Вера Златева

македонска активистка

Вера Златева (родена Арсовска; 1951-2015) е активистка со активен граѓански придонес за подобрување на положбата на жените во Македонија.

Животопис

уреди

Златева е родена 1951 година во село Строиманци, Свети Николе. Средно економско училиште учела во Куманово. Се запишала и дипломирала на Вишата школа за социјални работници во Скопје. Нејзиното прво вработување е во конфекцијата „Свила“ во Свети Николе во 1973 година. Во 1989 година се вработила во Јавното комунално претпријатие „Единство“ во Свети Николе како книговодителка, а подоцна била назначена за шеф на книговодство. Во 1988 година го продолжила школувањето на Филозофскиот факултет на Научно наставна група за социјална работа и социјална политика, каде дипломирала во 1990 година. Во пензија заминала во 2011 година како вработена во Јавното комунално претпријатие „Единство“ во Свети Николе. Починала во јули 2015 година во Свети Николе на 63-годишна возраст.

Граѓански активизам

уреди

Уште како ученичка во основното училиште членува во повеќе секции, меѓу кои и во Рекреативното друштво „Партизан“ од Свети Николе. Во средното економско училиште продолжила да спортува и долги години била „голман“ на училишната ракометна екипа. Подоцна како вработена во Јавното комунално претпријатие редовно учествувала на Синдикалните спортски игри. Била членка на Управниот одбор на општинскиот синдикат - Советот на синдикатите на општина Свети Николе. Како активна синдикална работничка, била назначена и за претседателка на најнапред во претпријатието, а подоцна ја добива функцијата претседателка на АФЖ за Свети Николе, како наследничка на Слободанка Ѓурова. Во 1990 година и осамостојувањето на Македонија, АФЖ се укинува и се основа Организација на жените на општина Свети Николе, а Вера е назначена за прва претседателка и истата функција ја извршува речиси полни 25 години, односно сѐ до нејзината смрт во 2015 година. Покрај како лидерка на оваа организација, Вера во својот работен век како активистка основа, води и членува во повеќе локални и национални организации, мрежи и платформи.

Во својот долгогодишен активизам во невладиниот сектор членува и дава сестран придонес за женското движење и е истакната и успешна како „борец“ за женски права, не само на локално, туку и на национално ниво. Нејзиното професионално искуство во невладиниот сектор бележи и ангажман на повеќе проекти реализирани од страна на Организацијата на жените на општина Свети Николе. Особено активно и посветено работи на подигање на свеста за превентивно делување против злоќудните заболувања, борбата со ракот и помош и поддршка на жените заболени и лекувани од злоќудни заболувања. Во овој дел, како лидерка на Организацијата на жени на општина Свети Николе, но и својата посветеност и упорност има постигнато значајни достигнувања споменувајќи ги тука излобираната промена во законот за здравствена заштита на РМ со воведување на скрининг програма со бесплатни прегледи на секоја жена еднаш годишно, излобираната набавка на мамографски апарат во здравствениот дом во Свети Николе, формирањето на група за самопомош на жени заболени и лекувани од злоќудни заболувања од општина Свети Николе итн.

Под нејзино водство и самата Организација бележи значителни успеси, потрдени преку наградите и признанијата, како: награда доделена од Новинарите од источниот регион, во рамките на активностите на регионалниот центар „Исток“[1], дел од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), која ОЖОСВН ја доби како признание за упорнаста во борбата градот да добие мамограф, бидејќи статистички во овој град жените најмногу заболуваат од рак на дојка; Награда „Бисер на мудрост“ - доделена од ЕССА-Европска асоцијација за рак на матка за напредокот во спроведувањето на програмата за превенција од рак на матка во Македонија, како признание за исклучителен придонес кон програма за превенција на рак на матката; Награда „Златен медал“која се доделува во чест на 14 Септември-ден на ослободување на Свети Николе, доделена од страна на Советот на општина Свети Николе за посебни достигнувања и промоција на општината, за долгорочната успешна работа и подобрување на положбата на жените и децата во земјата;„Наградата за граѓанско општество и демократија постигнување во претходната година“, доделена од страна на Македонскиот центар за меѓународна соработка за активностите во зајакнувањето на учеството и влијанието на луѓето врз јавната политика.[2]

Политички ангажман

уреди

Како членка на Либералната партија била советничка во Советот на општина Свети Николе со мандат од четири години.

Наводи

уреди
  1. „Новинарите со признанија за најдобрите од Истокот“. Архивирано од изворникот на 2018-12-05.
  2. Симеонова-Манева, Рахела (јуни 2018). Жените од Свети Николе низ историјата. Свети Николе: Здружение Организација на жените на општина Светни Николе. стр. 7, 8, 9, 10, 11.