Владимир Мечјар (26 јули 1942 во Зволен) — словачки политичар кој бил премиер на Словачка во три мандати (1990 – 1991, 1992 – 1994 и 1994 – 1998) и претседател на Народна партија – движење за демократска Словачка од нејзиното основање до 2014. Мечјар ја предводел Словачка за време на одвојувањето од Чехословачка во 1993, и бил кандидат на претседателските избори во 1999 и 2004. Тој бил критикуван од западните политички партии за автократскиот стил на владеење и за поврзаноста со некои криминални структури. Периодот во кој тој ја предводел земјата бил нарекуван „мечјаризам“.

Владимир Мечјар
Премиер на Словачка
На должноста
27 јуни 1990 – 30 октомври 1998
Претседател Михал Ковач
Претходник Милан Чич
Наследник Микулаш Ѕуринда
Лични податоци
Роден(а) 26 јули 1942(1942-07-26)(82 г.)
Зволен, Словачка
Партија Народна партија – движење за демократска Словачка (1991 – 2014)
Други припадности Комунистичка партија (пред 1970)
Независен (1970 – 1989)
Општество против насилство (1989 – 1991)
Сопружник Маргита Мечијарова
Установа универзитет Коменски

Животопис

уреди

Владимир Мечјар е роден на 26 јули 1942 во Зволен како најстар од четирите сина во семејството. Политичката кариера ја започнал во Комунистичката партија на Словачка, каде напредувал до претседател на градскиот комитет во градот Жјар на Хрон. Од позицијата бил разрешен во 1969, една година по инвазијата на Варшавскиот пакт врз Чехословачка, бидејќи на националниот конгрес од 1969 одржал говор во кој барал реформи во државата. Следната година бил избркан од партијата и означен како непријател на социјалистичкиот режим. Во меѓувреме студирал на универзитетот „Коменски“ во Братислава и работел во фабрика за стакло.

За време на Кадифената револуција при распадот на комунизмот во Чехословачка од 1989, Мечјар се зачленил во партијата Општество против насилство. По препорака на Александар Дубчек, Мечјар бил назначен за министер за внатрешни работи до одржување на првите повеќепартиски избори во Словачка. На парламентарните избори во 1990 партијата Општество против насилство била прва со освоени 48 пратеници од можни 150, па Мечјар бил избран за премиер во коалициска влада со Христијанско демократско движење, кое имало 31 пратеник. Во првиот мандат тој се залагал за економски реформи и продолжување на федерацијата со Чешка.[1]

Во 1991 се случиле поделби во ОПС, па Мечјар и неговите приврзаници ја формирале Народна партија – движење за демократска Словачка. Поради губење на парламентарното мнозинство, бил назначен нов премиер до одржување на изборите во 1992. На парламентарните избори во 1992, Народната партија освоила 74 од 150 седишта во собранието и Мечјар формирал малцинска влада. Откако во март 1993 осум пратеници ја напуштиле Народната партија, Мечјар повторно бил сменет од премиерската функција, а новата привремена влада ја предводел Јозеф Моравчик. По изборите во октомври 1994 Мечјар повторно станал премиер, овој пат во коалиција со радикалната десница СНП предводена од Јан Слота и крајната левица СРП предводена од Јан Лупчак.

За време на третиот мандат Мечјар бил обвинет за автократски стил на владеење, ширење медиумска пропаганда, корупција и сомнителна приватизација на државните компании.[2] Истовремено Мечјар бил во постојан конфликт со претседателот Михал Ковач. По истекот на претседателскиот мандат на Ковач во март 1998, Мечјар привремено ја вршел и таа функција. Иако тој формално се залагал Словачка да се зачлени во ЕУ и НАТО, неговата земја била делумно изолирана поради непочитување на демократските начела.[3] Иако партијата на Мечјар победила на парламентарните избори во 1998, тој не успеал да формира влада бидејќи ниту една партија не сакала да влезе во коалиција со него, па така премиер станал Микулаш Ѕуринда. Мечјар се кандидирал за претседател на изборите во 1999, но загубил од Рудолф Шустер. Мечјар бил уапсен во 2000 поради сомнеж за корупција додека бил премиер.

Иако повторно победил на парламентарните избори во 2002 година, Мечјар не составил влада бидејќи немал мнозинство во Собранието. Тие избори биле значајни бидејќи ако Мечјар се врател на власт, тоа веројатно би значело крај на амбициите на Словачка за интегрирање во Европската Унија. Во 2004 се кандидирал за претседател по вторпат, но бил поразен од поранешниот сопартиец Иван Гашпарович. На парламентарните избори во 2010 Народната партија не освоила ниту еден пратеник, а во 2014 партијата згаснала.[4]

Наводи

уреди
  1. Љупчо Поповски „Враќањето на силниот човек во Словачка“[мртва врска] Утрински Весник (6 април 2004)
  2. Борјан Јовановски „Досие Словачка или како владееше Мечијар“[мртва врска] Нова ТВ (16 февруари 2013)
  3. Горан Трпеноски „Словачка на пат за ЕУ со стариот автократ Мечијар“[мртва врска] Вест (6 април 2004)
  4. Мартин Безак „Како мораше да замине Владимир Мечијар“ Архивирано на 1 јануари 2017 г. Утрински Весник (30 декември 2016)

Надворешни врски

уреди