Визуелен снежен синдром

Визуелниот снежен синдром (анг. visual snow syndrome, VSS) е невролошко нарушување кое се карактеризира со постојан шум на сликата низ целото видно поле (визуелен снег, како симптом). Засегнатите од ова нарушување гледаат многу мали точки со различен интензитет кои брзо треперат, слично на шумот на аналогниот телевизор; овој шум може да биде црно-бел или разнобоен.

Овој опис доведе до именување на оваа состојба како „визуелен снежен синдром“, но сепак, тоа не е единствената одлика на ова нарушување. Кај околу 80% од пациентите со визуелен снежен синдром имаат мигрена и мигрена со аура. Во средината на 1990-тите, првично се претпоставуваше дека визуелниот снег е нарушување на визуелната перцепција поврзано со аурата на мигрена, но, ова најверојатно не е случај, според резултатите кои ги покажуваат тековни истражувања. [1] Наместо тоа, може да се претпостави дека тоа е одделна и независна клиничка слика, бидејќи кај повеќето пациенти се појавуваат и други симптоми.

Епидемиологија

уреди

Визуелниот снежен синдром карактеристично започнува во младата зрела возраст. Некои пациенти наведуваат дека чувствуваат симптоми од најрана возраст. Во некои случаи, се забележува ненадеен почеток на болеста без очигледна причина. Во некои случаи, се чини дека претходниот внес на супстанции или лекови е поврзан со почетокот на болеста. Епидемиолошки, клиничката слика има многу сличности со клиничките слики мигрена и ХППД .

Едно британско истражување испитувало необработен примерок од 1.015 возрасни во онлајн анкета и открила 3,7 % Симптоми компатибилни со Visual Snow. 2.2 % од примерокот одговара на потесните критериуми за визуелен снежен синдром според ICHD-3. Распределбата на мажи на жени беше 1,6:1. Исто така, беше откриено дека погодените се во просек постари од општата популација (51 година), што е во спротивност со резултатите од претходната студија. Ова се објаснува со фактот дека субјектите на прелиминарни студии презеле иницијатива да одат на лекар главно поради нивните симптоми. Спротивно на тоа, бројките дојдоа од луѓе кои не беа свесни за предметот на студијата, што обезбедува посигурна проценка за распространетоста на визуелниот снежен синдром кај општата популација.

Клиничка манифестација

уреди

Типично, клиничките невролошки и офталмолошки наоди не покажуваат никакви абнормалности. Со цел за подобро разликување на клиничката слика од подолготрајни аури кај мигрената, спроведени се испитувања со прецизна клиничка карактеризација, евидентирање на истовремени заболувања и прогресија на болеста кај поголема група пациенти. Врз основа на ова, беа постулирани следните дијагностички критериуми. [2]

Дијагностички критериуми на визуелен снежен синдром според ICHD-3
А Визуелен снег: динамични, постојано присутни мали точки низ бинокуларното видно поле кои траат подолго од 3 месеци
Б Присуство на најмалку два други визуелни симптоми од следните четири категории
I Палинопсија (илузии на предмети кои кратко време предходно биле во видното поле).

Најмалку едно од следново: остатоци од објекти кои пред кратко биле во видното поле или траги од објекти што се движат

II Посебни ентоптични феномени.

Најмалку едно од следново: делови во видното поле кои се дожувуваат како да „пливаат“ низ видното поле (анг. Floaters), светликави елементи на окото (обоени облаци, вител, бранови), спонтана фотопсија (перцепција на блесоци, искри, ѕвезди) или феномен на сино поле (перцепција на безброј ситни точки кои брзо се движат при гледање во сина светлина, како што е небото)

III Фотофобија (чувствителност на светлина)
IV Никталопија (нарушен вид при стемнување, самрак)
В Симптомите не се во согласност со типичната визуелна аура кај мигрена
Д Симптомите не можат подобро да се објаснат со други нарушувања

Како придружни болести особено се присутни различни форми на мигрена. Често се забележуваат и други невизуелни симптоми како што се тинитус (зуење во ушите), тешкотии со концентрирање или секундарна деперсонализација. Исто така, постои поврзаност со депресија и анксиозност, болести кои, исто така, се зачестено присутни кај хроничните мигрени.

Причина

уреди

Некои потенцијални предизвикувачи се:

  • потрес на мозокот
  • Злоупотреба на лекови
  • Лекови (на пр. SSRI, пеницилин)
  • Анксиозност/емоционален стрес
  • Загадување со тешки метали
  • Наезда од мувла
  • Лајмска болест
  • КОВИД-19
  • Дизаавтономија/ПОТС
  • Мигрена со аура
  • бременост

Постојат различни размислувања во врска со патогенезата (формирањето).

