Класификација на почвите

(Пренасочено од Видови почви)

Класификацијата на почвите е дел од педологијата во кој се опишуваат различните типови почви. Меѓутоа, во светот не постои единствена и општоприфатена класификација на почвите. Заедно со меѓународниот (Класификација на почвите според ФАО и од 1998 наваму WRB), во многу држави се применуваат и национални системи за класификација на почвите, често основани на принципиелно различни приоди.

Во Македонија се користи усовршената и надополнетата класификација од 1972 година, изработена од А. Шкориќ, Ѓорѓи Филиповски и М. Ќириќ. Таа е прифатена од Југословенското друштво за проучување на почвите и е препорачана да се користи во педолошките истражувања кај нас.

Класификацијата од 1972 година

уреди
 
Профил на подзолеста почва.
 
Солена кора на површината од солончак (Австрија).

Овој класификациски систем е основан на одликите на самите почви, а не на надворешните услови на нивното образување. Овие одлики (физички и хемиски) се видливи и лесно мерливи:

  • Морфолошко-генетски: се зема предвид карактерот и распоредот на разните почвени хоризонти;
  • Генетско-еволуциски: почвите имаат способност под одредени услови да минуваат од еден во друг тип;
  • Производно-еколошки;
  • Влијание на човекот итн.

Оваа класификација се состои од шест единици: оддел, класа, тип, поттип, вариетет, форма. Притоа, одделот е највисока, а формата најниска единица.

Одделите се дефинираат врз основа на видот на влажењето (природно наводнување) на почвите, како и составот на водите со кои се наводнува почвата. Има четири оддели. Одделите се поделени на класи. Класите се дефинираат врз основа на генетско-еволуцискиот принцип, односно секоја класа се состои од типови на почви што претставуваат даден еволуциски стадиум и имаат ист распоред на хоризонтите во почвениот профил.

  • Автоморфни почви — природно се наводнуваат само со атмосферските врнежи. Тоа се релативно порозни почви, при што водата не се задржува долго време врз некој непропуслив хоризонт.
  • Хидроморфни почви — освен со атмосферските врнежи, овие почви повремено или постојано додатно се наводнуваат со подземни води или со површински (поплавни) води. Овие води се незасолени и неалкализирани.
    • Класа со профил (А)-G или (А)-С: неразвиени хидроморфни почви — овие почви се всушност наноси од речно, езерско или морско потекло кај кои би можеле да се образувани хоризонтите (А) или Ар и G[г]. Процесот на педогенеза е слабо изразен поради тоа што ова се млади почви или поради тоа што седиментацијата преовладува над педогенезата. Во Македонија ваков тип на почва е алувијалната почва.
    • Класа со профил А-C-G: ливадски почви (семиглеј) — поседуваат глеен хоризонт G на длабочина поголема од 100 cm, а хумусно-акумулативниот хоризонт има терестрична форма. Типот кој припаѓа во оваа класа го носи истото име како и самата класа.
    • Класа со профил A-G: глејни почви — имаат добро оформен глеен хоризонт G. Хумусно-акумулативниот хоризонт има полутерестрична форма (Аа). Тука припаѓаат типовите на псевдоглеј-глеј, ритска црница, блатна почва и тресетно-глејна почва.
    • Класа со профил А-Eg-BgC: псевдоглејни почви — се одликува со присуство на псевдоглејниот хоризонт g[д] (g1 и g2) во горните хоризонти до длабочина од 70 cm. Типот го носи истото име како и класата.
    • Класа со профил T-G: тресетни почви (хистозоли) — органогени хидроморфни почви со тресетен хоризонт T подебел од 30 cm. Ги опфаќа типовите висок или издигнат тресет, преоден тресет и низок тресет.
    • Класа со профил P-G и Ap-G: антропогени хидроморфни почви — водниот режим е под влијание на човекот: риголувана тресетна почва (риголичен хистозол), оризна почва (ризозол) и хидромелиорирана почва.
  • Халоморфни почви — се одликуваат со додатно природно наводнување со подземни (поретко со површински) води кои се засолени и алкализирани.
    • Класа со профил Asa-G или Asa-C/G: солончак — ова се акутно засолени почви. Имаат засолен (саличен) хоризонт Аsa.
    • Класа со профил A-Bt, na-C: солонец — се одликуваат со присуство на аргилувично-натричниот хоризонт Bt, na.
  • Подводни почви — постојано се прекриени со мирувачка плитка вода (дно на бари, езера и крајбрежните морски области). Често се мешаат процесите на педогенеза и седиментација.
    • Класа со профил (A)-C и (A)-G: неразвиени подводни почви — почви во почетна фаза на образување врз растреситите водни седименти. Имаат почетен хумусно-акумулативен хоризонт (А). Го опфаќа типот протопедон.
    • Класа со профил А-С или А-G: развиени подводни почви — се одликуваат со добро оформен хумусно-акумулативен хоризонт А. Ги вклучува типовите тиња, дај и сапропел.

Литература

уреди

Белешки

уреди
  • а Малата буква p покрај знакот на хоризонтот А доаѓа од англискиот збор plow (ора). Вака се означуваат сите почвени хоризонти кои се под какво било влијание на човекот.
  • б „C“ е ознака за раздробен (растресит) матичен геолошки супстрат или реголит.
  • в Со „R“ се означува нераздробен матичен супстрат, односно цврста масивна стена.
  • г „G“ е ознака за глеен хоризонт, т.е. хоризонт кој е преплавен од подземни води, при што преовладуваат оксидо-редукциски процеси (оглејување).
  • д „g“ е ознака за псевдоглеен хоризонт. Во овој хоризонт, оглејувањето се врши само под влијанието на горните води што потекнуваат од врнежите.

Поврзано

уреди