Википедија:Избрана статија/2009/29
Курт Кобејн (1967 - 1994) бил американски музичар, најпознат како водечки вокал, гитарист и текстописец на групата Nirvana.
Со песната Smells Like Teen Spirit од нивниот втор албум Nevermind (1991), групата се стекнува со светска слава, популаризирајќи го поджанрот на алтернативниот рок наречен гранџ. Повеќе други групи од Сиетл (на пример: Alice in Chains, Pearl Jam и Soundgarden) кои во истиот период го свиреа овој вид на музика се здобија со свои обожаватели. Како резултат на тоа, во почетокот и средината на деведесеттите години од минатиот век алтернативниот рок стана доминантен жанр на радијата и музичките телевизии ширум светот. Нирвана стана група предводник на таканаречената Генерација Икс, а Курт Кобејн како водач на групата Нирвана од медиумите е обележан како гласник на генерацијата. Нему ова не му се допаднало, па затоа се фокусирал на музиката. Тој сметал дека пораката на групата и нејзиниот уметнички израз се погрешно сфатени, па затоа ја предизвикува публиката со третиот албум на Нирвана, In Utero (1993).
За време на последните неколку години од неговиот живот, Кобејн водел борба со зависноста од дрога, како и со низа професионални и приватни притисоци кои го опкружувале него и неговата сопруга, музичарката Кортни Лав. На 8 април 1994 година, Кобејн е пронајден мртов во својот дом во Сиетл, според официјалните наоди тој претставува жртва на самонанесена истрелна рана во главата. Околностите под кои се случила неговата смрт станале интересна тема за дебата низ медиумите. Повеќе...