Сребрен статер на кралот Аминта III
Сребрен статер на кралот Аминта III

Историја на парите во Македонија — преглед на мошне долг временски период на постоењето на парите како платежно средство, од монетковањата на македонските родовски задници векови пред нашата ера, па сè до денешниот македонски денар како валута на Република Македонија. Почетокот на монетоковањето на територијата на Македонија датира од крајот на VI п.н.е, кога пајонските заедници почнале да ги издават своите сребрени монети само еден век подоцна од појавата на монетите во светот. Во текот на VI век п.н.е. меѓу заедниците кои ја населувале оваа територија се издигале владетели коишто, по примерот на малоазиските владетели, почнале да издаваат свои пари, сребрени парчиња со стандардизирана тежина на кои биле втиснати претстави карактеристични за нивната заедница. Во почетокот, парите биле користени за купување мир, т.е за плаќање данок на Персијците и за трговија.

Историјата на македонското кралско ковништво започнува со Александар I Филхелен (498-454 г. п.н.е). Имено, по повлекувањето на Персијците, околу 480 г. п.н.е. започнало политичкото анектирање на областите Крестонија, Бизалтија и Мигдонија кон Македонија. Во регионот што го населувале Бизалтите се наоѓала планината Дисорон позната по своите богати рудници од кои, според Херодот, Александар I добивал по еден талант сребро дневно(околу 26 кг). Пред 480 г. п.н.е., заедницата на Бизалтите издавала свои монети чии претстави останале исти со нивното влегување во Македонското Кралство, така што практично овие монети, на чија реверсна страна било додадено името на Александар, претставувале негови први парични изданија. (Дознајте повеќе...)