Биоценоза
Биоценоза — животна заедница.
Биоценоза е група на популации на различни видови што живеат заеднички во одреден биотоп. Заедничкиот живот на популациите во биоценозата се одржува благодарение на нивната меѓусебна зависност и на тој начин животната заедница функционира како еден биотички систем. И популацијата е функционален систем, но за разлика од неа, биоценозата претставува функционален систем од повисоко ниво. Во рамките на биоценозата се испитуваат еколошки две посеби компоненти - растителна (фотосинтеза) и животинска (зооценоза), но во суштина таква поделба на биоценозата не постои, бидејќи животот, и на растенијата, и на животните, меѓусебно е условен.
Всушност, растенијата и животните се тесно поврзани едни со други. Растенијата синтезираат храна со која се храни животинскиот свет, а ослободуваат кислород кој е потребен за дишење на животните.
Животните пак од своја страна ја збогатуваат атмосферата со јаглендиоксид (СО2) кој е неопходен за фотосинтетските процеси кои ги вршат растенијата, помагаат при ѓубрење на почвата, за натамошна репродукција на растителниот покривач, вршат опрашување на растенијата.
Биоценозите од различните биотопи се разликуваат меѓу себе, во прв ред со присутноста на растителните и животинските видови. Секоја биоценоза има не само свој квалитативен туку и квантитативен состав. Во составот на една езерска биоценоза живеат едни органски видови, а во морската - сосема други. Живиот свет во заедницата на една пустина не само што е различен туку е и бројно помалку застапен од една шумска заедница. Тоа значи дека карактерот на една биоценоза не зависи само од квалитативниот состав, туку и од некои квантитативни комбинации на органските видови. Бројот и изборот на видовите кои влегуваат во составот на животните заедници просторно многу варира. Посебно голем број видови има во биоценозите од тропските, а мал број во поларните предели.
Густините на популациите од различните видови на биоценозите се различни. Некои видови со својата бројност, или со биомасата преовладуваат во дадена биоценоза и таквите видови се означени како доминантни. Тоа се редовно видовите што се најдобро приспособени на постојаните животни услови и се со голема способност за размножување. Натамошна одлика за секоја биоценоза е просторниот распоред на органските видови во неа. Распоредот може да се одвива во хоризонтален и вертикален правец. Најзабележливи заемни односи на членовите на биоценозата се односите во исхраната, бидејќи исханата е еден од најпотребните услови за нормално одвивање на животот на организмите. Односите во исхраната задолжително и цврсто ги поврзуваат сите членови во биоценозата и фигуративно можат да се означат како синџири на исхрана.
Неживата средина делува на живите организми и обратно, па заедно создаваат единствен систем - екосистем. Притоа, биоценозата е живата (биотичка) компонента на екосистемот, а биотопот ги опфаќа неживите фактори на средината. Тие меѓусебе се надополнуваат и градат врвна еколошка синтеза т.е. биолошки микросистем кој е инзвонредно сложен и динамичен. Секоја промена во една од компонентите се одразува на екосистемот како целина и обратно, што укажува на цврстата заемна поврзаност и условеност на екосистемот и неговите делови. Екосистемите се природни функционални единици што се распоредени во системот Земја: шума, ливада, поток, езеро и слично.
На поголемите пространстава со воедначени климатски услови се развиваат комплекси на екосистеми, од кои еден доминира, а се означуваат како биоми. Поединечните биоми (тундрата, тајгата, степата, пустината, листопадната шума) зафаќаат големи површини на Земјата, а границите им се совпаѓаат со границите на крупните климатски региони. Највисокиот и најсложениот степен на еколошката интеграција е биосферата. Таа ја сочинува живата обвивка на Земјата, а навлегува во сите Земјини сфери, (атмосфета, хидросфера и литосфера). Живите организми, со своите влијанија ги менуваат особините на Земјините сфери, а во исто време се приспособуваат на влијанијата на неживата средина.
Оттаму биосферата може да се сфати како врвно ниво на еколошка интеграција т.е. како врвен Земјин екосистем.