Википедија:Избрана статија/2014/17
Стандарден британски изговор (анг. Received Pronunciation или RP, буквално: „(општо)прифатен изговор“) — начин на изговарање на англискиот јазик (поточно британскиот англиски) кој уште одамна се смета за единствениот угледен британски акцент меѓу учените и култивираните луѓе. Само 2% од Британците зборуваат со чисто стандарден акцент. Стандардниот британски изговор се нарекува и „англискиот на Кралицата/Кралот“ (Queen's/King's English) бидејќи е нагласокот на кој зборува монархот; меѓутоа овој поим поточно се употребува за пишаниот стандарден британски. Понекогаш се нарекува и „англискиот на Би-би-си“ (BBC English), бидејќи истиот по традиција се користи во Би-би-си, иако во денешно време ова е погрешна претстава. Кралицата Елизабета II користи еден специфичен облик на англискиот јазик, додека за водителите и персоналот на Би-би-си овој акцент не е повеќе задолжителен. Постојат и зборови со повеќе од еден начин на изговор во рамките на самиот стандарден изговор, како што се again („повторно“, „пак“), either („или“) и moor („усидрува“, „Мавар“, „вресиште“).
Истражувачите разликуваат помеѓу три различни облици на стандарден изговор: конзервативен, општ, и напреден. Конзрвативниот стандарден изговор се однесува на традиционалниот нагласок со кој се служат постарите говорници од извесни општествени слоеви; општиот стандарден изговор е оној кој се смета за неутрален во поглед на возраста, занимањето или животниот стил на говорникот; напредниот стандарден изговор пак, се однесува на говорот на помладата генерација на британски говорници. (Дознајте повеќе...)