Википедија:Избрана статија/2017/42
„Македонско девојче 2“ — осмиот студиски албум на македонската пејачка Каролина Гочева првпат излезен во продажба на 25 февруари 2014 година. Албумот е издаден преку дискографската куќа Авалон продукција во Македонија. Хрватската куќа Далас рекордс исто така го издала албумот низ земјите на поранешна Југославија во април 2015 година. Албумот содржи осум оригинални песни напишани од страна на Валентин Соклевски и Весна Малинова, за чиј аранжман и продукција се погрижиле Никола Мицевски и Дејан Момировски. Покрај горенаведените песни, на „Македонско девојче 2“ исто така можат да се најдат две преработки од кои една е на македонска народна песна, а другата е на песна оригинално снимена од страна на пејачот Пепи Бафтироски. Мотивацијата за снимањето на албумот Гочева ја добила од успехот на нејзиниот претходен проект инспириран од македонската народна музика, „Македонско девојче“ (2008).
Финализацијата на проектот траела две години поради желбата на тимот кој работел зад него да го усоврши колку што може повеќе. Според Гочева и продуцентот Мицевски, доброто познавање на тимот од претходно помогнало во процесот на снимање и одредување точна насока и цел со снимањето на „Македонско девојче 2“. Музички, албумот е сличен на неговиот претходник. Песните се одликуваат со елементи од македонскиот народен фолклор, но се адаптирани во посовремен стил кој е актуелен во времето на издавањето на албумот, односно содржат елементи и од поп и џез музика. Во текстовите, се опеани чувства на тага, среќа, љубов и копнеж на зрела жена. Сите песни биле компонирани специјално за Гочева притоа земајќи ги во предвид нејзините широки вокални способности; карактеристично е отсуството на следечки вокали.
Албумот бил голем критички и комерцијален успех. Во 2014 година бил прогласен за најпродаваниот албум во Македонија за таа година. Три сингла биле издадени од албумот; песната „Чалгиска“ е објавена на 6 декември 2013 година пред албумот да биде издаден во продажба, „Две лири (не ни било пишано)“ била претставена во јануари 2014 и „Кој да ми запее“ била издадена во април 2015 година и почнала да кружи низ радио станиците во Македонија и државите од бивша Југославија. Со цел дополнително да го промовира „Македонско девојче 2“, Гочева одржала голем број на концерти во разни градови низ Македонија пред и по издавањето на албумот. Голем дел од нив биле документирани и прикажувани на различни ТВ емисии, како и на официјалните профили на пејачката на друштвените мрежи и на видео платформата YouTube. Од 2015 година, турнејата за промоција на албумот се одвивала и во Србија. (Дознајте повеќе...)