Хипотеза на кортикална хиперексцитабилност

уреди

Едно можно објаснување е нерамнотежа помеѓу инхибиција и возбудување на визуелниот кортекс. [3] Еден аспект е нарушената перцепција на контраст и осветленост кај засегнатите, што во одреден поглед кореспондира со можна прекумерна ексцитабилност на примарниот визуелен кортекс. Хипотезата е дополнително поддржана од резултати со ПЕТ-истражувања, кои покажуваат висока употреба на гликоза и поврзана висока активност во десниот Gyrus lingualis и левиот Lobus anterior cerebelli. [4] Сепак, моментално постои само една студија во која претпоставената хиперексцитабилност на визуелниот кортекс беше директно докажана со помош на електрофизиолошки мерења.

Дисфункција на таламусот

уреди

Таламусот е класично познат по својата улога како сетилнa релеј-станица за визуелните, аудитивните и соматосензорните системи и игра улога во свеста и будноста. Јадрата на таламусот (возбудливи и инхибиторни) ги интегрираат овие влезови и потоа ги презентираат избраните информации преку таламокортикални зрачења до церебралниот кортекс за интерпретација.

Таламусот може да биде одговорен за симптомите на визуелен снег преку локално зголемување на активноста во Nucleus geniculatum lateralis (т.н. Metathalamus) или пулвинарните јадра. Пулвинарот има дифузни проекции на супрагрануларните слоеви на кортексот и игра улога во обработката на вниманието и стимулот со прилагодување на моделите на внатрешна ексцитација на времето на релевантните сензорни влезови. Кај пациентите со визуелен снег беше најдено намалена функционална поврзаност на пулвинарот со визуелната кортико-стриатална јамка во време на мирување. Во споредба со нормална популација, кај пациентите со визуелен снег во МРТ-испитувања е утврдена намалена дифузија во таламичните патишта (Radiatio thalamica).Зголемена поврзаност помеѓу пулвинарот и Gyrus lingualis е забележана за време на визуелна задача, што може да го објасни чувството на фотофобија што некои пациенти го опишуваат, како и да предизвика намалување на филтрирањето на дојдовните визуелни информации.

Поврзаност со мигрена

уреди

Дополнително, друг пристап сугерира дека визуелниот снежен синдром е поврзан со мигрена и други болести кои ја менуваат перцепцијата. До 80% од пациентите со визуелен снежен синдром исто така пријавуваат мигрена и мигрена со аура. Резултатите од едно истражување покажуваат дека визуелниот снежен синдром, фибромијалгија, тинитус и постојана постурално-перцептивна вртоглавица (PPPD) може да се поврзат со централно нарушување во обработката на различни стимули (визуелни, соматосензорни, акустични и вестибуларни). Снимките и електрофизиолошките наоди сугерираат нарушувања во невронски, особено сензорните мрежи како и други големи невронски мрежи вклучени во контролата на вниманието и емоционалната обработка. Постои клиничко и епидемиолошко преклопување помеѓу споменатите нарушувања. Мигрената, исто така, покажува мултисензорна хиперсензитивност, дури и помеѓу нападите на мигрена со флуктуации во текот на мигренскиот циклус. Сите опишани нарушувања на перцепцијата се поврзани со мигрената како ризик фактор, што сугерира дека мигрената претставува нарушување на сетилната обработка и ги поврзува овие нарушувања. Затоа е можно овие болести да се класифицираат заедно како спектар на нарушувања, што, меѓу другото, се должи и на фактот дека се присутни слични патофизиолошки механизми.

Истражувачки методи

уреди

Дијагнозата на визуелниот снег се поставува преку испитување на пациент од соодветен лекар, по правило невролог. Се работи за дијагноза која се поставува откако ќе се исклучат други можни причини за состојбата. Бидејќи опишаните визуелни симптоми можат да бидат израз на разни органски заболувања на мозокот, треба да се спроведе соодветна невролошка дијагностика за да се исклучат истите.

  • Сеопфатен офталмолошки преглед
  • Проверка на вредностите на крвта, вклучително и тестирање за Борелија и коинфекции
  • Невролошки преглед со ВЕП и ЕЕГ
  • Пункција на черепот и цереброспиналната течност со МРТ
  • Флуородеоксигликоза - Позитронска емисиона томографија / СПЕКТ

Третман

уреди

Во моментов не постои стандардизирана терапија. Особено затоа што визуелниот снежен синдром се чини многу различен од пациент до пациент во однос на симптомите и нивната сериозност и затоа бара индивидуално приспособена терапија.

