Википедија:Избрана статија/2012/36
Арамејскиот е јазик, или група сродни јазици кои се дел од афроазиското јазично семејство, а дел од групата на семитски јазици. Јазиците се зборувале и се зборуваат во регионот на Блискиот Исток. Името на јазикот потекнува од името „Арам“, стар регион во централна Сирија. Арамејскиот јазик е сроден со хебрејскиот, хананскиот и феникискиот јазик. Арамејскиот јазик се пишувал со арамејско писмо, кое пак било прифатено од поголем број семитски јазици. Како резултат на тоа, денес се широко распространети арапското и хебрејското писмо.
Арамејскиот има околу 3.000 години пишана историја. Низ историјата јазикот бил главен административен јазик на неколку империи во регионот, јазик на секојдневието и јазик на религијата. Арамејскиот бил јазик за секојдневна употреба во Израел за време на периодот на „Вториот храм“ (539 п.н.е. - 70 г.), а како најзначаен податок е тоа што арамејскиот бил мајчин јазик на Исус Христос. Дополнително на тоа, поголем дел од библиските книги на Даниел и Езра биле напишани на арамејски, а исто така арамејскиот бил главен јазик на Талмудот. Сепак, важно е да се напомене дека еврејско-арамејскиот јазик се разликувал од останатите арамејски форми по зборовите и граматика. (Дознајте повеќе...)