е на Советот на Центарот за стратегиски истражувања во Македонската академија за науки и уметности (МАНУ), од 2000 година. Тој е претседател и соосновач на НВО Здружение за заштита на правата на детето од 1998 година.