Лекови

уреди

Во поединечни случаи, антиконвулзивниот лек ламотригин може да биде ефикасен во терапијата на визуелниот снежен синдром. [3] Од 58 пациент во студијата, на 26 пациенти им бил препишан ламотригин. На 5 од 26 (19.2%) пациентите резултирале со делумно намалување на симптомите. Ниту еден пациент не пријавил целосно отсуство на симптоми. Несакани дејства пријавиле 50% од пациентите, но не и трајни несакани дејства. Следи лекот топирамат, кој бил ефикасен во 2 од 13 третирани случаи (15.4%). Кај еден пациент топираматот довел до влошување на симптомите. Трициклични антидепресиви, како што се: амитриптилин, кој исто така се препорачува за нервни болки или мигрена и нарушувања на спиењето, често можат да доведат до влоѓување на симптомите на визуелен снеѓен синдром, особено ако пребрзо се прекине земањето на амитриптилин. Таквите лекови секогаш треба да се намалуваат полека, што, за жал, некои лекари не секогаш практикуваат. Има само еден пријавен случај во кој амитриптилин му помогнал на пациентот за визуелниот снежен синдром. Опипрамол, исто така, може да биде ефикасен, но сè уште нема податоци за тоа.

Поради ова, може да се заклучи дека постоечките лекови не можат доволно да помогнат. Во моментов не постои соодветен лек за визуелениот снежен синдром.

Когнитивно-бихејвиорална терапија

уреди

Когнитивната бихејвиорална терапија со психотерапевт може да од корист во справувањето и обработката на анксиозноста и депресијата, кои можат да бидат предизвикувачи, како и несакани ефекти на визуелниот снежен синдром. На пример, може да се спроведат вежби за свесност и вежби за релаксација (прогресивна мускулна релаксација според Џејкобсон) и вежби кои го активираат парасимпатичкиот нервен систем. Исто така, треба да се вложи труд во одржување здрава, урамнотежена исхрана, да се осигура добар сон или добра средина за спиење и ритам на спиење што одговара и редовно вежбање 3-4 пати неделно, особено издржливост/кардио тренинг, избегнување на негативниот стрес може да ги ублажи симптомите.

Свесното фокусирање на визуелниот снег, гледањето во пловечите или гледањето во светлото облачно небо или зјапањето во белите ѕидови генерално го прави повидлив. Многу помага секојдневието или работата каде фокусот е на други работи.

Индивидуите кои се засегнати од визуелниот снежен синдром треба исто така да избегнуваат молекулите кои можат да го предизвикаат ова нарушување. Особено дроги како ЛСД или канабис.

Се препорачува и носење затемнети очила; нормалните очила за сонце може да ретушираат симптоми како што се пловечите во текот на денот, но можат да се користат и затемнети очила со сино-жолт филтер. [5]

Наводи

уреди
  1. Jäger HR, Giffin NJ, Goadsby PJ: Diffusion- and perfusion-weighted MR imaging in persistent migrainous visual disturbances. Cephalalgia. 2005 May; 25(5): 323–332. PMID 15839846
  2. Schankin, CJ, Maniyar, FH, Digre, KB, Goadsby, PJ (2014): ‘Visual snow’ – a disorder distinct from persistent migraine aura. In: Brain doi:10.1093/brain/awu050
  3. 3,0 3,1 Bou Ghannam, A.; Pelak, V.S. (2017-03-27). „Visual Snow: a Potential Cortical Hyperexcitability Syndrome“. Current Treatment Options in Neurology (англиски). 19 (9). doi:10.1007/s11940-017-0448-3. ISSN 1534-3138.
  4. Schankin, Christoph J.; Maniyar, Farooq H.; Sprenger, Till; Chou, Denise E.; Eller, Michael; Goadsby, Peter J. (2014-06-01). „The Relation Between Migraine, Typical Migraine Aura and "Visual Snow". Headache: The Journal of Head and Face Pain (англиски). 54 (6): 957–966. doi:10.1111/head.12378. ISSN 1526-4610.
  5. Jenny L. Lauschke a,b, Gordon T. Plant c, Clare L. Fraser (2015): Visual snow: A thalamocortical dysrhythmia of the visual pathway? In: Journal of Clinical Neuroscience 28 (2016) 123–127 doi:10.1016/j.jocn.2015.12.001