Бездомништво во Македонија

Бездомништвото во Македонија — значајно социјално прашање кое влијае на голем број луѓе во земјата. Бездомништвото е предизвикано од природни катастрофи, недостаток на соодветно домување и домашни проблеми.

Ранливите групи, самохраните родители, жртвите на семејно и родово-базирано насилство, корисниците на дроги и сексуалните работници се лица кои се подлежни на бездомништво и имаат висок потенцијал да се претопат во лица без живеалиште. Сето тоа се должи на слабите и лоши услови, долги години нереформираните прифатни центри и ограничување на можностите за користење на социјална парична помош или малата висина на понудените средства од државата.[1]

Од причини како што се: несогласување во семејството, закани од насилство или живеење во привремени живеалишта, припадниците на овие групи често може да завршат на улица.

Бездомништвото во Македонија е резултат на високата застапеност и различните форми на дискриминација со која се соочуваат одредени групи на луѓе во кои членуваат и млади лица. Проблем претставува и слабата организација за згрижување на лицата. Тоа што може да се истакне и заклучи од истражувањето е дека за младите лица бездомници во Македонија се потребни специјализирани услуги за нивно образување и интегрирање во општеството, на пазарот на трудот и помош при решавање на прашањето за домување.

Извори

уреди

Според податоците на Министерството за труд и социјална политика, во Македонија во 2020 година имало 244 бездомни лица, од кои 56 биле сместени во Чичино Село, 105 лица во објектот „Ранка Милановиќ“, додека 83 лица биле сместени во контејнерската населба Визбегово,[2] додека во 2021 година имало 296 бездомници, при што најголем дел од нив биле од Скопје. Но, реално се смета дека бројката е поголема, затоа што многу бездомници од страв и срам не се пријавуваат. Мажите просечно се побројни во однос на жените.[3] Според податоци од 2016 година, скоро 60% од бездомниците во Македонија биле мажи на возраст од 40 до 60 години. Голем дел, односно 30,8% од бездомниците биле разведени или разделени, 26,2 % биле самци, 13,8 во вонбрачна заедница, а 3,1 % биле сам/а со вонбрачно дете. Во однос на степенот на образование, скоро 30% од бездомниците имале завршено основно образование, 20 биле без образование, нешто над 10% со средно, а регистрирани биле и дипломирани лица (3%).[4]

Бездомништво во Македонија
Јавно бездомништво
  
16,9 %
Скриено бездомништво
  
38,5 %
Потенцијално бездомништво
  
44,6 %
Бездомништво во Македонија - родова застапеност
Мажи
  
41,5 %
Жени
  
58,5 %

Во Македонија нема забележано литература која го следи бездомништвото во континуитет и не е изработен регистар на бездомници, иако веќе неколку пати бил инициран од граѓанските организации. Постојат неколку невладини и независни организации кои работат со група потенцијални бездомници како „Една Може!“, „Национална мрежа против насилство врз жени“ и организации како „Црвен Крст“ и „Љубезност“, кои работат на терен со бездомниците и чии искуства се вметнати во истражувањето.

Главниот извор на проверени статистички и испитувачки податоци на анализата „Младите лица и домувањето“ е истражување кое било спроведено од Асоцијација за истражување, комуникации и за развој „Паблик“, што воедно е единственото кое го опфаќа бездомништвото во Македонија.

Младина

уреди

Младите во земјава немаат директна поврзаност со јавното бездомништво, не постои голема бројка на млади лица кои се бездомници, но како што се наведува во истражувањето кое било спроведено од страна на „Организација за домување и станари“ (ОДС) насловено како „Младите лица и домувањето“ во соработка со Цивика Мобилитас, тие постојано се изложени на потенцијален ризик. Причини за ова се:

  • ранливиот животен период во кој се наоѓа еден млад човек поврзан со преминот од образование кон вработување
  • нестабилноста на приходите кои вообичаено се случуваат во тој период (повремени или ниско платени работни места, заради недостатокот на работно искуство)
  • важните животни случувања (брак, формирање на семејство, формирање на мрежа на контакти – човечкиот капитал)[5]

Младите бездомници во „Младите лица и домувањето“ се претставени како ранлива група бидејќи се истражува за сѐ она што не е поврзано со видливо, јавно и стереотипно бездомништво и што припаѓа во другите два облика на бездомништво, а според обезбедените податоци, возраста на младите бездомници во земјава во просек е меѓу 15 и 30 години.

Вонинституционална поддршка

уреди

Скриеното бездомништво подразбира одредени групи на граѓани, од кои многу често се дел и младите лица, а тоа се:

  • Жени згрижени во шелтри/прифатилишта за жртви на семејно насилство;
  • Мигранти сместени во центри, прифатилиштата или социјални станови за имигранти;
  • Лица што наскоро треба да бидат ослободени од затвор, од здравствени или други институции, а немаат расположливо живеалиште.

Терминот вонинституционална поддршка според Законот за социјална заштита ги прецизира институциите кои укажуваат помош и работат со овој облик на бездомништво како центар за бездомници и дневни центри за деца на улица.

