Боро Поле
Боро Поле (познато и како: Борово Поле) — карстно поле и висорамнина на планината Караџица на масивот Мокра, кое припаѓа во рамки на подрачјето на природниот резерват „Јасен“.
Местоположба и природни одлики
уредиИма издолжен облик и се протега во меридијански правец север - југ со отклонување кон југоисток. На север е оградено со гребенот на врвот Миленков Камен (2.217 м) и Велешка Рупа односно врвот Крајни Камен (2.093 м), на исток е оградено со гребенот на највисокиот врв Караџица (2.472 м), на југ е заградено од гребенот Завој и врвот Иванов Камен (2.108 м) додека кон запад е отворено како висока тераса над длабокиот дол на реката Оча во Поречието на чиј западен крај е месноста Сугаре Пештера од која започнуваат стрмни долови и ограноци. Надморската височина на Боро Поле се протега меѓу 1.642 и 1.750 метри, со просек околу 1.678 метри. Долг е 4, а широк — 1,5 киломери. Боро Поле е многу тешко пристапно и до него постои само колски пат од строго заштитеното подрачје на „Јасен“.
Растителност и животински свет
уредиПолето е интересна карстна појава, на која се развива својствен вид на растителност со посебни одлики. Се наоѓа високо на крајната западна страна на планинското било на Караџица, како зарамнета површина над нејзината стрмна западна падина во Порече. Според името на ова рамниште може да се претпостави дека во поблиското минато тоа претставувало главно станиште на иглолисен тип на шума[1], а и денес на него најзастапен е борот кој е распространет по целото поле во поединечни и помали групи на борови дрвја. Покрај боровите, од дрвната растителност застапени се и смреките од зимзелените и во многу редок обем даб-прнар и нискостеблести листопадни грмушки. Од растителниот свет треба да се наведе дека на Боро Поле се наоѓа единственото наоѓалиште на Балканот на кривиот лук (Allium zebdanense).[1]
Од животинскиот свет на Боро Поле живее доста дивеч при што се застапени дивите кози, зајаците, лисиците, волците поради што тоа е посетувано и од ловци.
Галерија
уреди-
Утринска глетка на Боро Поле од север
-
Поглед на Боро Поле од југ
-
Сличен поглед од југ
-
Борови дрвја од запад
-
Зајак стои помеѓу бор и смрека на Боро Поле
-
Цветови на кривиот лук, застапен на Боро Поле
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Дренковски, Раде (1999). Растителниот свет и шумите на планинскиот масив Јакупица - вредности и значење. Скопје: НИП „Студентски збор“. стр. 152. ISBN 9989-45-104-4.
Надворешни врски
уреди- Боро Поле на Ризницата ?
- Истражување на пропаст во Боро Поле — истражувачко друштво „Урсус спелеос“ (видео)