Биосферен резерват Рио Платано

Биосферниот резерват Рио Платано е 5.250 км2 зачувано земјиште во регионот Ла Москитија на карипскиот брег на Хондурас. Поголемиот дел од земјата се протега по должината на Рио Платано. Во резерватот има голем број на загрозени видови и некои од најголемите делови на шумата во Хондурас. Тој е светско наследство и биосферен резерват од 1982 година. Во 2011 година, УНЕСКО го стави резерватот на списокот на светско наследство во опасност.[1]

Биосферен резерват Рио Платано
МСЗП — Категорија II (национален парк)
Местосевероисточниот дел на Хондурас
Најблизок градПалациос
Координати15°44′40″N 84°40′30″W / 15.74444° СГШ; 84.67500° ЗГД / 15.74444; -84.67500
ПовршинаПредлошка:Convert/acres
Воспоставен(а)1982
Светско наследство на УНЕСКО
Критериумприродно: (vii), (viii), (ix), (x)
Навод196
Запис1982 (VI заседание)
Загрозено1996–2007; 2011–...
Површина350.000 хектари
Преоден појас150.000 хектари

Резерватот опфаќа и планинска и низинска тропска дождовна шума, полна со разновиден див свет и на растенија, и има повеќе од 2000 жители. Резерватот е дел од мезоамериканскиот биолошки коридор кој се протега од Мексико кон југ преку Средна Америка.

Иако резерватот опфаќа голем дел од Хондурас, многу малку е забележано за биоразновидноста во него. Додека претходните планови за управување се покажале како успешни, ќе биде неопходна континуирана истрага за тековните планови за управување и идните проблеми со зачувување за да се заштити овој вреден резерват. Во моментов има закани за зачувување на резерватот кои вклучуваат нелегален лов, сеча и расчистување на земјиштето за пасење на добиток. Неодамнешните сплаварски експедиции од изворите на Рио Платано низ сите три зони на резерватот (културни, тампон и јадро) имаат документирано пасење на говеда во основната зона, трговски риболов и лов на дивеч по течението на реката, и сечење шума во близина на Лас Маријас.

Историја

уреди

Во 1960 година, земјата била одвоена како „Археолошки резерват Сиудад Бланка“, именувана по античка населба позната како ла Сиудад Бланка. Овој резерват бил преименуван во „Биосферен резерват Рио Платано“ во 1980 година, и бил додаден на списокот на светското наследство во 1982 година.[2]

Управување и развој со резерватот биле создадени во 1980 година, а спроведени во 1987 година од страна на Одделот за природни обновливи извори. Во 1997 година, дополнителни 3250 км2 билее назначени како тампон-зона за резерватот. Во 1997 година, Германската банка за развој започнала план со кој значително ќе се прошири резерватот до реката Патука и биосферниот резерват Босавас во Никарагва. Во моментов, германскиот план е одложен.[3]

Археолошки наоѓалишта

уреди

Во резерватот сè уште има над 200 археолошки места,[4] вклучувајќи го и местото каде што Кристофер Колумбо првпат пристигнал во континентална Америка.[3] Резерватот исто така содржи руинирани населби, вклучувајќи камења од згради и патишта, резби во карпа и други остатоци.[5]

Малку од овие наоѓалишта се заштитени, всушност некои се ограбени, а голем дел од нив се значаен фактор за туризам. Иако археолошката вредност на регионот првично играла голема улога во формирањето на резерватот, резерватот во моментов се фокусира најмногу на заштитата на шумите.[6]

Според традицијата, Ла Сиудад Бланка се наоѓа во регионот. Со текот на годините, многу професионални и аматерски археолози тврдат дека го пронашле ова место, но никој не донел веродостоен доказ, и повеќето професионалци остануваат скептични дека некогаш постоел.[7]

Месно население

уреди

Овој резерват е дом на повеќе од 2.000 домородни жители и сè поголем број жители мигранти.[4] Населението вклучува четири многу различни и уникатни културни групи: Мискито, Печ, Гарифунас и Ладино. Помалите групи, жителите Печ, Гарифунас и Мискито, живеат претежно на север, покрај реката. Овие луѓе имаат различни права на земјата и најмногу ја користат за земјоделство.[3] Земјоделството од помал обем на Печ лесно се прави одржливо. Многумина од најголемата група, Ладино, влегле во резерватот од југ. Конфликтот околу правата на земјиштето е извор на конфликт меѓу етничките групи. Тековниот конфликт околу правата на земјиштето вклучува недомородни народи кои влегуваат и им се закануваат на домородните сопственици на земјиште - принудувајќи ги да ги напуштат своите историски земји.

