Википедија:Избрана статија/2014/05
Комптонов ефект — појава на нееластично расејување на фотони од слободна наелектризирана честичка, обично електрон. Покрај фотоелектричниот ефект при кој гама-квантот ја предава целата своја енергија на атомот и престанува да постои, заемодејството на гама-зрачењето со средината низ којашто минува може да доведе до расејување на гама-квантовите.
Расејувањето на гама-зрачењето со големи бранови должини приближно еднаква на 0,1 нм се одвива без промена на брановата должина. Ова расејување е познато како класично или Томсоново расејување и се појавува кога енергијата на гама-зрачењето е помала од енергијата на сврзување на атомските електрони. Вториот вид расејување, со промена на брановата должина, се појавува кога енергијата на гама-зрачењето е поголема од енергијата на сврзување на атомските електрони и тоа толку поголема што електронот може да се смета за слободен.
Комптоновиот ефект прв го набљудувал Артур Комптон во 1923 г. во универзитетот Вашингтон во Сент Луис, а подоцна и потврден од страна на неговиот студент Ву Јоусјин. Во 1927 г. Комптон ја добива Нобеловата награда за ова негово откритие.
Ефектот е важен од една едноставна причина бидејќи ни укажува дека светлината не може да се објасни само како бранова појава. Томсоновото расејување, класичната теорија за електромагнетен бран расејан од наелектризирани честички, не ја објаснува слабата промена во брановата должина. Со други зборови светлината мора де се однесува како да се сосотои од честички за да се објасни слабото расејување при Комптоновиот ефект. Комптоновиот експеримент ги убеди физичарите дека светлината може да се однесува како поток од честички (квантови) чија енергија е пропорционална на честотата. (Дознајте повеќе...)