Најпознат ваков центар е Пунктот за бездомници во Момин Поток на Црвен крст на град Скопје кој започнал со работа на 25 јануари 2008 година.[6] Центрот е единственото место каде што може да се добијат услуги од доктор, социјален работник и психолог, како и хигиенски и берберски услуги, добивање топол оброк, добивање на медикаменти или вадење на лична документација.

Според официјалните податоци, од околу 150 лица кои на дневно ниво ги користат нивните услуги, бројот на млади лица се заокружува на десетина индивидуалци. Во времето на пандемијата КОВИД-19, бројот на млади со семејства се зголемил наспроти бројот на млади индивидуалци, а загрижувачки пораст бил забележан и кај бројот на жртви на семејно насилство.

Црвениот крст и здружението „Љубезност“ вршат процес на индивидуална проценка на корисникот, анализа на неговите можности и ресурси со кои располага организацијата што може да му помогне. Здружението „Љубезност“ започнало во 2013 година како неформална група за делење топли оброци и друга хуманитарна помош на бездомници, а во јануари 2015 година официјално било основано здружение под името „Љубезност“, нудејќи седмичен оброк, подршка за семејства и достава на донации.[7]

Прифатниот центар за бездомни лица Чичино село исто така претставувало опција и за бездомни лица кои се во постапка за добивање на социјален стан. Но, поради значително лошите услови, во 2022 година прифатниот центар бил затворен.[8]

Бездомници се сместуваат и во објектот за деца и младинци со нарушено поведение „Ранка Милановиќ“ во број од околу 120 лица, прифатниот центар „Визбегово“. Во оваа населба во моментот на истражувањето, биле сместени околу 120 лица од кои 40-тина биле на возраст до 30 години, со понуда на привремен облик на домување.

Според законските прописи на Македонија, бездомниците кои се сместуваат во ваквите центри немаат право на социјална парична помош и иако е предвидено бездомникот да престојува во центарот шест месеци, со можност за продолжување на уште шест месеци, практиката покажува дека во центрите има лица што остануваат таму и по повеќе од 10 години.

Ранливи групи и потенцијално бездомништво

уреди

Првиот ризик со кој се соочуваат жртвите на насилство врз база на сексуална ориентација и родов идентитет е неприфаќањето од родителите и бркањето од дома, по што тие уште во моментот стануваат бездомници. Според истражувањето, единствената можност за домување што им се нуди на овие лица е шелтер сместувањето. Корисниците на шелтрите не се квалификуваат за социјални станови, затоа што имаат родители и припаѓаат на семејство и во центрите можат да останат најмногу до 9 месеци.

Најранливата категорија на луѓе кои се диксриминирани, сегрегирани и виктимизирани и од семејството и од околината се сексуалните работници и корисниците на дроги. Тие се соочуваат со постојани проблеми на бркање и неприфаќање, а за нив не постои ниту програма за домување и социјални услуги, освен доколку се жртви на семејно насилство, па може да остварат интервентен или привремен престој во некој шелтер. Доколку се исклучат минималните услуги за основни потреби, како храна и туширање овозможени од Пунктот на Црвениот крст, прашањето за домување на оваа група лица останува проблематично и нерешливо.

Наводи

уреди
  1. „Бројот на бездомници постојано расте“. novamakedonija.com.mk. Посетено на 8 јуни 2024. Занемарен непознатиот параметар |dead-url= (help); Проверете ги датумските вредности во: |archive-date= (help)
  2. „Бројот на бездомници постојано расте“. novamakedonija.com.mk. Посетено на 8 јуни 2024. Занемарен непознатиот параметар |dead-url= (help); Проверете ги датумските вредности во: |archive-date= (help)
  3. „СПИЈАТ ПОД МОСТОВИ, ВО ПАРКОВИ И НАПУШТЕНИ ОБЈЕКТИ: Kолку бездомници има во Македонија?“. faktor.mk. Посетено на 8 јуни 2024. Занемарен непознатиот параметар |dead-url= (help); Проверете ги датумските вредности во: |archive-date= (help)
  4. „Бездомништвото не претставува само луѓе кои спијат на улица“. novamakedonija.com.mk. Посетено на 8 јуни 2024. Занемарен непознатиот параметар |dead-url= (help)
  5. „Проблемот со младите бездомници во Македонија го надминува капацитетот на социјалните услуги“. meta.mk. Посетено на 8 јуни 2024. Занемарен непознатиот параметар |dead-url= (help)
  6. „Пункт за бездомници „Момин Поток". ckgs.org.mk. Посетено на 8 јуни 2024. Занемарен непознатиот параметар |dead-url= (help)
  7. „ЗДРУЖЕНИЕ НА ГРАЃАНИ „ЉУБЕЗНОСТ". ljubeznost.mk. Посетено на 8 јуни 2024. Занемарен непознатиот параметар |dead-url= (help)
  8. „Затворен објектот во Чичино село – што ќе се случува со бездомниците?!“. mk.tv21. Посетено на 8 јуни 2024. Занемарен непознатиот параметар |dead-url= (help)