Конзервација

уреди

Во 1996 година резерватот бил назначен како Светско наследство во опасност. План за управување со резерватот, имплементиран во 2000 година, вклучувал макрозонирање, подзонирање и специфични планови за прашањата за зачувување.[8] Планот за макрозонирање воспоставил тампон зони, културни зони и зони на јадро. Вкупната закана, особено во зоните на јадрото, се намалила во 2006 година. Значително се подобриле напорите за зачувување, што довело до отстранување на резерватот од списокот на Светското наследство во опасност, во 2007 година. УНЕСКО неодамна (2011 година) изврши мисија на Рио Платано и откри нелегална активност во основната зона. Во моментов се случуваат шверц на дрога, расчистување земјиште за пасење на добиток, и нелегален риболов и лов покрај реката. Во 2011 година, УНЕСКО повторно го стави резерватот на списокот на светско наследство во опасност.[1]

Областа е заштитена од Одделот за заштитени подрачја и диви животни, Државната управа за шумарство во Хондурас, и добива одредено финансирање од Светскиот фонд за диви животни и други приватни организации. Голем број владини и невладини организации и комитети развиле и спровеле планови за зачувување во регионот. Главната цел на резерватот е да го заштити земјиштето од уништување на шумите, како и развој на резерватот.[4]

Планот за зачувување на резерватот има за цел да ги интегрира локалните жители во нивната околина преку одржливи земјоделски практики. Домородните популации играат голема улога во успехот на планот за зачувување, и внатре во резерватот и надвор од резерватот во тампон зоните. Доделувањето титули и признавањето на правните имотни права играле важен дел од почетокот на планот за зачувување на резерватот.

Клима

уреди

Годишните врнежи се движат помеѓу 2.850 и 4.000 милиметри, а локалните жители забележале тренд кон посушни сезони.[6] Климата во регионот е клучна за зачувување на вредните влажни шуми, и важна е за земјоделството од кое зависи домородното население.

Исто така, во резерватот се случуваат во просек четири силни тропски бури на секои десет години.[9] Плановите за развој и земјоделството зависат од природните нивоа на реката за испуштање вода од ниските области. Последиците од ураганот Мич во 1998 година го нарушиле развојот на хидроцентралата Патука II.[6]

Географија

уреди

Земјата се протега од брегот на Ла Москитија низ лагуните и по должината на Рио Платано нагоре во планините. Тампон зоната ги вклучува и Паулаја и Сико, и треба да се протега до реката Патука. Резерватот е претежно планински, вклучувајќи ги Пико Дама, гигантска гранитна формација и Пунта Пиедра, највисокиот врв со 1.326 метри височина.

Резерватот го вклучува речиси целиот слив на Рио Платано и многу други помали водни патишта. Голем дел од регионот е покриен со планински терен. Реките течат низ пониските и низ планинските региони. Реките создаваат езерца, мочуришта и природни насипи.

Географијата на регионот ги прави земјоделството и конзервацијата особено комплицирани. Ниските копнени области покриени се со вода во текот на целата зима, а реките и разните притоки содржат широк спектар на флора. Крајбрежниот регион на север е почесто документиран, така што на остатокот од регионот му треба потемелно истражување.

Флора и фауна

уреди
 
Тапир
 
Мрзливец

Резерватот содржи дел од најголемата преживеана област на недопрена тропска дождовна шума во Хондурас, и една од ретките преостанати во Средна Америка, со бројни загрозени видови.[6] Иако има сè поголем број на истражувања достапни на биоразновидноста во рамките на резерватот, сегашните планови за управување ја нагласуваат потребата за повеќе истражувања за флората и фауната во регионот.

