Арбенин (драма)
Арбенин - драма во стихови на рускиот писател Михаил Лермонтов, напишана во 1836 година, а објавена во 1875 година. Таа претставува алтернативна верзија на драмата „Маскарада“, напишана во 1835 година.
Ликови
уредиВо драмата се појавуваат следниве ликови:[1]
- Арбенин
- Казарин
- Кнезот Ѕвездич
- Нина
- Оленка
- Маска
- Адам Петрович Шприх
- Слугинка
- Прв играч на карти
- Втор играч на карти
- Трет играч на карти
- Четврти играч на карти
- Петти играч на карти
- Банкар
- Прв гостин
- Втор гостин
- Трет гостин
- Дама
Содржина
уредиДрамата се состои од пет чина.
- Неколку мажи играат карти, а меѓу нив е и кнезот Ѕвездич, кој ги губи сите пари. Во собата влегува Арбенин кого го пречекува неговиот стар пријател Казарин, кој го запознава со Шприх, злобен и лукав човек. Арбенин во минатото водел бурен живот, но откако се оженил, се откажал од картите. Сепак, тој седнува да игра и заработува многу пари кои му ги поклонува на тажниот кнез Ѕвездич. Потоа, Арбенин си оди дома, а Казарин му раскажува на кнезот каков човек е Арбенин.[2]
- Во домот на Арбенин се одржува бал на кој е присутен и кнезот Ѕвездич кому му е здодевно. Тогаш, кнезот ја среќава сопругата на Арбенин, Нина и двајцата си кажуваат дека се сакаат. Кога до нив се приближува човек со маска, тие го прекинуваат разговорот, а кнезот насилно ѝ ја зема ракавицата на Нина. Маскираниот човек е Казарин, кој веднаш му кажува на Арбенин дека Нина го изневерува со кнезот. Арбенин е потресен и жали за својот несреќен живот и за изгубената младост. Иако не се оженил од љубов, тој подоцна ја засакл Нина и поради тоа, зборовите на казарин ја разгоруваат неговата љубомора.[3]
- Арбенин ја обвинува Нина за неверство, а таа, за да се одбрани, му кажува дека кнезот е вљубен во Оленка, девојката која живее во нивниот дом. За да ја заштити својата заштитничка, Оленка признава и Арбенин ја моли Нина за прошка, ветувајќи дека ќе му се одмазди на клеветникот Казарин.[4]
- Арбенин оди во домот на Казарин и го обвинува за клевета. Истовремено, тој покажува едно писмо кое е доказ за убиството што своевремено го извршил Казарин. Тогаш, пристигнува кнезот Ѕвездич, кој негира дека ја сака Оленка при што ја покажува ракавицата на Нина. Поради тоа, кај Арбенин повторно се раѓа љубомората и тој го предизвикува кнезот на двобој.[5]
- Кога Арбенин се враќа дома, Нина спие, а тој се колне дека ќе се одмазди за нејзиното неверство. Во собата влегува Оленка, и Арбенин ја присилува да признае, а потоа, тој ја буди Нина, обвинувајќи ја за неверството. Претходно, Нина испила чаша лимонада, а Арбенин ѝ кажува во чашаат ставил отров и дека таа набргу ќе умре. Уплашена од блиската смрт, Нина признава дека го сака кнезот, по што Арбенин ѝ кажува дека ја излажил, односно дека во чашата немало отров. Откако го изнудува нејзиното признание, тој паѓа во очај и ја губи волјата за живот. Тогаш, во неговиот дом пристигнуваат Казарин и кнезот, кој е подготвен за двобојот, но Арбенин му влеи дека не вреди да се убиваат за толку нечесна жена како што е Нина, која ги изневерила двајцата. Кнезот си оди, а Арбенин се простува со Оленка, соопштувајќи дека си заминува засекогаш.[6]
Наводи
уреди- ↑ Mihail Jurjevič Lermontov, Izabrana djela (svezak 1.). Zagreb: Hrvatski izdavalački bibliografski zavod, 1944.
- ↑ Mihail Jurjevič Lermontov, Izabrana djela (svezak 1.). Zagreb: Hrvatski izdavalački bibliografski zavod, 1944, стр. 7-22.
- ↑ Mihail Jurjevič Lermontov, Izabrana djela (svezak 1.). Zagreb: Hrvatski izdavalački bibliografski zavod, 1944, стр. 23-38.
- ↑ Mihail Jurjevič Lermontov, Izabrana djela (svezak 1.). Zagreb: Hrvatski izdavalački bibliografski zavod, 1944, стр. 39-53.
- ↑ Mihail Jurjevič Lermontov, Izabrana djela (svezak 1.). Zagreb: Hrvatski izdavalački bibliografski zavod, 1944, стр. 55-68.
- ↑ Mihail Jurjevič Lermontov, Izabrana djela (svezak 1.). Zagreb: Hrvatski izdavalački bibliografski zavod, 1944, стр. 69-83.