Отвори го главното мени
Франк Ведекинд

Франк Ведекинд (роден на 24 јули 1864 како Бенјамин Франклин Ведекинд во Хановер; починал на 9 март 1918 во Минхен) е германски драмски писател и актер. Неговите драматуршки концепти го надраснале натуралистичкиот стил и го пробиле патот за т.н. антиилузионистички театар. Со своите театарски претстави што содржат моќна критика на општеството им припаѓа на најчесто изведуваните драматичари на своето време

Детство и школувањеУреди

Таткото на Ведекинд бил гинеколог и по неуспешната мартовска револуција од 1848/1849 се преселил во Сан Франциско, каде што се занимавал со шпекулации со недвижен имот за време на калифорниската златна треска. Таму се оженил со Емили Камерер, ќерка на Фридрих Камерер, пронаоѓачот на кибритот. Франк бил нивниот втор син.

Во 1872 семејството емигрирало во Швајцарија, каде што таткото на Франк го купил замокот Ленцбург. Во него Франк ја поминал својата младост.

Ведекинд почнал да студира германска и француска книжевност на универзитетот во Лозана во 1884, но истата година по желба на таткото се префрлил на студии по право во Минхен. За ова време сменил неколку работи како новинар и бил дури и секретар во циркус. Циркуските претстави го воодушевувале и инспирирале во текот на целиот негов живот. Веќе во овој период започнал да пишува, пред сè поезија, проза и една комедија. Во 1886 година, татко му престанал финансиски да му помага, бидејќи Ведекинд имал слаб успех како студент. По смртта на таткото добил големо наследство што го потрошил по само неколку години.

Живот како уметник и писателУреди

Во 1889 Ведекинд се преселил во Минхен, а во 1891 во Париз. Истата година е објавена неговата драма Будење на пролетта. Потоа следуваат патувања и престои низ Швајцарија, во Лондон и во Берлин. Во 1896 се вратил во Минхен. Во 1901 и 1902 учествувал во кабаретски настапи пеејќи сопствени композиции во придружба на гитара. Ведекинд настапувал и како актер во сопствените драми, кои со својот гротескен приказ на дејството ја провоцирале граѓанската публика. Неговите драми пред сè го критикуваат лажниот морал на граѓанството. До денес е позната и се изведува неговата драма „Ја заклав тетка ми“, напишана во 1902. Истата година ја завршил драмата Пандорината кутија. Премиерата на оваа драма се случила две години подоцна.

Ведекинд имал повеќе партнерки и многу деца, што не одговарало на конвенциите од неговото време. Меѓу нив била и слугинката на семејството, Хилдегард Целнер.

Врвот на својата писателска и драматуршка работа го доживеал од 1910 година па натаму во Берлин. Таму биле изведени многубројни негови претстави кои биле одлично примени од публиката.

Во 1906 година се оженил со актерката Тили Невес (1886–1970), која ја играла главната улога во многу претстави според негови драми. Живееле заедно сè до неговата смрт во Минхен и имале две ќерки, Памела и Кадидја.

Смрт и наследствоУреди

Ведекинд починал на 9 март 1918 како резултат на компликации по операција на слепото црево. На неговиот погреб присуствувале не само големи имиња од германскојазичната книжевност како Бертолт Брехт, туку и многу жени со кои Ведекинд бил во врска, што предизвикало скандал.

ВлијаниеУреди

Една од причините што делата на Ведекинд биле постојано цензурирани е нивната сексуална содржина. На пример во драмата Будење на пролетта е присутен садомазохистичкиот мотив.

Приказот на сексуалноста во неговите дела е чест предмет на проучување, особено во психоаналитичка смисла.

ПреработкиУреди

Драмата Будење на пролетта, која Ведекинд ја напишал доста рано во својот живот, била успешно поставена во 2006 како музичка обработка во Бродвеј.

Избрани делаУреди

  • Деца и лудаци, драма (1890. Подоцнежен наслов: Младиот свет)
  • Будење на пролетта, драма (1891, првпат изведена во 1906)
  • Љубовна напивка, драма (1891)
  • Таков е животот, драма (1902)
  • Пандорината кутија, драма (1902)
  • Четирите годишни времиња, поезија (1905)
  • Музика, драма (1907)
  • Цензура, драма (1907/1908)
  • Каменот на мудроста, едночинка (1909)
  • Франциска, драма (1911)
  • Бизмарк, драма (1914/15)