Флора

уреди

Главните екосистеми вклучуваат мангрови и слатководни блата и мочуришта, борова савана, и шума. Постои разновидно количество на флора, проценета на над 2.000 видови растенија,[3] иако малку е напишано за тоа бидејќи многу видови се нови или неоткриени.[9]

 
Јагуар

Постојат два големи екосистеми на мангрови долж крајбрежјето: лагуната Брус и лагуната Ибан. Областа Брус е 120 км2 и солена, а областа Ибанс е 63 км2 и со слатка вода.[9] Мангровите се вредни и кревки, па затоа се значителен дел од вредноста на резерватот.

 
Пума

Понатаму, земјата станува прерија и борова и палмина савана, во зависност од достапноста на вода. По должината на сливот на реките, растителноста е густа влажна шума, што е повторно, слабо проучена.[3]

 
Гигантски мравојад

Фауна

уреди

Документираната фауна во регионот вклучува 39 видови цицачи, 377 видови птици и 126 видови влекачи и водоземци.[3] Регионот е богат со птици, вклучително и кралскиот мршојадец, орелот харпија, голем кракс, кадрав гуан, црвена ара, зелена ара.

 
Пекари
 
Мајмун врескач

Меѓу другите видови овде живеат: белоглавиот капуцин, мајмунот врескач, пајак мајмун, мрзливец, пакови, кинкаџу, централно-американска видра, пума, пекари, и елени.

Ретки и загрозени видови

уреди

Ретки или загрозени видови се: гигантски мравојад, јагуар, оцелот, маргај, карипски ламантин и средноамерикански тапир. Количеството на еколошка едукација што постои во Хондурас е минимално, па затоа е тешко да се заштитат овие загрозени видови.[10] Распространетата сиромаштија и недостатокот на точни истражувања за екосистемите, ја прави заштитата сè потешка. Додека програмите за зачувување ги достигнуваат своите цели, тешко е да се каже дали плановите за управување успешно ги штитат директно овие видови или не. Заштита на екосистемите, како дождовната шума, од кои зависат загрозените видови, служи како важна индиректна придобивка.

Туризам

уреди

Големата густина на дивиот свет по должината на брегот на Ла Москитија го прави овој резерват популарна дестинација за екотуристите. Иако приватните организации започнуваат претпријатија за екотуризам низ целиот регион,[11] владата нема сеопфатен план за контрола или искористување на екотуристите.[6] Екотуризмот може да понуди олеснување на месното население погодено од сиромаштијата, зголемена свесност за биолошката вредност, и може да генерира приход што може да се искористи за финансирање на проекти за резерватот. Во моментов се нудат 10 - 12 дневни сплаварски патувања низ целата должина на Рио Платано.

Иако правилно спроведената туристичка индустрија може да има корист од резерватот, моментално нерегулираната индустрија создала големо количество сообраќај и оштетени археолошки наоѓалишта.[3] Туристичката индустрија има влијание во целиот резерват, но особено се повредени незаштитените археолошки наоѓалишта. Без развој на инфраструктурата, тешко е да се има профитабилна и одржлива индустрија за екотуризам, особено во резерват со тешки проблеми со зачувување.

Закани за зачувување

уреди

Резерватот сè уште се соочува со неколку закани за зачувување. Сечата и развојот продолжуваат да бидат проблеми, а ситуацијата ја влошува зголемената популација од посиромашните делови на Хондурас или бегалците од Никарагва.

Сеча

уреди

Владата ја регулира индустријата за сечење дрвја во Хондурас. И покрај надзорот над овие и други организации и мораториумот за влегување во резерватот, дрвјата махагони и натаму се сечат и се отстрануваат.[12] Владата на Хондурас не успеа да донесе закони доволно строги за да има значително влијание во спречувањето на уништувањето на шумите. Целиот резерват може брзо да исчезне, дури и преку нерегулирано уништување на шумите.

