Боксерско востание

(Пренасочено од Бунт на боксер)

Боксерско востание, Боксерски бунт, или Јихетуанско движење било антистранско, антиколонијално и антихристијанско востание во Кина во периодот од 1899 до 1901 година. Востанието било подигнато кон крајот на владеењето на династијата Ќинг, од страна на Обединетите милиции во Праведност (Јихеќуан), познати како Боксери бидејќи многу од членовите практикувале кинески боречки вештини, кои во тоа време биле нарекувани со едно име како кинески бокс.

Кинеските востаници

По кинеско-јапонската војна од 1895 година, селаните во Северна Кина се плашеле од проширување на странските сфери на влијание и негодувале на новите привилегии на христијанските мисионери. Во 1898 година, во Северна Кина имало неколку природни катастрофи, како излевање на Жолтата Река и суши. Боксерите за овие катастрофи сметале дека е виновно странското и христијанското влијание. Во 1899 година, боксерите започнале со насилства низ Шандонг и Северната Кинеската Рамнина, го уништувале имотот на странците, и ги напаѓале или убивале христијанските мисионери или кинеските христијани. Настаните кулминирале во јуни 1900 година, кога боксерските борци, убедени дека странското оружје не им може ништо, се упатиле кон Пекинг под слоганот „Поддржете ја власта на Ќинг и истребете ги странците“. Дипломати, мисионери, војници и некои кинески христијани се засолниле во дипломатскиот кварт каде што биле под држени под опсада 55 дена од Кинеската царска армија и Боксерите.

Алијанса од осум нации составен од американски, австроунгарски, британски, француски, германски, италијански, јапонски и руски трупи дошол во Кина за да ја прекине опсадата и за да ги спаси цивилите од таму. Царицата Довагер Циси, која на почетокот се колебала, ги поддржала боксерите и на 21 јуни издала царски декрет со кој им објавила војна на окупаторите. Кинеските функционери биле поделени на оние кои ги поддржуваат боксерите и оние кои се залагаат за помирување, предводени од принцот Ќинг. Врховниот командант на кинеските сили, манџурискиот генерал Ронглу (Џанглу), подоцна тврдел дека дејствувал за да ги заштити странците. Официјалните лица во јужните провинции го игнорирале царскиот декрет за борба против странците.

Сојузот од осум нации, откако на почетокот се повлекол од нападите на царската кинеска војска и боксерската милиција, донел во Кина 20.000 вооружени војници, ја поразил Царската армија во Тијанџин и на 14 август стигнал до Пекинг, ослободувајќи ги цивилите кои биле под опсада. Потоа, го ограбиле главниот град и околните села, и патем вршеле брзи погубувања на оние за кои се сомневале дека се боксери со цел да им се одмаздат. На 7 септември 1901 бил донесен Боксерскиот протокол кој предвидувал погубување на владините функционери кои ги поддржувале боксерите, одредби за стационирање на странски трупи во Пекинг и да плати 450 милиони тахили сребро (приближно 10  милијарди долари по цена на среброто во 2018 година и повеќе од годишниот даночен приход на владата) како обесштетување на осумте вклучени нации во текот на следните 39 години. Боксерската револуција дополнително ја ослабнала контролата на династијата Ќинг врз Кина и затоа династијата се обидела да направи големи реформи.

Причини за конфликт и немири

уреди

Од почетокот на 19 век, западноевропските држави, пред се Велика Британија, почнале да навлегуваат во Кина, за да воспостават контрола врз кинеските пазари. Династијата Ќинг не можела да се спротивстави на технолошки посупериорните сили, и како резултат на што претрпела многу дипломатски и воени порази и, веќе кон крајот на 19 век, всушност била полуколонија.

Ниту „политиката на самозајакнување“, која се спроведувала по аналогија на јапонските реформи Меиџи, не ѝ помогнале на Кина да се заштити од европската колонизација.

По поразот на династијата Ќинг во Првата опиумска војна на Кина ѝ бил наметнат првиот нееднаков договор. Од средината на 19 до почетокот на 20 век, Кина потпишала околу 13 нееднакви договори со Јапонија, САД и европските земји. Како резултат на тоа, државата изгубила многу пристаништа, била изолирана во надворешната политика, а во земјата имало наплив на мисионери, кои не секогаш со должна почит ја третирале месната култура и верските традиции. Навлегувањето на странците во северните региони од Кина (во провинциите Жили, Шандонг и Манџурија) било доста болно за месното население, а промените во економската и социјалната состојба биле пресериозни. Со изградбата на железницата, воведувањето на поштенски и телеграфски комуникации и зголемувањето на увозот на трговски стоки, многу кинески работници кои дотогаш работеле во традиционалните начини на транспорт и врски (возачи на чамци, амали, носачи, гласници, чувари и други услуги) останале без работа. Изградбата на Кинеската источна железница и Јужноманџурска железница се заканувала дека ќе остави без приход илјадници луѓе вработени во транспортот со колички. Трасите на поставените патишта ги уништиле нивите, биле уништени куќи и гробишта. Навлегувањето на европските, јапонските и американските стоки на кинескиот пазар го забрзало пропаѓањето на занаетчиството.

Сите овие фактори во раните 1890-ти го предизвикале тешкиот живот на селанството во северните провинции, а природните катастрофи (сушите се повторувале неколку години по ред, и заедно со епидемиите на колера, биле толкувани како последици од појавата на „странски ѓаволи“ или „бели ѓаволи “) дополнително ги дотолчиле.

Владата на царството, предводена од царицата Циси, одбила да спроведе либерални реформи, а тоа било уште еден предуслов за народното востание против „европеизацијата“ на Кина.