Википедија:Избрана статија/2017/05
Оноре де Балзак (француски: Honoré de Balzac; 20 мај 1799 - 18 август 1850) — француски писател на романи и драми. За негово капитално дело се смета збирката романи Човечка комедија, која раскажува за животот во Франција по заминувањето на Наполеон. Се смета за еден од предводниците на реализмот во европската литература, поради портретирањето на општеството такво какво е, и ликовите кои имале сложен морален фоторобот. Дури и споредните ликови биле карактерно повеќеслојни, со етички двојби, и целосно очовечени. Неговите дела влијеале врз многу писатели, како Емил Зола, Чарлс Дикенс, Гистав Флобер, Хенри Џејмс и филозофот Фридрих Енгелс. Многу од романите на Балзак биле филмски преработени.
Иако бил љубител на книгите како дете, имал проблеми со помнење на лекциите на училиште. По завршување на факултет, работел како приправник во адвокатска канцеларија, но се откажал од правото бидејќи ја сметал таа професија за премногу рутинирана и нечовечна. Пред да стане писател, се обидел како издавач, печатар, новинар, и литературен критичар, но безуспешно. Дел од неговото животно искуство е вклучено во Човечката комедија. Балзак често имал здравствени проблеми, најверојатно поради постојаната работа врз романите. Односите со семејсвото му биле затегнати поради лични и финансиски проблеми. Во 1850 се оженил со полската грофица Евелина Ханска, а починал пет месеци подоцна. (Дознајте повеќе...)