Месното население признава дека големо количество махагони го напушта резерватот, но многу посиромашни делови од економијата сметаат дека високата цена на махагони е доволен поттик за расчистување на вредните екосистеми кои обезбедуваат незаменливи услуги на вода и почва. Дрвокрадците кои стојат зад уништувањето на шумите во резерватот сè уште се главно непознати.[12]

Развој

уреди

Развојот во и околу резерватот претставува проблем за плановите за зачувување. Изградбата на хидроцентралата Патука II во реката Патука ги потенцира елементите на дебатата. Хидроцентралата влијае повеќе отколку само на водниот пат каде е изградена. Исто така, потребна е инфраструктура што ја нарушува животната средина околу неа. Голем дел од резерватот нема развиени патишта ни струја.

Земјоделството низ резерватот претставува подиректна закана. Како што популацијата се шири во рамките на резерватот, така се зголемуваат и нивните земјоделски активности. Голем дел од областа на мочуриштата е несоодветен за земјоделство, потребни се нивоа и континуиран развој за да бидат продуктивни. Голем дел од нелегалната сопственост поттикнува конфликт, понекогаш насилен, меѓу различните културни групи за правата на земјоделско продуктивните области.[6]

Посиромашните фармери прибегнуваат кон деструктивни техники, што е особено штетно за земјата на саваната и преријата.[13] Иако сегашниот план за управување има за цел да ги едуцира земјоделците за овие деструктивни практики, тие продолжуваат. Идните цели на управување имаат за цел да промовираат одржлива техника кај поголем број традиционални земјоделци.

Бегалци

уреди

Сиромаштијата во Хондурас и соседната Никарагва и зголемениот број урагани доведоа многу бегалци во резерватот,[14] што напорите за зачувување станале сè посложени. Овие бегалци често влегуваат од југ на резерватот, а понекогаш создаваат и поголем конфликт интегрирајќи се со домородното население. Додека традиционалните земјоделски практики можат да бидат деструктивни, стресот создаден од поголемо население е многу поштетен за резерватот.

Во моментов, корпорацијата Хондурас за развој на шумарството со помош на силите за јавна безбедност на Хондурас прават напори во резерватот[3] да се намали бројот на луѓе што доаѓаат. Сепак, бегалците продолжуваат да влегуваат. Резерватот разгледува план за преместување на бегалците надвор од резерватот. Овој план бил пречекан со политичко противење.[6]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 Centre, UNESCO World Heritage. „Río Plátano Biosphere Reserve“. UNESCO World Heritage Centre.
  2. Douglas Preston (May 6, 2013). „The El Dorado Machine“. The New Yorker: 34–40.
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 UNEP-WCMC. „Natural Site Data Sheet: Rio Plátano Biosphere Reserve“. Архивирано од изворникот на 2008-02-09. Посетено на 2008-04-01.
  4. 4,0 4,1 4,2 UNESCO-MAB. „Biosphere Reserve Information“. Посетено на 2008-04-01.
  5. Yde, Jens. „Review: [untitled]“. American Antiquity. 23:2: 196.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 6,5 6,6 McGinley, Mark. „Rio Plátano Biosphere Reserve“. Посетено на 2008-04-01.
  7. Francie Diep (June 8, 2012). „How Lasers Helped Discover Lost Honduras City“. Innovation News Daily. Архивирано од изворникот на 2012-09-18. Посетено на 2021-05-01.
  8. Ohnesorge, Bettina. „State of Conservation of the Río Plátano Biosphere Reserve and World Heritage Site, Honduras, Central America“. Посетено на 2008-04-01.
  9. 9,0 9,1 9,2 Herrera-MacBryde, Olga. „CPD: Middle America, Site MA15“. Архивирано од изворникот на 2008-04-22. Посетено на 2008-04-01.
  10. TAPIR SPECIALIST GROUP. „Tapirs: Status Survey and Conservation Action Plan“. Посетено на 2008-04-01.
  11. Crockett, Carrie. „Where are they now?“. Motley Fool. Посетено на 2008-04-01.
  12. 12,0 12,1 TED Case Studies. „Honduras and Deforestation“. Посетено на 2008-04-01.
  13. Youth, Howard (September 1, 1998). Green awakening in a poor country. Honduras: World Watch.
  14. Weinberg, Boll (October 15, 2003). „Indigenous Peoples, Civil Society under Attack in Colombia's Oil Zone“. Knight Ridder/Tribune Business News.

Литература

уреди

Надворешни врски

уреди