Будење на пролетта

Будење на пролетта (германски: Frühlings Erwachen) — драма од Франк Ведекинд напишана во 1891 година и првпат изведена во 1906 година во Берлин. Поднасловот гласи „детска трагедија“ (Eine Kindertragödie). Дејството се одвива на крајот на XIX век и главните ликови се гимназијалците Мелхиор Габор и Мориц Штифел, како и четиринаесетгодишната Вендла Бергман. Главната тема е потрагата на главните ликови по решенија на проблемите што со себе ги носи пубертетот.[1]

Корицата на оригиналното издание на Будење на пролетта од 1891 година

Инспирација и настанување

уреди

Двете главни теми во драмата, училиштето и сексуалноста, постојано се појавуваат во творештвото на Ведекинд.

Ведекинд го напишал првиот концепт за драмата во Цирих, но ја завршил помеѓу октомври 1890 и април 1891 во Минхен. Како што кажал и самиот, делото било инспирирано од неговите лични искуства и од искуствата на неговите соученици. Како пример за ликот на Мориц Штифел му служеле двајца соученици, Франк Оберлин и Мориц Дир, кои извршиле самоубиство во 1883, односно во 1885 година. Дир му ги соопштил своите намери на Ведекинд, кој му ветил дека ќе напише драма за него.[2]

Откако една минхенска издавачка куќа одбила да ја издаде драмата поради правни проблеми, Ведекинд дал делото да се издаде на сопствен трошок во октомври 1891 во издавачката куќа на Жан Грос во Цирих. Така Будење на пролетта станала неговата прва испечатена книга. Корицата на првото издание била дизајнирана од Франц фон Штук според упатствата на Ведекинд и прикажува пролетен пејзаж.

 
Александар Моиси како Мориц Штифел на премиерата на Будење на пролетта во Берлин во 1906 година

Главни ликови

уреди
  • Мелхиор Габор е интелигентен и пред сѐ сексуално просветлен ученик во гимназија со либерална мајка. Сепак, токму неговото напредно размислување подоцна му создава големи проблеми.
  • Петнаесетгодишниот Мориц Штифел е еден од најслабите ученици во класот. Покрај слабите резултати во училиште, на својот единствен вистински пријател, Мелхиор Габор, му ги доверува и своите други проблеми: првите „машки нагони“.
  • Вендла Бергман е љубопитно четиринаесетгодишно девојче со конзервативна мајка од граѓанската класа. Исто како Мориц и таа покажува желба за знаење во поглед на сексуалноста, но никој не ѝ кажува ништо и тоа доведува до нејзината пропаст.
  • Маскираниот господин е лик што го претставува животот и кому му е посветено делото. Како што кажува Мелхиор, тој нему му е „непознат“, бидејќи Мелхиор сѐ уште се наоѓа на почетокот на својот живот и има малку животно искуство. Маскираниот господин се појавува во последната сцена на трагедијата и го поттикнува Мелхиор одново да му се врати на животот.

Јазик и стил

уреди

Драмата се одликува со секојдневен јазик и избегнување на поетски и уметнички јазик. Изборот на зборови се одликува со бројни алузии на други книжевни дела, како на пример Стариот завет, Фауст од Гете, Отело од Шекспир и Војцек на Бихнер.

Наводи

уреди
  1. „Inhaltsangabe“. Посетено на 30 март 2019.
  2. Neubauer, Martin (2001). Lektüreschlüssel. Frank Wedekind: Frühlings Erwachen. Stuttgart: Reclam.

Надворешни врски

уреди